Папата: Младите се квасецот на мирот во светот

Папата: Младите се квасецот на мирот во светот

Катехезата на Генералната аудиенција одржана во салата Павле VI на 30 јануари 2019 година, Папата ја посвети на неодамнешното апостолско патување во Панама, по повод 34. Светски ден на млади.

Сѐ додека има нови генерации кои ќе бидат способни на Бог да Му кажат „еве ме“ ќе има иднина за светот. Светската средба на млади во Панама на светот му даде знак кој оди спротивно во односот на тажните копнежи кон национализмот кој подигнува ѕидови и се затвора за универзалноста и средбата меѓу народите – рече папата Фрањо за време на Генералната аудиенција во Ватикан. Осврнувајќи се на неодамнешната апостолска посета на Панама по повод 34. Светски ден на млади, Папата рече дека средбите со властите, епископите, младите затвореници, богопосветените лица и каритативните центри, кои се одржаа во рамките на тој настан беше празник за Панама и за цела Средна Америка која е обележана од многу неволји и на која и е потребна надеж.

Во текот на катехезата Светиот Отец се присети на голем број деца кои родителите ги воспитале и за кои кажале: Еве ја мојата гордост и мојата иднина! Колку достоинство се содржи во тој гест и порака за демографската криза која ја доживуваме во Европа. Децата се сигурноста за иднината – рече Папата и продолжи: Во свет во кој често преовладуваат конфликтите и национализмите и се изворот на надеж, да се видат толку млади радосни е пророчки знак на таа средба. Тоа беше вистинска симфонија на лица и јазици. Млади кои ја поминуваа Панама со своите знамиња, како и сите млади христијани во светот се квасецот за мирот.

Освен тоа на Светската средба на млади и претходеше средбата на младите домородни и афроамерикански народи – рече папата Фрањо и додаде: Тоа беше важна иницијатива која уште подобро го покажа повеќестраното лице на Црквата во Латинска Америка. Потоа ги наброја етапите на Светскиот ден на млади; посебно Крстниот пат, кој го нарече училиште за христијански живот каде се учи трпеливата, тивка и конкретна љубов. На присутните на аудиенцијата Папата исто така им откри дека секогаш со себе има џебен Крстен пат.

Во Панама младите со Исус и Марија го донесоа товарот на многу браќа и сестри кои страдаат во Средна Америка и во целиот свет – рече Светиот Отец и напомена, меѓу нив имаше многу млади жртви на различни облици на ропство и сиромаштво. Во таа смила многу значајни беа моментите како што беше покорничката богослужба која ја служев во домот за превоспитување на малолетниците и посетата на домот „Добриот Самарјанин“ каде се грижат за заболени од СИДА. Во текот на бдението и на светата Литургија им ја посочив на младите Марија како пример кој треба да се следи, а Која во својата маленкост повеќе од било кој влијаела на историјата на светот. Била вистинска Божја влијателка

Во неделата наутро на големото завршно евхаристиско славење, Воскреснатиот Христос со силата на Светиот Дух повторно им зборуваше на младите од целиот свет повикувајќи ги да го живеат Евангелието „денес“ затоа што младите не се „утре“ – рече папата Фрањо и нагласи – тие се „денес“ за „утре“. Тие не се „меѓувреме“ туку „денес“, „сега“ на Црквата и на светот. Ги повикав на одговорност возрасните за да не им недостасува на новите генерации образование, работа, заедница и семејство. Тоа во овој момент е клучно во светот затоа што тие работи недостасуваат. Потребно е образование и воспитание затоа што многу се без работа; потребна е заедница за да се почувствуваат прифатени во семејството и во општеството.

Папата потсети и на средбата со епископите од Средна Америка и истакна дека тоа бил моментот на посебна утеха во текот на кој во центарот на вниманието било сведоштвото на светиот епископ Оскар Ромеро и посветата на олтарот во обновената катедрала Света Марија Ла Антигуа. Таа е знак на обновената убавина, на славата Божја, за верата на неговиот народ. Нека Црквата во Панама и во целиот свет како семејство секогаш црпи од Светиот Дух нова плодност за да продолжи и да се распространува по земјата ходочастието на Исусовите млади ученици мисионери.

Поздравувајќи ги после катехезата сите присутни, Папата потсети на свети дон Иван Боско отец и учител на младите чиј празник го славиме на 31 јануари. Дон Боско знаел да им помогне на сите млади да ја почувствуваат Божјата прегратка давајќи им надеж, дом и иднина. Нека неговото сведоштво ни помогне на сите да размислуваме колку е важно да се воспитуваат новите генерации на вистинските човечки и духовни вредности – заврши Светиот Отец.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот