Папата: Неправдата е коренот на сиромаштвото

Папата: Неправдата е коренот на сиромаштвото

Исусовите ученици не се создадени за предвидлив и спокоен нормален живот.

Неправдата е коренот на сиромаштвото, да го слушнеме крикот на последните – поттикна папата Фрањо на светата Литургија која ја служеше во базиликата Свети Петар во Ватикан, на 18 ноември по повод Светскиот ден на сиромашните.

Осврнувајќи се на Евангелието кое зборува како Исус ги умножува лебовите и оди по морето, Папата истакна дека Исус го остава мноштвото токму во моментот на успех, кога Му воскликнувале, затоа што ги нахранил. Учениците кои сакале да уживаат во славата ги присилува да заминат и го отпушта мноштвото (Матеј 14, 22-23). Народот го барал, но Исус заминал на гората за да се помоли. Потоа среде ноќ се симнува и се придружува на учениците одејќи по разбранетото море.

Исус во сè оди против струјата – рече Светиот Отец и објасни: Најпрво се одрекува од успехот, а потоа од спокојот. Нè учи да се одрекуваме од успехот кој го надминува срцето и од спокојот кој ја заспива душата. Сето тоа го прави за да нè сврти кон Бог, молитвата и оние во потреба. Бог и ближните се вистинското богатство во животот. Потребно е да се воздигнеш до Бог и да се спуштиш до браќата. Тоа е патот на кој укажува Исус. Тој нè одвојува од неактивно животарење во малите секојдневни задоволства.

Исусовите ученици не се создадени за предвидлив и спокоен нормален живот – рече папата Фрањо. Како и нивниот Господ живеат на патот, неоптоварени, подготвени да ја остават славата која се појавува во некој момент, внимателни да не се наврзат на добра кои поминуваат. Христијанинот знае дека неговата татковина е некаде на друго место, знае дека уште сега како што апостолот Павле потсетува во Посланието до Ефесјаните е „сожител на светиите и свои на Бога“ (Ефесјаните 2, 19). Тој е патник, секогаш во движење.

Не живееме за да собираме, нашата слава е во тоа да го оставиме она што поминува за да го задржиме она што останува – рече Папата и поттикна: Да Го молиме Бог за да наликуваме на Црквата како што е опишана во Делата на светите Апостоли: секогаш во движење, подготвена да остави сè и верна во служењето (Дела 28, 11-14). Нека Господ нè ослободи од слободното време, од мирното море во нашите сигурни кораби. Нека нè ослободи од самодоволноста која го оптеретува животот и од барањето на успех. Нека нè научи да ги напуштаме работите за својот живот да го свртиме кон неговиот живот, односно кон Бог и ближниот.

Среде ноќ Исус одејќи по морето доаѓа кај учениците кои биле потопени во темнина (Матеј 14, 25) – рече Светиот Отец и толкуваше: Имено се работело за езеро, но морето во тоа време со својата темна длабочина потсетувало на силите на злото. Исус со други зборови оди во пресрет на своите газејќи по нивните зли духови. Тоа не е знак на прослава на моќта, туку дека само Исус ги победува нашите големи непријатели: ѓаволот, гревот, смртта и стравот.

Бродот на нашиот живот често е фрлан во бранови и го тресат ветровите, а кога водата е мирна набрзо станува немирна – рече папата Фрањо. Потоа се лутиме на животните бури кои изгледаат како наши единствени проблеми. Но, проблемот не е бурата во некој момент, туку како да се плови во животот. Тајната на добрата пловидба е да се покани Исус на бродот. Кормилото на животот мора да Му го дадеме Нему за Тој да управува со него. Само Тој дава живот во смртта и надеж во болката. Само Тој со простувањето го оздравува срцето и со довербата ослободува од стравот.

Да Го повикаме денес Исус на бродот на својот живот – рече Папата и додаде: Како учениците ќе доживееме дека со Него на бродот ветровите се смируваат (Матеј 14, 32) и никогаш не се случува бродолом. Само со Исус можеме да се охрабриме. Силно ни требаат луѓе кои знаат да утешат, но не со празни зборови, туку со зборови за живот. Во името Исусово треба да се дарува вистинската утеха.

Исус среде бурата ја дава раката (Матеј 14, 31) – рече Светиот Отец и продолжи: Го фаќа Петар за рака кој се исплашил, се сомневал и тонел викајќи: Господи, спаси ме! (Матеј 14, 30). Можеме да се соживееме со ситуацијата на Петар. И ние сме луѓе со слаба вера и овде сме за да испросиме спасение. Сиромашни сме со вистинскиот живот и ни треба Господовата испружена рака која ќе нè извлече од злото. Тоа е почетокот на верата: да се откажеше од горделивото уверување дека со нас сè е во ред, дека сме способни и независни, и да признаеш дека ни е потребно спасение.

Верата расте во таква атмосфера во која се прилагодуваме така што сме заедно со оние кои не се воздигнуваат, туку се покажуваат во потреба и бараат помош – рече папата Фрањо и напомена: Затоа за сите нас е важно да се живее верата во однос на оние во потреба. Тоа не е социолошка можност, туку теолошка потреба. Да се признаеме за питачи на спасението, браќа и сестри на сите посебно на сиромашните на кои Господ им дава предност. Така го впиваме духот на Евангелието: духот на сиромаштвото и љубовта, а тоа е слава и знак на Христовата Црква (Gaudium et spes 88).

Исус го слушнал крикот на Петар – рече Папата и поттикна: Да молиме за милоста за слушање на крикот на оние кои живеат на разбеснети води. Крикот на сиромашните, загушениот крик на децата кои не можеле да се родат, децата кои страдаат од глад и децата кои навикнале на звуците на бомбите наместо на шумот на релаксирана игра. Тоа е крикот на отфрлените и напуштените стари лица. Тоа е крикот на оние кои се соочуваат со бури во животот немајќи пријатели. Тоа е крикот на оние кои мора да бегаат оставајќи ги домовите и земјите без сигурност дека некаде ќе пристигнат.

Тоа е крикот на цели народи кои се лишени од големите природни богатства кои им припаѓаат – рече Светиот Отец и додаде: Тоа е крикот на многу Лазари кои плачат додека некој расипник слави со она што преку правдата им припаѓа на сите. Неправдата е изопачениот корен на сиромаштвото. Крикот на сиромашните станува секој ден сѐ посилен, но секој ден сѐ помалку се слуша, го надминува бучавата на богатите кои ги има сѐ помалку, но уште повеќе се богати.

Пред човечкото достоинство кое често се гази многумина остануваат со скрстени раце, немоќни пред мрачните сили на злото – рече папата Фрањо и предупреди: Но христијанинот не може да стои со скрстени раце, рамнодушен или со раширени раце помирувајќи се со фактите. Верникот дава рака како што Исус му направил нему. Бог го слуша крикот на сиромашните, а ние? Имаме ли очи за да го видиме, уши за да го слушнеме, испружени раце за да помогнеме? „Самиот Христос во сиромашните гласно ја бара љубовта на своите ученици.“ Бара од нас да Го препознаеме во оние кои се гладни и жедни, странци и лишени од достоинството, во болните и затворениците (Матеј 25, 35-36)

Господ пружа рака – рече Папата и нагласи: Тоа е бесплатен и необврзувачки дар. Така треба да се прави. Не сме повикани да правиме добро само на оние кои ни прават добро. Да се возвраќа е нормално, но Исус бара да одиме понатаму од тоа (Матеј 5, 46); да дадеме на оние кои не можат да ни вратат; односно да љубиме бесплатно (Лука 6, 32-36)

Да ги погледнеме своите денови. Меѓу многуте работи правиме ли нешто бесплатно некому кој не може да ни возврати? Таа е нашата испружена рака и нашето вистинско богатство на небото. Господ ни пружи рака и нè фака! Помогни ни да љубиме како што љубиш ти. Научи нè да го оставиме она што поминува, охрабри ги оние со кои живееме и бесплатно да се даруваме на оние кои се во потреба- заврши Светиот Отец.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот