Папата: Нападите во Париз се напади врз мирот на човештвото

„Потресени сме од новите терористички насилства и омраза, кои го осудуваме најкатегорично заедно со Папата и сите луѓе кои го сакаат мирот”. Ова го изјави ватиканскиот портпарол отец Федерико Ломбарди по бранот напади во француската престолнина, при што загинаа 129 лица, а над 200 беа повредени. „Се молиме за жртвите и повредените и за целата француска нација”, додаде отец Ломбарди. „Она што се случи во Париз е напад врз мирот и човештвото и бара решителни и солидарни акции од страна на сите нас, за да се спротивставиме на убиствената омраза во сите форми”.

Во телефонски разговор за време на специјалиот пренос на телевизискиот канал Tv2000 по повод терористичките напади во Париз, папата Фрањо рече: „Запрепастен сум и тажен. Не разбирам, бидејќи овие работи извршени од човечки суштества се тешки за разбирање. Затоа сум запрепастен и тажен, се молам за жртвите. Се придружувам кон болката на францускиот народ, кој многу го сакам, како и кон блиските на жртвите, се молам за сите“. «Нема оправдување за овие нешта», додаде папата Фрањо и ова е дел од Третата светска војна на делови, за која што често зборува Папата. «Нема религозно и човечко оправдување, тоа не е човечко. Затоа сочувствувам со цела Франција, која многу ја сакам и ѝ посакувам добро».

РВ/го*ко

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот