Папата: Одете храбро кон мисионерските граници

Папата: Одете храбро кон мисионерските граници

Одете храбро кон мисионерските граници и бидете во близина на едноставните – рече папата Фрањо на монасите од Институтот на Безгрешно зачнување на 18 февруари 2017 година, кои се собраа во Рим, по повод Генералното собрание.

Конгрегацијата на маријанските оци на Безгрешното зачнување е основано во 1673 година во Полска од свети Станислав од Исус и Марија, а институтот денес делува во 26 земји во целиот свет.

Светиот Отец на членовите на конгрегацијата им рече дека примерот на нивниот основач, свети Станислав – кој е прогласен за светец минатата година – истовремено е светлина и водач на нивниот пат и дека тој целосно сфатил што значи да се биде Христов ученик. Во таа смисла – продолжи Папата – нивната служба на Словото е сведоштво за Христос Воскреснатиот Кој го сретнале на својот пат, додавајќи дека се повикани да ја шират пораката на Евангелието каде што Црквата ги испраќа.

Папата Фрањо исто така истакна дека христијанското сведоштво бара ангажман со сиромашните и за сиромашните, велејќи дека токму таа обврска ја карактеризира нивната конгрегација од самите почетоци. Светиот Отец ги поттикна маријанските оци да ја одржат во живот таа традиција на служење на сиромашните и понизните со навестување на Евангелието, правејќи притоа дела на милосрдието и молејќи се за душите на мртвите верници.

Папата рече дека големиот предизвик на инкултурацијата од нив бара на луѓето од нашето време, кои се вклучени во процесот на брзите општествени и културни преобразби, да им се навестува Радосната вест на разбирлив начин и јазик. Папата истакна дека евангелизациските аспекти и итната потреба за навестување на евангелската порака без разлики претставува широко поле за нивниот апостолат. Многу луѓе – рече Светиот Отец – и понатаму чекаат да го запознаат Исус, единствениот Откупител на човекот.

Тавквата итна мисија – нагласи папата Фрањо – бара како лично, така и заедничко преобраќање. Само срце кое е целосно отворено за делувањето на милостите – рече на крајот – може да ги толкува знаците на времето и да ги сфати повиците на човештвото на кое му се потребни надежта и мирот.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот