Папата на света Литургија со конгоанската заедница во Рим: Бидете нежни сведоци на мирот

Папата на света Литургија со конгоанската заедница во Рим: Бидете нежни сведоци на мирот

Бидејќи беше принуден да го одложи патувањето во Африка, кое требаше да започне на 2 јули, папата Фрањо, во знак на блискост и љубов кон населението што го чекаше, ја предводеше светата Литургија со конгоанската заедница во Рим во базиликата Свети Петар. На денот кога требаше да биде во Киншаса, тој повика на мир и помирување во Демократска Република Конго. Покрај тоа, тој поттикна на смирување на алчноста, гневот и да се бега од корупцијата; ако мирот тргне од срцето на секој поединец, тој може да ги промени општествата и земјите.

Ако се запрашаме која е нашата задача во светот, што ние како Црква треба да правиме во историјата, одговорот е јасен во Евангелието, тоа е мисијата. За да ја навестиме Божјата близина, учениците одат далеку, одат во мисии. Зашто, кој ќе го прифати Исус, чувствува дека треба да го следи – рече папата Фрањо, коментирајќи го Евангелието од неделната Литургија, која ја служеше во ватиканската базилика заедно со конгоанската заедница во Рим. Светата Литургија се славеше според заирскиот обред – кој го носи името на поранешната Демократска Република Конго – кој е единственото инкултуриран во латинската Црква.

Сите ние сме мисионери на Исус

Божјата близина е извор на нашата радост – истакна тој – ние сме сакани и никогаш не сме оставени сами. Но, радоста што доаѓа од Божјата близина, додека дава мир, не нè остава на мир, нè исполнува со чудење, нè изненадува и го менува нашиот живот.

Како христијани, не можеме да бидеме задоволни да живееме во просечност, од ден на ден. Не, сите ние сме Исусови мисионери – истакна Папата и забележа како евангелието уште еднаш нè изненадува со тоа што ни го покажува Господ кој испраќа ученици без да чека да бидат подготвени и добро обучени. А начинот на кој ги испраќа е полн со изненадувања – рече Папата и истакна три карактеристики, мисионерски изненадувања, три работи кои нè восхитуваат, кои Исус ги одредил за своите ученици и за секој од нас ако го слушаме.

Без заедништво нема послание

Првото изненадување е опремата. Имено, за да се оди во мисија на непознати места, потребно е со себе да ги понесете барем најосновните работи. Исус не кажува што треба да се земе, туку, напротив, што не треба да се земе. Треба да одите без багаж, без обезбедување, без никаква помош. Често мислиме дека нашите црковни иницијативи не функционираат како што треба затоа што ни недостасуваат структури, пари и ресурси; но тоа не е точно – предупреди Папата. Да не се надеваме во богатството и да не се плашиме од нашата материјална и човечка сиромаштија. Колку сме послободни и едноставни, мали и понизни, толку повеќе Светиот Дух го води посланието и нѐ прави протагонисти на неговите чуда.

За Христа основната опрема е братот. Тоа е интересно – забележа Папата. „Ги испрати по двајца“, вели Евангелието. Не сам, секогаш со братот. Никогаш без братот, бидејќи без заедништво нема послание. Не постои навестување кое функционира без грижа за другиот – рече Папата и додаде дека затоа секој може да се запраша: дали јас како христијанин размислувам повеќе за она што ми недостига за да живеам добро или да се погрижам за моите браќа ?

Христијанинот секогаш донесува мир

Второто мисионерско изненадување е пораката. Господ им заповеда насекаде да се претставуваат како гласници на мирот. Христијаните не се препознаваат по добро подготвени говори – истакна тој – туку по тоа што се трудат да донесат мир, бидејќи Христос е мир. Тоа е нивната карактеристика. Ако, напротив, шириме озборувања и сомнежи, поттикнуваме поделби, го спречуваме заедништвото, тогаш не дејствуваме во името на Исус, не го носиме неговиот мир – рече Папата и го поттикна да се моли за мир и помирување во толку ранета и експлоатирана Демократска Република Конго; за христијаните да бидат сведоци на мирот, способни да го надминат секое чувство на омраза и одмазда, чувството дека помирувањето не е можно, секаква нездрава приврзаност кон сопствената група која води до презир кон другите.

Мирот започнува од нас; од срцето на секој од нас. Да се внесе мир и ред во сопственото срце, да се смири алчноста, да се згасне омразата и лошото сеќавање, да се бега од корупцијата, измамата и лукавството; тука започнува мирот. Секогаш би сакале да сретнеме нежни, добри, мирољубиви луѓе, почнувајќи од нашите роднини и соседи – истакна Папата. Но, Исус ни кажува дека мораме да внесеме мир во нашиот дом, и да го почитуваме и да се грижиме за нашето семејство, децата, постарите лица и нашите ближни.

Да се навести Божјиот стил – близина, сочувство и нежност

По поздравот на мирот, на учениците им беше доверено она најважното, да ја навестат Божјата близина, односно неговиот стил. Божјиот стил е јасен: близина, сочувство и нежност. Оттука доаѓа надежта и преобраќањето, од верувањето дека Бог е близу и нè чува. Тој е Отец на сите и сака сите да бидеме браќа и сестри. Ако живееме во таа смисла, светот повеќе нема да биде бојно поле, туку градина на мирот; историјата нема да биде трка за да се стигне прв, туку заедничко ходочастие – објасни Папата.

За сето ова не се потребни големи говори, туку малку зборови и многу сведоштва – забележа Светиот Отец и повторно поттикна да се запрашаме: гледаат ли во мене оние што ќе ме сретнат сведок на мирот и Божјата близина или личност која е немирна, лута, нетолерантна, воинствена? Дали го покажувам Исус или го сокривам?

Кој живее како јагне, наоѓа сигурност во својот пастир

И конечно, третото мисионерско изненадување се однесува на нашиот стил . Исус бара од своите ученици да одат во светот како јагниња меѓу волци, додека здравиот разум на светот – забележа Папата – го вели спротивното: наметни се, биди прв! Христос, напротив, сака да бидеме јагниња, а не волци. Ова не значи да се биде наивен, туку да се гнасиме од секое чувство на надмоќ и насилство, алчност и поседување – објасни Папата. Кој живее како јагне, не напаѓа; тој е во стадото со другите, а сигурноста ја наоѓа во својот пастир, а не во силата или ароганцијата, во алчноста за пари или добра што предизвикуваат толку голема штета на Демократска Република Конго.

Исусовиот ученик го отфрла насилството, никому не прави штета и секого сака – истакна Папата и повторно поттикна да се запрашаме: дали живеам како јагне, како Исус или како волк, како што учи духот на светот, оној дух што поттикнува војни, што уништува? Нека Господ ни помогне да бидеме мисионери денес, одејќи во друштво на брат и сестра; имајќи го на усните мирот и Божјото присуство; носејќи ја во своето срце благоста и добрината на Исус, Јагнето што ги зема гревовите на светот – рече папата Фрањо и на крајот на конгоански јазик рече: Moto azalí na matói ma koyóka (Кој има уши нека слуша).

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот