Папата: Мирот и соживотот се воспоставуваат од ден на ден

Папата: Мирот и соживотот се воспоставуваат од ден на ден

На крајот од вториот ден од Aпостолското патување, среда 14 септември 2022 година, Папата служеше света Литургија во главниот град на Казахстан, на средба со католиците од таа земја, како и од другите делови на Азија. Тој во својата проповед го истакна значењето на Крстот Христов, орудие на спасение и поттикна на братство, соживот на различните етнички и религиозни реалности и мир што треба да се воспоставува секој ден.

Папата во својата проповед на светата Литургија, која ја служеше во Експо Граунд во Нур-Султан, на празникот Воздвижение на Чесниот Крст ја истакна радикалната разлика меѓу Божјата логика и логиката на светот. Од „понижувањето на смртта“ Христовиот Крст станува орудие за спасение на сите. И тоа е, во оваа земја, причина за охрабрување и повик да растеме во братство за да ја научиме љубовта од Христовиот Крст, а не омразата – истакна Папата.

Змии што убиваат и змија што спасува

Евхаристиското славење, во присуство на околу шест илјади луѓе, се одржа на латински и руски јазик, а молитвите на верниците се читаа на руски и казахстански. Првото читање, од Книгата Броеви, раскажува за Мојсеј на кого Господ му ветува спасение од каснувања на змии што самиот Бог ги испратил во пустината; секој што ќе погледне во бронзената змија поставена високо на столбот ќе живее. Пасусот од Евангелието според Иван зборува за тоа како Исус им открива на своите следбеници дека на ист начин треба да биде воздигнат и Синот Човечки, за секој што верува во него да има вечен живот.

Недовербата и мрморењето доведуваат до смрт

Папата Фрањо ги коментираше литургиските читања на италијански јазик, почнувајќи од призорот за змиите кои ги каснуваат Израелците, кои станаа нетрпеливи и почнаа да се бунтуваат против Бога и против Мојсеј. Народот на пат кон ветената земја е уморен, ја изгуби надежта, повеќе не се надева на Бога и на тој начин оди во пресрет на смртта – рече Папата и ги охрабри верниците одблизу да го разгледаат сопствениот живот и животот на заедницата.

„Колку пати, обесхрабрени и нетрпеливи, се сушиме во нашите пустини, губејќи ја од вид целта на патувањето! И во оваа голема земја има пустина која, иако ни нуди прекрасен пејсаж, зборува за уморот, за онаа сувост што понекогаш ја носиме во нашите срца. Тоа се моменти на замор и искушение, во кои веќе немаме сила да гледаме кон Бога“.

Во оваа земја не недостасува каснувања од змии

Во овие моменти на темнина на личен, црковен и социјален план – истакна Папата – нè каснува змијата на недоверба која нè води кон песимизам, резигнација и затвореност во себе. Но, во историјата на оваа земја не недостасуваа и други болни каснувања – забележа Светиот Отец и додаде: Мислам на разгорените змии на насилство, на атеистичкото прогонство, на понекогаш мачниот пат по кој беше загрозена слободата на луѓето и нивното достоинство беше рането.

Мирот и правдата мора одново да се воспоставуваат секој ден

Сеќавањето на минатото може да биде корисно за да бидеме повнимателни, за да не паднеме во илузија дека темнината низ која поминавме е мината работа, а дека патот на доброто е нешто предвидено – истакна Светиот Отец, цитирајќи ги зборовите на свети Иван Павле II. искажани за време на посетата на Казахстан во 2001 година: Не, мирот никогаш не се постигнува еднаш засекогаш, тој мора да се воспоставува одново секој ден, како и заедничкиот живот меѓу различните етнички групи и верски традиции, како и целосниот развој и социјална правда.

За да може Казахстан да расте уште повеќе во братството, дијалогот и разбирањето (…) – додаде тој – за да се изградат мостови на солидарност со другите народи, нации и култури, неопходно е да се ангажираат сите. А најпрво е потребен обновен чин на вера во Господ; треба да се погледне нагоре, да се подигне погледо,т да се гледа во него, да се учи од неговата универзална и распната љубов.

Исус го зема на себе отровот на гревот и смртта

Друга сцена за која зборуваат денешните литургиски читања е онаа на змијата што спасува. Господ ја слуша молитвата на Мојсеј во пустината, но Папата се прашува зошто самиот Бог не ги уништил отровните змии, туку му дава упатства на Мојсеј. Ваквиот начин на дејствување ни ги открива неговите постапки пред злото – објасни Светиот Отец. Тогаш, како и сега, во големата духовна борба што ја има историјата па сѐ до крајот, Бог не ја уништува подлоста кон која човекот слободно се стреми. Змиите се уште демнат, па што прави Господ – праша Папата. Самиот Исус ни го дава одговорот, со неговата смрт на крстот.

„Со оглед на нашата нискост, Бог ни дава нова височина; ако ги задржиме нашите очи насочени кон Исус, каснувањата на злото повеќе не можат да владеат со нас, бидејќи Тој, на крстот, го зеде на Себе отровот на гревот и смртта и ја победи неговата разорна моќ. Тоа го направи Отецот против ширењето на злото во светот; ни го даде Исус кој ни се стана близок на начин што не ни можевме да замислиме“.

Раширените Исусови раце на крстот се знак на братство

Исус стана грев за нас, како што вели Свети Павле. Исус, кој е на крстот, би можеле да кажеме, стана змија – рече Папата. Затоа, нашето спасение лежи во тоа да го видиме распнат; тој ни дава нов поглед со кој можеме да го видиме нашиот живот и историја. Од крстот на Исус учиме љубов, а не омраза; прошка, а не одмазда.

Исусовите раширени раце се прегратка на нежност со која Бог сака да не прими. И ни го покажуваат братството за кое сме повикани да живееме меѓу себе и со сите. Ни го покажуваат патот, христијанскиот пат; не оној на наметнувањето и принуда, моќт и насилство, никогаш оној што го држи Христовиот крст не е против другите браќа и сестри за кои го дал својот живот! Друг е патот на Исус, патот на спасението; тоа е патот на понизна љубов, слободна и универзална, без „ако“ и без „но“, истакна Папата.

Светиот Отец ја заврши проповедта со тоа што нѐ поттикна да живееме без отров, да не се гриземе, да не мрмориме, да не обвинуваме, да не озборуваме, да не шириме зли дела, да не го валкаме светот со гревот и недовербата што доаѓа од Злобниот. Тоа значи да живееме како христијани: радосни сведоци на новиот живот, љубов и мир – рече на крајот папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот