Папата: Не плашете се да ја споделувате надежта

Папата: Не плашете се да ја споделувате надежта

Не плашете се да ја споделувате надежта – истакна папата Фрањо на Генералната аудиенција која се одржа на плоштадот Свети Петар на 27 септември 2017 година, продолжувајќи со серијата катехези за христијанската надеж.

Темата на размислувањето беше „непријатели на надежта“. Надежта го одржува животот исправен, го штити и го зацврстува – рече Папата.

Надежта е порив во срцето на оној кој тргнува на пат, кој го остава својот дом, својата земја, понекогаш и своето семејство, во потрга за подобар животот. Исто така надежта е поттик во срцето на оној кој прифаќа: желба за средба, меѓусебно запознавање, дијалог. Надежта е и порив за да се сподели патување како што нè потсетува и кампањата на Меѓународниот Каритас, која ја започнуваме денес – рече папата Фрањо и продолжи: Браќа и сестри, да не се плашиме да споделуваме патување! Да не се плашиме да ја споделуваме надежта!

Но, како и секое добро во светот и надежта има свои непријатели – предупреди Светиот Отец. Еден од нејзините непријатели е „полн стомак“. На оној кој сè во животот му било убаво, честопати повеќе не е способен да посака нешто од животот. Сиромашните се тие кои се први носители на надежта. Со други зборови, надежта во прв ред е крепост на сиромашните.

Следниот непријател на надежта е празнината на душата. Тоа е една од најлошите пречки за надежта и за духовниот живот на христијанинот. Потсети дека ранохристијанските монаси и пустињаците тој ревен противник со право го нарекле „пладневен ѓавол“, бидејќи доаѓа на дневна светлина, додека сме зафатени со своите редовни задачи и работи. Тоа искушение доаѓа кога најмалку очекуваме: деновите стануваат монотони и досадни, ниту една вредност не изгледа достојна за напор. Станува збор за ацедија, духовна тупост, која го нагризува животот одвнатре, оставајќи зад себе „празна школка.

Кога нашите сили ќе ослабат и кога борбата против тоа внатрешно нагризување на нашиот живот станува тешка, секогаш можеме да посегнеме по Исусовото име и да молиме: Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме мене, грешникот! – истакна Папата и продолжи: Ако Исус го победи светот, тогаш е способен да го победи сето она во нас што се противи на доброто. Ако Бог е со нас, никој нема да ни ја одземе крепоста која несоменено ни е потребна за живот. Никој нема да ни ја одземе надежта.

Како што беше најавено, папата Фрањо после катехезата ја започна двегодишната кампања на Меѓународниот Каритас со мото „Сподели патување“, чија цел е промовирање на културата на средба и да се поттикнат луѓето со отворени срца и ум да ги прифатат мигрантите и бегалците. Светиот Отец меѓу останатото рече дека Христос нè поттикнува да ги прифатиме своите браќа и сестри со отворени раце, подготвени за искрена прегратка, и исто така се заблагодари на членовите на Каритас и другите црковни организации за нивната постојана посветеност во корист на мигрантите, велејќи дека тие претставуваат знак на отворена и инклузивна Црква која прифаќа.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот