Папата: Пандемијата е можност да се подобри солидарноста

Папата: Пандемијата е можност да се подобри солидарноста

Примајќи ги членовите на италијанското здружение на кожарски хемичари, папата Фрањо истакна дека пандемијата Ковид-19 ја влоши и онака тешката ситуација за многу работници, но не може да стане изговор за оправдување на пропустите во безбедноста при работа и вниманието на социјалната и еколошката одговорност.

Солидарност, квалитет на работата, меѓугенерациска поврзаност, заштита на заедничкиот дом – се главните точки од говорот со кој папата Фрањо се обрати на делегацијата членови на италијанското здружение на кожарски хемичари, кои ги прими во Ватикан на 29 јануари 2022 година. Осврнувајќи се на тешкотиите во светот на работата, влошени со двегодишната пандемија, Папата ги повика присутните да посветат посебно внимание на правдата и безбедноста.

Кризата можеме да ја сфатиме како можност за заеднички раст во солидарноста и квалитетот на работата. Нека ви помогне примерот и застапништвото на свети Јосиф да не се предадете на обесхрабрувањето, креативно да ги искористите своите таленти и големото искуство, за да напредувате и да отворите нови патишта – рече Папата.

Мудрост и ентузијазам

Бидете поддршка за сите вработени во светот на кожарството, Италијанското здружение на кожарски хемичари обединува техничари, дипломирани и други вработени во кожарско преработувачката индустријата и во сите компании во овој специфичен сектор, каде што научното и техничкото знаење се применува со многу стара традиција.

Вие сте многу специфична категорија работници, која во големиот „полиедар“ на глобалното општество дава оригинален и карактеристичен придонес. Многу е важно да се комбинира мудроста на постарите со ентузијазмот на младите – рече Папата и додаде: Замислувам млади луѓе кои се воодушевуваат за овој посебен сектор како вашиот, и кои треба да најдат „старци во занаетот“ од кои можат многу да учат и тоа не само на техничко, но и на човечко ниво.

Одговорност за животната средина

На крајот, размислувајќи за влијанието врз животната средина во кои се користат хемикалии за обработка на материјали наменети за секојдневна употреба, повторно го насочи своето внимание кон грижата за заедничкиот дом. Многу е важно да се здружиме, затоа што така се споделува знаење, искуство, како и правни и технички ажурирања; така си помагаме едни на други за да растеме заедно во стилот на социјална и еколошка одговорност – рече Папата.

Италијанскиот оддел на Меѓународното друштво на кожарски хемичари, со 470 членови, е основано во 1904 година. Промовирањето на научната култура на светот на кожарството е една од главните цели на оваа реалност, која исто така се занимава со воспоставување контакти меѓу вработените во светот на преработката на кожа и во активна поддршка на школска формација со стипендии во големите италијански центри за преработка на кожа.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот