Папата: Литванија нѐ учи како да ги прифатиме разликите

Папата: Литванија нѐ учи како да ги прифатиме разликите

Во првиот говор во Литванија одржан пред претседателката на Литванија, државните власти и дипломатскиот кор, папата Фрањо ја истакна важноста на дијалогот и почитувањето, со што се одликува литванскиот народ.

На 22 септември претпладне папата Фрањо пристигна во Литванија со што ја започна својата посета на балтичките земји. На аеродромот во Вилнус го пречека претседателката на Литванија, Далија Грибаускајте. По кратката свеченост за пречек, Светиот Отец отиде во претседателската палата, каде се задржа во приватен разговор со претседателката, а потоа се сретна со претставници на власта и граѓанското општество, и со дипломатскиот кор пред кои го одржа првиот говор.

Нека твоите деца црпат сила од минатото – рече Папата наведувајќи ги зборовите од нивната химна, и посебно истакна дека таа земја ја посетува по повод 100 годишнината од нејзината независност. Последните стотина година на Литванците биле обележани со бројни искушенија и страдање, па дури и мачеништво. Меѓутоа – рече Папата – тие искушенија не го совладале литванскиот народ кој има силен дух, кој му помогнал да се спротивстави и да продолжи да гради.

Прифаќањето е дел од литванската историја

Важно е да се сочува сеќавањето за да ги воочите денешните предизвици и да се упатите кон иднината во атмосфера на дијалог и единство меѓу сите жители, и тоа така што никој да не биде исклучен – рече Папата и говорот го фокусираше токму на дијалогот и прифаќањето. Литванија знаеле да прима народи од различни етнички групи и религии – рече Светиот Отец. И сите живееле заедно во мир се до доаѓањето на тоталитарните идеологии кои ширејќи насилство и недоверба ја прекинале способноста за прифаќање и усогласување на разликите – истакна Папата.

Прифаќање на разликите – пример за Европа

Да се црпи сила од минатото значи повторно да се пронајдат корените и да се одржи жива толеранцијата, гостољубивоста, почитувањето и солидарноста – е уверен папата Фрањо кој Литванија ја нарече „земја-мост на заедништвото на надежта.“ Гледајќи ја состојбата во светот во кој живееме, каде сѐ погласни се гласовите кои шират поделби и спротивставување или кои тврдат дека единствениот начин на кој може да се загарантира сигурноста и да се одржи културата се наоѓа во отстранувањето, бришењето или исфрлувањето на другите, вие Литваниците го донесувате своето оригинално уверување: „Да се прифаќаат разликите“ – рече Папата и додаде: Преку дијалогот, отворањето и разбирањето, тие можат да се претворат во мост за единство помеѓу европскиот исток и запад. Тоа може – според мислењето на Папата – да биде плод на зрела историја која литванскиот народ ја нуди на меѓународната заедница, и посебно на Европската Унија.

Младите – протагонисти во градењето на општественото ткиво

Спомнувајќи потоа дека литванскиот народ на сопствената кожа ги почувствувал обидите за наметнување на единствен модел кој го обезвреднува различното, Папата истакна дека напротив трајно решение се пронаоѓа ако се заснова на конкретно внимание кон луѓето, посебно оние најслабите. Во таа смисла – рече Светиот Отец – да се црпи сила од минатото значи да се посвети посебно внимание на младите.

Народот во кој младите пронаоѓаат простор за раст и работа, ќе им помогне да се почувствуваат протагонисти во градењето на општественото ткиво и ткивото на заедницата. Тоа на сите ќе ви овозможи со надеж да го подигнете погледот кон иднината – рече Папата и на крајот истакна дека тоа сигурно ќе биде семе на надежта затоа што ќе доведе до динамизам во кој духот на тој народ и понатаму ќе шири гостопримство и тоа гостопримство кон странец, кон младите, кон старите луѓе, кон сиромашните и на крајот кон иднината.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот