Папата: Мора да правиме испит на совеста секој ден

Папата: Мора да правиме испит на совеста секој ден

Човечкото срце е како „бојно поле“

Папата Фрањо во текот на светата Литургија во домот Света Марта на 4 септември истакна дека човечкото срце е како „бојно поле“ мислејќи на Божјиот дух и духот на овој свет. Вдахнувајќи се од првото читање во кое апостолот Павле ги поучува Коринтјаните како да ги имаат Христовите мисли и начинот на размислување кои се препознаваат преку препуштањето на Светиот Дух, Папата нагласи дека Светиот Дух е Тој Кој нѐ води да го запознаеме Исуса, да ги имаме неговите чувства, и да го сфатиме Неговото срце.

Постојат два духа, два начини на размислување, чувствување и делување: оној кој нѐ води до Духот Божји и оној кој нѐ води до духот на светот – потсети Светиот Отец и продолжи: Тоа се случува и во нашиот живот. Сите ние ги имаме во себе тие два „духа“. Духот Божји нѐ поттикнува на добри дела, љубов, заедништво, поклонување на Бог, запознавање на Исус, на дела на љубовта и на молитва. Духот на светот пак нѐ води во празнина, горделивост, самозадоволност и мрморење. Нашето срце е како „бојно поле“ на кое се борат тие два духа.

Во христијанскиот живот мораме да се бориме за да му дадеме простор на Духот Божји и да се спротивставиме на духот на светот – предупреди папата Фрањо и додаде: Во тоа ни помага секојдневниот испит на совеста за да ги препознаеме искушенијата и да сфатиме како делуваат тие спротивни сили. Тоа е многу едноставно. Го имаме тој голем дар, Духот Божји, но во исто време сме и кревки, грешни и нѐ искушува духот на овој свет. Во таа духовна борба треба да бидеме победници како Исус.

Христијанинот треба секоја вечер да се преиспита како го поминал изминатиот ден за да провери дали преовладувала празнината и горделивоста или успеал да го наследува Синот Божји – препорача Папата и рече: Потребно е да се знае што се случува во нашето срце. Ако тоа не го правиме, ако не знаеме што се случува во нашето срце, како што вели Светото Писмо, ние сме како „животни кои ништо не разбираат“ и одат понатаму по инстинкт. Не сме животни, туку деца Божји крстени со дарот на Светиот Дух. Затоа е важно да сфатиме што денес се случило во нашето срце. Нека Господ нѐ поучи испит на совеста да правиме секогаш, во сите денови – заврши Светиот Отец.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот