Папата на Литургијата во Унгарија: Христос нè повикува по име и нѐ испраќа

Папата на Литургијата во Унгарија: Христос нè повикува по име и нѐ испраќа

Папата Фрањо ја предводеше неделната света Литургија на историскиот плоштад во Будимпешта Кошут Лајош, во недела 30 април 2023 година, фокусирајќи се во својата проповед на ликот на Добриот Пастир кој ги знае своите овци и ги повикува по име, а потоа ги испраќа да бидат сведоци на Евангелието

Папата Фрањо го започна својот трет и последен ден во Будимпешта со света Литургија на која присуствуваа десетици илјади верници собрани од раните утрински часови на плоштадот Кошут Лајош во центарот на Будимпешта.

Светиот Отец во својата проповед се фокусираше на евангелското читање за четвртата Велигденска недела, зборувајќи се на ликот на Добриот Пастир. Добриот пастир, рече тој, „го полага својот живот за овците свои “.

„Исус, како пастир кој оди да ги бара овците од своето стадо, дојде да нѐ најде кога бевме изгубени. Како пастир дојде да нѐ избави од смртта“, рече Папата.

Христос, Добриот Пастир, прави две конкретни работи за своите овци, продолжи Папата: Тој ги повикува своите овци по име и ги изведува.

Повикува по име

Папата Фрањо ги потсети верниците дека Бог секој од нас го повикува по име, сакајќи „да нѐ спаси од гревот и смртта, да ни даде живот во изобилство и бескрајна радост“.

„Исус дојде како добар пастир на човештвото да нѐ повика и да нè врати дома“.

Затоа – објасни папата Фрањо – како христијани сите сме „по име повикани од Добриот Пастир, повикани да ја прифатиме и шириме Неговата љубов, да го направиме Неговото стадо за сите и никогаш да не ги исклучуваме другите“.

Од тука – рече Папата- произлегува дека сме повикани да градиме братство и да избегнуваме поделби, „отворајќи ги нашите срца за взаемна љубов“.

Пастирот ги „изведува“

Откако Пастирот ќе ги повика своите овци – продолжи Папата – ги „изведува“ за да ги испрати во светот да бидат „сведоци на љубовта што ни дава ново раѓање“.

Објаснувајќи ја симболикта на вратата, папата Фрањо рече дека Исус е вратата што нè носи „во стадото на Црквата“ и потоа „нѐ води назад во светот“.

Папата со жалење посочи на затворените врати за осамените, непривилегираните, странците, мигрантите; затворените врати кои се наоѓаат „дури и во нашите црковни заедници“, затворени врати „за другите луѓе… за светот… за оние кои се „нередовни“… оние кои копнеат за прошка од Бога“.

Оттука и апелот на папата Фрањо до верниците: „Ве молам, да ги отвориме тие врати!“ Да се обидеме да бидеме, со нашите зборови, дела и секојдневни активности, како Исус, отворена врата, врата која никогаш никому не се затвора, врата која дозволува секому да влезе и да ја доживее убавината на Божјата љубов“.

Бидете отворени врати!

Обраќајќи им се на бискупите и свештениците, како и на сите оние кои се „пастири“ во Црквата, Папата ги повика да бидат „уште поотворени врати, „помошници“ на Божјата благодат.

Исто така тој упати апел до верниците лаици, вклучително и катехистите и пасторалните работници, политички и општествени лидери: „Бидете отворени врати!… Бидете отворени и инклузивни, така и на тој начин ќе и помогнете на Унгарија да расте во братство, што е патот на мир“.

Светиот Отец ја заврши својата проповед повикувајќи ги верните никогаш да не се обесхрабруваат и да запомнат дека Исус Добриот Пастир „нè повикува по име и се грижи за нас со бескрајно нежна љубов“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот