Папата на Генералната аудиенција: Господ со нежност ги допира нашите рани

Папата на Генералната аудиенција: Господ со нежност ги допира нашите рани

Зборувајќи за свети Јосиф како благ татко, папата Фрањо на Генералната аудиенција на 19 јануари 2022 година рече дека татковството на светецот е израз на Божјата нежна љубов.

Продолжувајќи го циклусот катехези посветени на свети Јосиф, папата Фрањо рече дека иако евангелијата не навлегуваат во детали за тоа како Јосиф го практикувал своето татковство, можеме да бидеме сигурни дека неговата праведност се преточува во образованието што му го дал на Исус.

Обвиен од прегратка на Отецот

Евангелијата сведочат дека Исус секогаш го користел зборот „оче“ кога зборува за Бога и неговата љубов, рече Папата. Многу параболи како протагонист го имаат ликот на Отецот. Осврнувајќи се на една од попознатите параболи – онаа за милосрднот Отец според Евангелието по Лука, Папата рече дека блудниот син очекувал казна, но се најдел обвиен во татковата прегратка. Нежноста е поголема од логиката на светот, нагласи тој. Никогаш не смееме да заборавиме дека Бог не се плаши од нашите гревови, нагласи Папата. Бог не се плаши од нашите гревови, Тој е поголем од нашите гревови: Тој е Отец, Тој е љубов, нежен. Тој не се плаши од нашите грешки, нашите неуспеси, туку се плаши од затвореноста на нашето срце, заради тоа и страда, се згрозува од недостатокот на нашата вера во неговата љубов. Голема е нежноста во искуството на Божјата љубов, рече Папата и убаво е да се помисли дека оваа реалност прв му ја пренел на Исус самиот свети Јосиф. Божјите работи, додаде тој, секогаш допираат до нас преку човечкото искуство.

Божјата сила поминува низ нашата кревкост

Папата повика на преиспитување дали ние самите сме ја искусиле таа нежност и дали самите сме биле сведоци на тоа. Нежноста не е првенствено емоционално или сентиментално прашање, тоа е искуство на чувство на саканост и прифатеност токму во нашата сиромаштија и беда и затоа сме пробразени од Божјата љубов.

Бог не се потпира само на нашите таленти, туку и на нашата откупена слабост, објасни Папата и додаде дека меѓу другите и свети Павле сведочи за тоа во Посланието до Коринтјаните. Искуството на нежноста е да се види дека Божјата сила поминува токму низ она што нè прави најкревки, рече Папата, додавајќи дека тоа е можно ако се оттргнеме од погледот на Злобниот кој нè принудува да гледаме на нашата слабост со негативно расудување. Светиот Дух, од друга страна, со нежност изнесува сè на виделина, забележа тој, цитирајќи го Апостолското писмо Patris Corde.

Нежноста е најдобриот начин да се пристапи кон она што е кревко во нас, додаде Светиот Отец, а како пример го наведе медицинскиот персонал кој со нежност пристапува кон ранетите и болните за да не се влоши состојбата. Така Господ ги допира нашите рани, со истата нежност, нагласи папата Фрањо. Затоа е важно да се сретнеме со Божјата милост, особено во светата Тајна Исповед, рече Светиот Отец, со што ќе се доживее искуството на вистината и нежноста.

Бог секогаш простува

Парадоксално, дури и Злобниот може да ни ја каже вистината, предупреди папата Фрањо, но ако го стори тоа, тоа го прави за да не осуди. Напротив, Вистината што доаѓа од Бога не осудува, туку нѐ прифаќа, прегрнува, поддржува, простува. Бог, посочи Папата, секогаш ги простува дури и најтешките работи.

Огледалото на Божјото татковство

Затоа, добро е да размислуваме за татковството на Јосиф, кое е огледало на Божјото татковство, и да се запрашаме дали дозволуваме Господ да нè сака со својата нежност, која секој од нас го претвора во маж и жена способни да љубат на тој начин. Без оваа „револуција на нежноста“, ризикуваме да бидеме заробени во правдата која не ни дозволува лесно да се исправиме и која погрешно го разбира откупувањето и казнувањето. Затоа, додаде Папата, сакам денеска на посебен начин да се сетам на нашите браќа и сестри кои се во затвор. Правилно е оние што згрешиле да платат за својата грешка, но подеднакво е чесно и оние што згрешиле да бидат откупени. Секоја осуда секогаш има прозорец на надеж. Да мислиме на нашите браќа и сестри во затвор, поттикна Светиот Отец, да мислиме на Божјата нежност кон нив и да се молиме во тој прозорец на надеж да најдат излез за подобар живот.

Молитва

Катехезата, како и секој пат досега, папата Фрањо ја заврши со молитва до свети Јосиф.

Свети Јосиф, нежен татко,

научи нè да прифатиме дека сме сакани токму во она што е најслабо во нас.

Дај ни да не ставаме никакви пречки на патот

помеѓу нашата сиромаштија и големината на Божјата љубов.

Разбуди во нас желба да пристапиме кон светата Тајната Помирување,

за да ни биде простено и да можеме со нежност да ги сакаме

нашите браќа и сестри во нивната сиромаштија.

Биди близок со оние кои згрешиле и за тоа ја плаќаат цената;

помогни им да ја пронајдат, покрај правдата, и нежноста за да можат да започнат од почеток.

И научи ги дека првиот начин да се започне одново

е искрено молба за прошка.

Амин.

Ватикан њуз/к.мк

5

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот