Папата: Од апостолите Петар и Павле учиме да веруваме дури и во неволја

Папата: Од апостолите Петар и Павле учиме да веруваме дури и во неволја

На празникот на светите заштитници на Рим, маченици, Папата во своето пладневно обраќање, според традицијата, се осврна на нивното постепено созревање како христијани, на противречностите на Петар и на сомнежите на Павле. И ние се сомневаме пред искушенијата; напротив, тоа треба да го правиме за зголемувањето на нашата доверба во Бога.

Како апостолите Петар и Павле, и пред нас е процес на созревање во христијанскиот живот. Ова го истакна папата Фрањо во своето пладневно обраќање на 29 јуни 2022 година, на празник на двајцата светители заштитници на Рим. Папата го нарече процесот „учење на верата“; ние веруваме дека Исус е Месијата, Син на живиот Бог, но ни треба време, трпение и многу понизност за да го направиме нашиот начин на размислување и дејствување целосно да го прифати евангелието.

Петар и неговите бунтови против Божјиот план

Петар, на пример, го препознава Синот како Син на живиот Бог, но ова исповедање на верата не е плод на неговото човечко разбирање – објасни Папата. Бог е тој што го вдахновил. И ќе помине долго време додека тие зборови целосно ги прифати во неговиот живот. Навистина, кога Исус подоцна објавил дека ќе мора да пострада и да биде осуден на смрт, Петар ја отфрла оваа перспектива и отворено му кажува на Учителот, кој, напротив, го прекорува: „Бегај од Мене, сатано! Оти не мислиш на она што е Божјо, туку на она што е човечко!“

Забележувајќи дека тоа ни се случува и нам, римскиот бискуп рече дека го исповедаме Символот на верата, го изговараме со вера, но пред тешките животни искушенија се чини дека сè се тресе и ние се бунтуваме против Бога, велејќи му дека тоа не е фер, дека мора да има други начини, поедноставни, помалку тешки. Ние ги доживуваме маките на верник кој верува во Исус, има доверба во него; но во исто време чувствува дека е тешко да го наследува и е во искушение да бара други патишта, различни од оние на Учителот.

Свети Петар ја доживеа таа внатрешна драма, и требаше време и созревање. На почетокот се згрозуваше од помислата на крстот; но на крајот од својот живот смело посведочи за Господ, до тој степен што – според преданието – побарал да биде распнат наопаку, за да не биде како Учителот.

Павле и неговите неуспеси и маки

Павле не бил без сомнежи и несигурности – продолжи папата Фрањо. Објавувањето на Воскреснатиот на пат кон Дамаск за него е само почеток на патувањето на кое ќе се соочи со кризи, неуспеси и постојани маки. Патот на верата никогаш не е лесен, ниту за никого, ниту за Петар ниту за Павле, ниту за кој било друг христијанин; патот на верата не е лесен, туку напорен, понекогаш и тежок. И Павле, откако станал христијанин, морал постепено да научи да биде потполн христијанин, посебно во моментите на искушение.

Според папата Фрањо, затоа искуството на светите Петар и Павле за секој христијанин е појдовна точка за размислување за степенот на зрелост на неговата вера и неговиот однос со Бога во тешкотии и искушенија. Наместо обесхрабрување, на нив треба да се гледа како можност за раст во довербата во Господа, за Бог да не избави од сите зли дела и да не спаси за неговото небесно царство (сп. Тимотеј 4,18) – рече на крајот папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот