Папата побара од верниците да се сетат на датумот на своето крштение

Папата побара од верниците да се сетат на датумот на своето крштение

Треба секогаш да го имаме на ум датум на своето крштение, денот на почетокот на посветувањето – рече папата Фрањо во пладневниот наговор одржан на празникот Крштение Господово, веднаш по светата Литургија во текот на која – како што рече – ја имал таа радост да крсти 34 деца.

Станува збор за празник со кој завршува божиќното време и кој го повикува секој христијанин да си спомне на таа света Тајна.

Така Папата и денес како и повеќе пати до сега, ги поттикна верниците собрани на плоштадот Свети Петар, ако не знаат или ако заборавиле на кој ден се крстени да ги прашат роднините или кумовците. Тој датум треба секогаш да го имаме на ум, затоа што на тој ден треба да славиме, тој е денот на нашето почетно посветување; тој е денот кога Отецот ни го даде Светиот Дух кој нè поттикнува на одење; тој е денот на големото простување – истакна Папата и ги предупреди сите да не заборават да прашат на кој ден се крстени.

Светиот Отец потоа зборуваше за големата Исусова понизност. Исус сакал да го прими крштението кое на реката Јордан го проповедал и делел Иван Крстител. Тоа било крштение за покора; тие кои му пристапувале изразувале желба да бидат очистени од гревот, и со Божја помош се ангажирале да започнат нов живот – потсети Папата и истакна дека затоа ја разбираме Исусовата понизност.

Тој Кој немал грев, застанал во редот со покајниците за да прими крштение на реката Јордан. Правејќи така – објасни – го покажал тоа што го прославивме на Божиќ, а тоа е неговата расположеност да се потопи во реката на човештвото преземајќи ги на себе слабостите на луѓето и делејќи ја со нив желбата за надминување на сè што разделува од Бог и што ги прави браќата странци. Како и во Витлеем – рече Светиот Отец – долж брегот на реката Јордан Бог го исполнува ветувањето дека ќе ја преземе на себе судбината на човечкото битие, а Исус на крајот е допирниот знак на тоа. Тој ја презеде на себе грижата за сите нас, во животот, во секој ден – истакна Папата.

Светиот Дух – дарот кој Отецот ни го даде на денот на крштението

На крајот папата Фрањо потсети дека Светиот Дух е остварувачот на Исусовото и нашето крштение. Духот е тој кој ни ги отвора очите на срцето за вистината, Он е Тој кој нè турка на патот на љубовта и ни ја пренесува нежноста на Божјото простување – истакна Папата и поздравувајќи ги на крајот сите собрани на плоштадот Свети Петар, уште еднаш потсети на – како што рече – домашната задача, а тоа е прашањето: кој е датумот на моето крштение? На кој ден сум крстен или крстена?

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот