Папата најави дека ќе именува две жени во Дикастеријата за епископи

Папата најави дека ќе именува две жени во Дикастеријата за епископи

Во интервју за агенцијата Ројтерс, папата Фрањо зборува за подобрување на положбата на жената во Римската курија и објаснува дека за прв пат две жени ќе работат во Дикастеријата, која му помага на Папата при именувањата на епископите.

Во интервју за агенцијата Ројтерс со новинарот Фил Пулел, папата Фрањо откри дека во Дикастеријата за епископи ќе назначи две жени, кои ќе бидат вклучени во процесот на избор на нови епископи. Папата одговори на прашањето за присуството на жените во Ватикан, за одредбите на новата Апостолска конституција „Praedicate Evangelium“ со која се реформира Куријата и кои дикастерии во иднина би можеле да бидат доверени да ги водат лаици.

„Отворен сум за таква можност. Управата на државата Ватикан во моментов има жена заменик-гувернер. Сега за прв пат ќе има две жени во Дикастеријата за епископи, во комисијата за избор на епископи. Така помалку се отвора“. Папата Фрањо потоа додаде дека во иднина гледа можност лаици да водат дикастерии како онаа за лаици, семејството и живот, дикастеријата за култура и образование или Библиотеката, која е речиси како дикастерија.

Папата Фрањо затоа потсети дека минатата година за прв пат назначил жена на позицијата „број два“ во администрацијата на државата Ватикан, сестра Рафаела Петрини. Покрај тоа, папата Фрањо ја назначи сестрата Натали Бекарт, французинка членка на сестрите мисионерки Ксаверки, за потсекретарка на Епископската Синода. Меѓу жените лаици кои веќе имаат високи позиции во Ватикан се Барбара Јата, првата директорка на ватиканските музеи и Кристијана Мареј, заменик-директорка на Канцеларијата за печат на Светиот Престол. И двете се предложени од сегашниот Папа. Во јануари 2020 година, за прв пат беше назначена потсекретарка во Одделот на Државниот секретаријат за односи со државите и меѓународни организации, Франческа ди Џовани, на која и е доверено следењето на мултилатералниот сектор.

Минатиот месец, кардиналот Кевин Џозеф Фарел, префект на Дикастеријата за лаици, семејство и живот, се пошегува дека со објавувањето на новата конституција, тој би можел да биде последниот свештеник што ќе води тој оддел.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот