Папата: Служењето е најдобриот лек против болеста за првите места

Папата: Служењето е најдобриот лек против болеста за првите места

Тоа е пат на љубовта на кој секогаш се губи, затоа што да се љуби значи да се откажеш од себичноста и самодоволноста за да им служиш на другите.

Патот на служењето е најдобриот лек против болеста за првите места – рече папата Фрањо пред пладневната молитва Ангел Господов на плоштадот Свети Петар, на 21 октомври 2018 година, осврнувајќи се на делот од Евангелието според Марко од денешната Литургија (Марко 10, 35-45) кој го опишува Исус како повторно и со големо трепние се обидува да ги исправи своите ученици одвраќајќи ги од менталитетот на светот кон Божјиот.

На Исус му се укажува прилика во однос на браќата Јаков и Иван двајцата први ученици кои ги сретнал и ги повикал да го следат – рече Папата и додаде: Поминале веќе доста време со Него и припаѓаат токму на групата на дванаесетте апостоли. Па додека биле на пат во Ерусалим и додека учениците вознемирено се надевале дека Исус таму по повод празникот Пасха конечно ќе го прогласи Царството Божјо, двајцата браќа охрабрувајќи се упатуваат барање до Учителот: „Дај ни да седнеме до Тебе, едниот оддесно, а другиот одлево, во славата Твоја.“

Исус знае дека Јаков и Иван ги движи големо воодушевување за Него и за Царството, но го знае и тоа дека нивните очекувања и ревност се загадени од духот на светот – рече Светиот Отец и продолжи: Затоа одговора: „Не знаете што барате!“ (Марко 10, 38) И додека тие разговарале за „престолите на славата“ на кои би седеле покрај Христос Царот, Он зборува за „чашата“ која треба да се пие и за „крштението“ кое треба да се прими, односно за својата мака и смрт.

Јаков и Иван постојано гледајќи кон привлегиите на кои се надевале, ентузијастички велат: „Можеме!“ – истакна папата Фрањо и рече: Но, всушност и тука не се свесни за она што го кажуваат. Исус навестува дека Неговата чаша ќе ја пијат и дека Неговото крштение ќе го примат, што значи дека и тие како и другите апостоли ќе учествуваат во Неговиот крст кога ќе дојде нивниот час.

Меѓутоа, Исус заклучува „да се седи од Мојата десна или лева страна, не зависи од Мене; тоа е за оние, за кои е приготвено“ (Марко 10, 40) – цитираше Папата и објасни: Всушност сака да каже: сега ме следите и се учите на патот на љубовта на кој се „губи“, а за наградата ќе се погрижи Отецот небесен. Тоа е патот на љубовта на кој секогаш се губи, затоа што да се љуби значи да се откажеш од себичноста и самодоволноста за да им служиш на другите.

Потоа Исус сфаќа дека останатите десетмина апостоли се налутиле на Јаков и на Иван, и на тој начин и тие покажале дека го имаат истиот менталитет на светот – рече Светиот Отец и напомена: Тоа исто така му дава прилика да го поучи на она што важи за христијаните за сите времиња, па и за нас. Исус вели: „Знаете дека оние, што се сметаат кнезови народни, господарат над нив, и управниците управуваат над нив. Но меѓу вас нека не биде така; а кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга; и кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде роб на сите.“ (Марко 10, 42)

Пораката на Учителот е јасна – рече папата Фрањо и нагласи: Додека земските владетели го градат престолот на својата власт, Бог избира неповолен престол, крстот со кој царува давајќи го својот живот: „Зашто и Синот Човечки не дојде за да Му служат, но да послужи и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина.“ (Марко 10, 45)

Патот на служењето е најделотворниот противотров и лек против болеста на барањето на првите места кои загадуваат многу човечки контексти и кои не ги штедат ниту христијаните, ниту народот Божји, а ниту црковната хиерархија. Па, како Христови ученици да го прифатиме ова Евангелие како повик на преобраќање за храбро и великодушно да сведочиме за Црквата која се наведнува над последните, и за да служиме со љубовт и едноставност. Нека Блажена Дева Марија, која потполно и понизно се држела за волјата Божја ни помогне радосно да Го следиме Исус на патот на служењето и учењето кое води во Небото – заврши Папата.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот