Папата: Нашиот живот да биде благодарност кон Бог

Папата: Нашиот живот да биде благодарност кон Бог

Три работи се кои никогаш не смеат да изостануваат кај Исусовите ученици: да научат да се заблагодаруваат, да го направат животот дар на љубовта и да изградат конкретна заедница во Црквата и со сите – рече папата Фрањо за време на Генералната аудиенција на 7 март 2018 година.

Три работи се кои никогаш не смеат да изостануваат кај Исусовите ученици: да научат да се заблагодаруваат, да го направат животот дар на љубовта и да изградат конкретна заедница во Црквата и со сите – рече папата Фрањо за време на Генералната аудиенција на 7 март 2018 година, продолжувајќи со серијата катехези за светата Миса, фокусирајќи се на евхаристиската молитва која e центар и врв на светата Миса. Во таа молитва Црквата го покажува она што се остварува кога се слави Евхаристијата и причината зошто се слави, имено заедништвото со Господ Кој е реално присутен во лебот и виното.

Светиот Отец потсети дека откако свештеникот ќе го повика народот со молитва и благодарност да ги воздигнат срцата кај Господ, тој во името на целата заедница ја упатува молитвата до Бог Отецот преку Исус Христос во Светиот Дух. „Смислата на таа молитва“, како што стои во Општите уредби на Римскиот мисал „е целата група верници да се соедини со Христос во исповедувањето на чудесните Божји дела и во принесувањето на жртвата. Евхаристиската молитва бара сите да ја слушат со почит и во тишина.“ (OURM 78). А како што стои во Катехизмот на Католичката Црква „Христовата жртва и жртвата на Евхаристијата се една единствена жртва“ (ККЦ 1367)

Папата рече дека во мисалот се наоѓаат различни формули за евхаристиската молитва, а кои се состојат од карактеристичните елементи. Во своето денешно излагање посебно се фокусираше на три елементи: на давањето благодарност која доаѓа до израз посебно во предсловието; потоа на воскликот во кој целиот народ пее „Свет“ придружувајќи се така на ангелите и светците во славењето и фалењето на Господ; и конечно на епиклезата со која Црквата со посебни повици моли за Божја сила, за принесените дарови да бидат посветени, односно да станат Тело и Крв Христови. Делувањето на Светиот Дух и моќта на Христовите зборови кои ги изговара свештеникот, го прават реално присуен во лебот и виното, Христовото Тело и Крв, така ја уприсутнува неговата жртва на крстот – објасни папата Фрањо.

Тоа е таинството на верата, како што исповедуваме по посветувањето – рече Светиот Отец и продолжи: Славејќи го спомен чинот на Господовата смрт и воскресение во исчекувањето на неговото повторно доаѓање, Црквата му ја принесува на Отецот жртвата која ги помирува небото и земјата. (…) А преку јадењето на Телото Христово стануваме негово живо Тело во денешниот свет. Соединувањето со Христовата жртва исто така е таинство на заедништвото видливо во застапувањето на заедницата за Црквата и за светот – рече Папата, упатувајќи во тој контекст на она што стои во Катехизмот: „Црквата во катакомбите често била прикажувана со лик на жена во молитва, со раширени раце во став на молителка. Како Христос кој ги раширува рацете на крстот, преку Него, со Него и во Него и таа принесува и се зазема за луѓето.“

Светиот Отец истакна дека никого и ништо не се заборава во евхаристиската молитва, туку секоја работа се враќа назад на Господ. Никој не се заборава. Ако имам некој пријател или роднина, кој е во потреба или си заминал од овој на другиот свет, можам во тие моменти да се сетам во својата внатрешност и во тишина или да се погрижам за тоа неговото име да се изговори.

Папата Фрањо потоа напомена дека е свесен дека кодифицираната формула за молитвата би можела да делува далеку, но ако добро ѝ го сфатиме значењето, сигурно ќе може подобро да се учествува. Таа всушност го покажува сето она што го остваруваме со славењето на Евхаристијата и исто така нè учи да негуваме три става кои никогаш не смеат да недостасуваат кај Исусовите ученици. Тие три става според зборовите на Папата се: да научиме да се заблагодаруваме секогаш и насекаде; да направиме од нашиот живот слободен и бесплатен дар на љубовта; и конечно да изградиме конкретна заедница во Црквата и со сите. Нека ова централна молитва на светата Миса нè подучи малку по малку, целиот наш живот да стане „евхаристија“ односно делување во благодарност – рече на крајот од катехезата Светиот Отец.

Папата по катехезата го поздрави Меѓународниот параолимписки одбор и сите спортисти кои ќе учествуваат на Зимските параолимписки игри во јужнокорејскиот град Пјонгчанг. Потсетувајќи дека тој град неодамна беше домаќин на Олимписките игри, папата Фрањо рече дека тој голем спортски настан покажа дека спортот може да гради мостови меѓу земјите во конфликт, давајќи придонес и перспектива за мир меѓу народите. Напомена дека Параолимписките игри уште повеќе сведочат дека благодарение на спортот можат да се надминат сопствените тешкотии.

Светиот Отец истакна дека параолимпијците се пример за храброст, постојаност и истрајност за сè, не дозволувајќи да ги победат ограничувањата. Спортот е големо училиште на инклузивноста, но и вдахновение за нашите лични животи и определување да ги преобразиме нашите општества – рече Светиот Отец, гарантирајќи им ги на организаторите и учесниците своите молитви за тој настан да поттикне денови на мирот и радоста за сите. Додаваме дека Параолимписките игри ќе се одржат во Пјонгчанг од 9 до 18 март.

Освен тоа, Папата потсети дека следниот петок, на 9 март, во базиликата Свети Петар ќе ја предводи коризмената покорничка богослужба по повод традиционалната инцијатива „24 часа за Господ.“ А како што Светиот Отец напиша во овогодинешната порака за Великиот пост, станува збор за иницијатива која ја повикува целата црковна заедница да ја слави светата Тајна Исповед во склоп на евхаристиско обожавање. Ќе се одржи во петок на 9 и сабота на 10 март, а предвидено е дека во секоја бискупија барем една црква ќе остане отворена 24 часа без престан, пружејќи им на верниците прилика за евхаристиско обожавање и Исповед. Папата Фрањо на крајот изрази надеж дека црквите ќе бидат отворени за да ги прифатат сите оние кои сакаат да се подготват за Велигден со славење на светата Тајна Исповед за на тој начин да го доживеат Божјото милосрдие.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот