Папата на Генералната аудиенција: Правејќи дела на љубовта, постигнуваме заедништво на христијаните

Да не го насочуваме погледот на она што нѐ дели, туку на она што нѐ обединува – е повикот на Светиот Отец кој на 8 Октомври – за време на Генералната аудиенција – на плоштадот Свети Петар, го упати на верниците. Папата смета дека не треба да заборавиме дека има толку наши браќа по вера во Христос кои припаѓаат на други вероисповеди или традиции поинакви од нашата.

Поделбите низ историјата често биле причина за конфликти и страдања – па и за војни – и тоа е срамота! Се прашувам: како се однесуваме кон сето тоа? Веруваме ли цврсто дека може и треба да се оди кон помирување и потполно заедништво, т.е. можноста за заедничко учествување во славењето на Телото и Крвта Христови? – рече Папата.

Додаде како поделбите меѓу христијаните – доколку ја рануваат Црквата – Го рануваат и самиот Христос бидејќи Црквата е Неговото Тело, на кое Христос е глава. Добро знаеме колку на Исус му било на срце Неговите ученици да останат обединети во Неговата љубов – рече папата Фрањо, укажувајќи на Исусовата молитва упатена кон Отецот: Оче Свети, сочувај ги во Своето Име, оние кои си ми ги дал: да бидат сите едно како што сме ние едно.

Папата потсети на тоа дека заедништвото на Неговите ученици било загрозено додека Он сеуште бил со нив бидејќи учениците се расправале меѓу себе кој од нив е најголем, најважен, додека Господ инсистирал на единство, за да сфатиме дека нашето сведоштво е толку веродостојно колку што сме способни  да живееме во заедништво и добродушност.

За жал, Црквата била изложена на тешки и болни поделби… Причините за тоа можат да бидат најразлични, од разликите во догматските и моралните начела или во различното разбирање на теологијата и пасторалот, потоа политички и традиционални мотиви, па се до побуна од антипатија или лични амбиции… Зад овие рани секогаш стои горделивоста и егоизмот, причините на секоја неслога и судир, кои нѐ прават нетрпеливи, неспособни да слушаме и прифатиме некого со поинаков поглед или став од нашето – смета Папата.

Она што секој верник може и треба да го направи – вели Светиот Отец – е да моли и тоа во заедништво и со Исусовата молитва за единство на христијаните. Со молитвата Господ од нас бара и обновена отвореност: да прифатиме сѐ што е соодветно и добро кај оние кои поинаку мислат или имаат поинакво гледање – истакна Папата.

Понатаму, погледот да не го насочуваме на она што нѐ дели туку на она што нѐ обединува, трудејќи се подобро да го запознаеме и возљубиме Исуса и да го споделиме богатството на Неговата љубов. Тоа повлекува конкретно почитување на вистината, способност за простување, да се сметаме дел од исто христијанско семејство, сметајќи ги другите за дар и правејќи заедно многу добри работи, дела на љубовта – рече Папата.

Болно е тоа што постојат поделби меѓу христијаните – додаде папата Фрањо, потсетувајќи дека на сите ни е заедничка верата во Исус Христос, Господ. Сите веруваме во Отецот, во Синот и во Светиот Дух и сите сме заедно на тој пат. Да си помогнеме едни на други! – повика Папата – да одиме заедно, молејќи едни за други и правејќи дела на љубовта. Така во своето одење ќе постигнеме заедништво.

Тоа се нарекува духовен екуменизам: да бидеш заедно на патот на животот; во заедништво на верата во Исус Христос, Господ – објасни Папата, додавајќи дека е благодарен на Господ, бидејќи токму на денешен ден – пред точно 70 години – ја примил првата Света Причест.

Драги пријатели, да одиме напред кон полното единство! Историјата нѐ разделува, но сме на пат кон помирување и заедништво! Таа е вистината која треба да ја браниме! Кога таа цел ни изгледа премногу далечна, речиси недостижна, да се сетиме дека Бог не може да го отргне увото од молбите на сопствениот Син Исус и да не ја услиша Неговата и нашата молитва, за да бидат сите христијани навистина едно – поттикна и заврши Светиот Отец.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот