Папата: Научете да го ставате посланието на прво место

Папата: Научете да го ставате посланието на прво место

Бог нè повикува да го правиме тоа што го можеме и да се молиме за она што не го можеме.

Последниот настан во програмата за посетата на Папата на Панама, а пред враќањето во Ватикан беше средбата со волонтерите кои придонесоа за одржувањето на Светскиот ден на млади. На стадионот „Ромел Фернандез Хуан Дијаз“ во Панама се собраа 15.000 млади на кои папата Фрањо им се заблагодари и ги повика на сведочење. Со тоа заврши 34. Светски ден на млади во Панама.

Во поздравниот говор главниот координатор на Светскиот ден на млади Ромуло Агуилар истакна дека волонтерите се христијани, муслимани, будисти, евреи, па и атеисти, но сите се вдахнати од великодушноста и му дадоа на светот сè што имаа. Волонтерите пак во своите сведоштва ги истакнаа своите слабости кои ги запознале на средбата; Божјата добрина која однапред мисли на сè и молбата Светиот Отец да ги зацврсти во верата.

Надбискупот на Панама Хозе Доминго Улоа Мендиета ги повика младите да излезат од своите рамки, стравови и удобности за да одат по патот на црковната и општествената обнова во која ќе бидат вистински сведоци. Напоменувајќи дека на тој пат ќе ги придружува Светиот Дух и Блажена Дева Марија, надбискупот посака да се шири духот на служењето за да бидат делители на Божјото милосрдие во светот кој е ранет и скршен од рамнодушноста и отсуството на човечноста.

Заблагодарувајќи се на секој волонтер поединечно и истакнувајќи колку е важно да се слушаат нивните сведоштва, папата Фрањо нагласи дека доживуваме како верата поприма нов вкус и сила, станува пожива и пореална – рече. Чувствуваме поинаква радост, како што овде видов затоа што работев рамо до рамо со вас за да го оствариме заедничкиот сон. Сега знаете како чука срцето кога го живеете посланието, не затоа што некој вам ви кажал, туку затоа што сте го доживеале. Со рака го допревте тоа дека „никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи душата своја за своите пријатели“ (Иван 15, 13)

Во исто време Папата не ги сокриваше тешкотиите на тој пат на кој се среќаваат сопствените слабости и ги повика младите да не дозволат нивните ограничувања да ги закочат. Одете напред со своите слабости и гревови, Бог нè повикува да го правиме тоа што го можеме и да се молиме за она што не го можеме, знаејќи дека Неговата љубов нè води и постепено нè преобразува. Не запирајте, одете напред затоа што Бог знае сè да прости. Научете да го ставате посланието на прво место и ќе видете дека сето останото ќе се додаде.

Потоа Светиот Отец им се заблагодари и за малите работи како што е чаша вода и предупреди дека е потребно многу да се моли затоа што тоа ја дава длабочината и виталноста на тоа што се прави. Само молејќи се отвораме за Бог. Бог е Тој Кој ги плаќа откажувањата и жртвите. Треба да ја умножуваме надежта. Овде покажавте дека е можно да се откажеш од сопствените интереси во корист на другите. Господ одговара на вашата великодушност. Дадете Му и ќе ви даде многу повеќе.

Откако ја доживеа живата и вистинска вера на младите и силата која доаѓа од нивната вера, папата Фрањо ги повика младите волонтери да бидат сведоци, да говорат и да го пренесуваат она што го виделе, не со многу зборови, туку со едноставните и секојдневни гестови кои ги преобразуваат и сите работи ги прават нови. Обидете се заедно со дедовците и бабите да подигнете позитивна врева. Не плашете се, дајте да ве слушнат! Се ставаме под плаштот на Пресвета Дева Марија; нека Таа секогаш ве придружува. Како што ви реков во Краков, не знам дали ќе бидам на следниот Светски ден на млади, но Петар сигурно ќе биде и таму ќе ве зацврсти во верата. Одете напред, силно и храбро – рече на крајот папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот