Папата на Ангел Господов: Да се бара и да се сретне Исус е големото богатство

Драги браќа и сестри, добар ден!

Кратките споредби кои ни ги нуди денешната Литургија претставуваат заклучок на поглавјето на Евангелието по Матеј посветено на параболите за Царството Божјо (13, 44-52). Две од нив се вистински мали ремек-дела: тоа е параболата за драгоценоста сокриена во нива и таа за скапоцениот бисер. Тие ни зборуваат дека Божјото Царство може да се открие изненадувачки, како кога селанецот ја обработува нивата и пронајде неочекувано богаство; односно после долгото барање, како кога трговецот на бисери најпосле го пронаоѓа најскапоцениот бисер за кој долго сонувал. Но и во едниот и во другиот случај останува примарно дека драгоценоста и бисерот вредат повеќе од сите останати добра и затоа и селанецот и трговецот кога ќе ги пронајдат се откажуваат од сѐ останато само за да ги добијат. Не им требаше многу да шпекулираат и размислуваат: веднаш стануваат свесни на единствените вредности на она што го пронашле и подготвени се да продадат сѐ за да ги имаат.

Истото важи и за Божјото Царство: оној кој ќе го најде не се сомнева, чувствува дека тоа е она што го барал, што го очекувал и што одговара на неговите вистински стремежи. И навистина е така: оној кој го познава Исус, оној кој лично Го среќава, останува маѓепсан, привлечен од толку многу добрина, толку многу вистина, толку убавина и сето тоа во голема понизност и едноставност. Да го бараш Исус, да го сретнеш Исус: тоа е големо богатство!

Колку луѓе, колку светци и светици читајќи го со отворени срца Евангелието биле погодени од Исус и затоа се преобратиле. Да се сетиме на свети Фрањо Асишки: тој веќе бил верник, но неговата вера била површна и „овошна“. Читајќи го Евангелието во пресудниот момент на својата младост го сретнал Исус и го открил Царството Божјо и тогаш неговите соништа за земска слава исчезнале. Евангелието ти помога да го запознаеш вистинскиот, живиот Исус; тоа ти зборува за твојот живот и ти го менува животот. И тогаш сѐ оставаш. Можеш да го промениш начинот на живот или да продолжиш да направиш тоа што си правел порано, но ти си друг човек ти си повторно роден: си го најдел она што дава смисла, вкус, светло на сѐ, исто така и на напорите, и на страдањата, па и на самата смрт.

Читајте го Евангелието. Читајте го Евангелието. Зборувавме за тоа, се сеќавате? Секој ден читајте дел од Евангелието; и носете мало Евангелие со вас, во џебот, во торбата, за да ни биде при рака. И тогаш, читајќи еден дел ќе го најдеме Исус. Сѐ добива смисла кога ќе го најдеш тоа богатство, кое Исус го нарекува „Царство Божјо“ односно Бог кој владее во твојот живот, во нашиот живот; тоа е љубовта, мирот и радоста во секој човек и во сите луѓе. Тоа е она што Бог го сака и она заради кое Исус се дарувал самиот себе сѐ до смртта на крстот за да нѐ ослободи од власта на темнината и да нѐ преобрази во царството на животот, убавината, добрината, радоста. Да го читаш Евангелието и да го најдеш Исус и да имаш христијанска радост која е дар на Светиот Дух.

Драги браќа и сестри, радоста која го обзема човекот кога ќе го пронајде богатството на Царството Божјо е видлива, излегува надвор. Христијанинот не може да ја сокрие својата вера, бидејќи таа е видлива во секој збор и во секој гест, па и во оние наједноставните и секојдневните: се покажува љубовта која Бог ни ја дарува преку Исус. Да молиме по застапувањето на Дева Марија Неговото Царство на љубовта, праведноста и мирот дојде во нас и во целиот свет.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот