Папата: Никогаш да не се загуби сеќавањето и надежта

Папата: Никогаш да не се загуби сеќавањето и надежта

Помеѓу сеќавањето и надежта постои исто така трета димензија, а тоа е сегашноста.

Папата Фрањо е првиот Папа кој отишол на гробиштата „Лаурентино“ на периферијата на Рим за да служи света Литургија за покојните. На тие гробишта, на 2 ноември 2018 година го пречекаа неговиот викар за градот Рим кардиналот Анџело Де Донатис; помошниот епископ монс. Паоло Лојудице; капеланот задолжен за капелата на тие гробишта, монс. Клаудио Палма и градоначалничката на Рим Вирџинија Раџи.

Трогателно беше да се види Папа како застанува на гробоивте на децата кои прерано починале заради болест и несреќа, и деца кои не се родени, а се закопани на т.н. „Гробиштата на ангелите.“ Ги прочита нивните имиња, ги допре надгробните споменици полни со цвеќиња и играчки, положи бели рози и се молеше во тишина исполнет со тага. Потоа поздрави некои од роднините на тие најмали. Имаше многу солзи, но и утеха и милосрдни прегратки. На крајот отиде на плоштадот пред капелата каде го пречекаа стотина луѓе.

По читањето на делот за блаженствата од Евангелието според Матеј, Папата кратко спонтано проповедаше зборувајќи за трите димензии на животот: минатото, сегашноста и иднината, на кои упатуваше вчерашната Литургија. Денес е ден за сеќавање – рече Светиот Отец и објасни: Сеќавањето секогаш е тешко, но во исто време е обврска. Тоа е она што ги прави луѓето силни, затоа што се чувствуваат вкоренети на патот, во историјата и во народот. Сеќавањето ни помага да сфатиме дека не сме сами, дека сме народ кој има историја, минато и живот.

Тоа е сеќавање на многумина кои биле со нас на патот и сега се овде – рече папата Фрањо и продолжи: Не е лесно да се сеќаваш. Често ни е тешко да се враќаме назад и да мислиме на она што се случило: во нашиот живот, семејство, народот… Но, денес е денот за сеќавање кој нѐ води на корените; на нашите корени и на корените на нашиот народ. (…)

Помеѓу сеќавањето и надежта постои исто така трета димензија, а тоа е сегашноста, патот по кој одиме секој ден со помош на добрите светла – рече Светиот Отец и запраша: Кои се тие светла кои ќе ни помогнат да не го згрешиме патот? Кој е тој патоказ кој ни го дал самиот Бог за да не го згрешиме патот? Тие се блаженствата на кои Исус нѐ поучува во Евангелието. Тие блаженства: кроткоста, беден по дух, правда, милосрдие, чистота на срцето, тие се светлата кои нѐ придружуваат за да не го згрешиме патот, а тоа е нашата сегашност.

Овие гробишта нѐ потсетуваат на трите димензии на животот: Сеќавањето втиснато во гробовите, надежта која ја славиме во верата и патот на сегашноста поплочен со љубов – рече на крајот папата Фрањо и поттикна: Да го молиме Господ да ни даде милост никогаш да не го загубиме и да не го сокриваме сеќавањето на личноста, семејството и народот. Да ни ја даде милоста на надежта затоа што надежта е Неговиот дар; да знаеме да се надеваме, да гледаме кон напред, да не останеме затворени пред ѕидот; да сфатиме кои се тие светла кои ќе нѐ придружуваат на патот за да не го згрешиме, туку да дојдете таму каде нѐ чекаат со многу љубов.

На враќање во Ватикан, Папата кратко се задржа во криптата на базиликата Свети Петар каде се молеше за покојните папи.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот