Папата: Патот до светоста е понизноста

Патот до светоста е понизноста – нагласи папата Фрањо на Литургијата на 1 февруари 2016 година, која ја славеше во капелата на домот Света Марта. Папата повтори дека Бог секогаш го простува гревот, но „раните на расипаноста тешко оздравуваат“.

Коментирајќи го литургиското читање, Папата рече дека цар Давид бил на чекор до расипаност. Но пророкот Натан, кој што Бог го прати, му укажа на неговиот грев. Папата во проповедта зборуваше за цар Давид, „светиот грешник“. Значи Давид е грешник, но не и расипан, бидејќи расипникот не ја сфаќа својата состојба.

Потребна е посебна милост за промена на расипаното срце. Давид уште имал благородно срце, го признал својот грев. А што му вели Натан? „И Господ го симна од тебе гревот твој; но ќе расте расипаноста која ја посеа. Уби невин човек за да ја сокриеш прељубата. Мечот никогаш нема да се одалечи од твојот дом. Бог го простува гревот, Давид се преобратил, но раните на расипаноста тешко оздравуваат. Тоа го гледаме во многу делови од светот – рече Папата.

Давид требало да се соочи со својот расипан син Авесалом, кој му објавува војна. Давид ги собира своите и одлучува да го напушти градот, но овозможува да се врати Ковчегот на заветот, не злоупотребувајќи го Бог за да се одбрани. Заминува за да го „спаси народот“. Тоа пак е патот до светоста по кој тргнува Давид, откако падна во расипаност – истакна Папата.

Давид плачејќи и со покриена глава го напушта градот, а на патот наидува на човек кој го проколнува. Семеј го нарекува „крвник“. Давид сѐ поднесува, бидејќи мисли дека Семеј „проколнува, зашто Господ му заповедал“. Потоа Давид им вели на своите слуги: „Кога синот мој, кој излегол од телото мое, ја бара душата моја, дотолку повеќе еден син Венијаминов; оставете го, нека зборува лошо, зашто Господ му заповедал“ – потсети Папата додавајќи:

Давид знае да ги распознава знаците: ова е момент на неговото понижување, момент за плаќање на сопствената вина. Можеби Господ ќе погледне на мојата неволја и ќе ми врати со добро за денешното проколнување; значи се препушта во Божјите раце. Тоа е патот на Давид, од расипаност до препуштање во Божји раце. А тоа е светост, тоа е понизност. Единствено преку понижувањето понизноста може да допре до некое срце. Нема понизност без понижување, а ако некој не поднесува понижување, тогаш не е понизен. Тоа е јасно, тоа е математика – нагласи Светиот Отец.

Понижувањето е единствениот пат до понизноста. Давид постигнува светост преку понижувањето. Светоста која Бог ја дарува на своите деца и Црква доаѓа преку понижувањето на неговиот Син, кој дозволува да го понижуваат, да го распнат. Тоа понижување на Синот Божји е патот до светоста. А Давид, со своето однесување, го пророкува Исусовото понижување. За секој од нас и за целата Црква да молиме од Бог за милост, да молиме исто така за милост да сфатиме дека нема понизност без понижување – рече на крајот од својата проповед Светиот Отец.

РВ/го*ко

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот