Папата: На светот му треба мир, но не заснован на оружје и страв

Папата: На светот му треба мир, но не заснован на оружје и страв

Папата Фрањо упати силен апел до лидерите на државите и меѓународните организации да реагираат на тенденцијата за зголемување на конфликтот и спротивставувањата. Украинската криза требаше да биде, но ако се сака сѐ уште може да биде предизвик за мудрите државници кои се способни да изградат подобар свет за новите генерации преку дијалог.

По молитвата на Ангел Господов во недела 3 јули 2022 година, Папата уште еднаш ја изрази својата загриженост за украинската криза и ги охрабри верниците да продолжат да се молат за мир во таа земја и во целиот свет.

Украинската криза – предизвик за мудрите државници

Апелирам до лидерите на државите и меѓународните организации да одговорат на тенденцијата за зголемување на конфликтот и спротивставувањата. На светот му треба мир. Но – појасни Папата – не таков кој ќе се темели на рамнотежа во вооружувањето, на обостран страв, бидејќи тоа би значело враќање на историјата седумдесет години назад. Украинската криза – додаде тој – требаше да биде, но ако се сака сѐ уште може да биде предизвик за мудрите државници, способни да изградат подобар свет за новите генерации преку дијалог. Со Божја помош, тоа секогаш е можно! – истакна Папата.

Но, за тоа е неопходно да се премине од стратегијата на политичка, економска и воена моќ кон глобален мировен проект; „не“ за свет поделен меѓу конфликтните страни; „да“ за свет обединет меѓу народите и цивилизациите кои се почитуваат – рече папата Фрањо.

Нови блаженици

Светиот Отец ги спомена и новите блаженици, свештеникот Педро Ортиз де Зарат и Исусовецот Џовани Антонио Солинас, кои вчера во Аргентина беа издигнати во чест на олтарот. Станува збор за мисионери кои го посветиле својот живот на пренесување на верата и заштита на домородните народи, а биле убиени во 1683 година, бидејќи ја носеле евангелската порака за мир. Нека примерот на тие маченици ни помогне да бидеме сведоци на Радосната вест без компромиси, великодушно посветувајќи се на служење на најслабите – рече Папата.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот