Папата од Талин: Благосостојбата не секогаш е знак за добар живот

Папата од Талин: Благосостојбата не секогаш е знак за добар живот

Нема полошо отуѓување од чувството да немате корени и да не припаѓате на никој

Народот ќе создава иднина само ако меѓу своите членови градат односи на припадност – истакна папата Фрањо во Талин, Естонија, обраќајќи се на преставниците на власта и дипломатскиот кор.

Со столетија оваа земја се нарекува „Маријанска земја“ – потсети папата Фрањо и продолжи: Тоа е име кое не припаѓа само на вашата историја, туку е дел од вашата култура. Марија е жена на сеќавање, која како богатство во срцето чува сѐ што живее; таа е плодна мајка, која дава живот на својот Син.

Вашиот народ во историјата морал да поднесе тешки страдања, борејќи се за својата слобода и независност – рече Папата и додаде: Сепак во последните нешто повеќе од 25 години, успеавте да се вратите во семејството на народите. Естонија направи големи чекори и сега сте меѓу најразвиените земји според економијата, слободата на печат, демократијата и политиката. Освен тоа ја зајакнавате вашата соработка со други земји.

Гледајќи го вашето минато и сегашност, можеме со надеж да гледаме на вашата иднина – рече Светиот Отец и напомена: Да се биде земја на сеќавање значи да се сеќавате на напредокот постигнат со работа, во духот и верата на своите претци. Нивното благодарно сеќавање значи да се препознаат сите плодови кои ги уживате денес, благодарејќи на луѓето кои дале допринес за остварување на слободата, која ве повикува да ја почитувате со отворање на патишта за генерациите кои доаѓаат после вас.

Човештвото можеме во овој момент да го видиме како поминува низ историска крстосница кога може да ја видиме во напредокот кој се оставарува на различни подрачја – рече Папата и додаде: Треба да се пофалат успесите кои допринесуваат за благосостојба на луѓето (Evangelii gaudium 52); меѓутоа треба да се има на ум дека благосостојбата не секогаш е знак за добар живот.

Во нашите технократски општества можеме да забележиме губење на смислата и радоста на живот, се гаси способноста за воодушевување кое ги поттикнува луѓето на борба за живот – рече Светиот Отец и предупреди: Свеста за припадноста и борбата за другиот, вкоренетоста во народот, културата и семејството, посетепено може да се изгуби лишејќи ги посебно младите од корените со кои треба да започнат да ја градат сопствената сегашност и иднина, бидејќи при тоа им се одзема способноста за сонување, способноста за ризик и создавање.

Да се стави целата доверба во технолошкиот напредот како единствен можен пат за развој може да доведе до губење на способноста за воспоставување меѓучовечки, меѓугенерациски и интеркултурални врски, а тоа е она животно ткиво кое е важно да се чувствуваме како дел од заедничкиот проект – рече Папата и напомена: Како последица на тоа, една од најважните одговорности која ја имаме во општеството, политиката и верското образование е начинот на кој ќе станеме градители на врски.

Плодната земја бара вкоренување и создавање животна мрежа која овозможува членовите на заедницата да се чувствуваат како во своја куќа – рече Папата и истакна: Нема полошо отуѓување од чувството да немате корени и да не припаѓате на никој. Земјата и народот ќе бидат плодни и ќе создаваат иднина доколку градат односи на припадност; ако се залагаат за интеграција на различните заедници и генерации и го прекинат умртвувањето на чувствата и оддалечување од другите – рече Светиот Отец.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот