Папата: Љубовта Божја секогаш го прави првиот чекор

Папата: Љубовта Божја секогаш го прави првиот чекор

Љубовта Божја секогаш го прави првиот чекор.

Бог го прави првиот чекор и го сака човештвото кое не знае да љуби, затоа што е сочувствителен и милосрден, додека ние иако добри често не ги разбираме потребите на другите, и рамнодушни сме можеби затоа што љубовта Божја не влегла во нашите срца – рече папата Фрањо на светата Литургија која ја служеше во домот Света Марта на 8 јануари 2018 година. Во проповедта Папата се осврна на денешните литургиски читања, а посебно на Евангелието кое зборува за умножувањето на лебовите.

„Да се сакаме еден со друг, оти љубовта е од Бога“ – цитираше Светиот Отец од првото читање од Првото Послание на свети Иван и истакна: Апостолот објаснува како љубовта Божја се покажала во нас: „Бог Го испрати во светот Својот Единороден Син, за да живееме преку Него.“ Тоа е таинството на љубовта. Бог нас прв нè возљуби. Тој го направи првиот чекор кон човештвото кое не знае да љуби, на кое му треба сведоштвото и нежноста Божја за да љуби. Првиот чекор кој Бог го направи е Неговиот Син Кој го испрати за да нè спаси и да ни ја даде смислата на животот, да нè обнови и одново да нè создаде.

Бог ги умножи лебовите затоа што се смилува над мноштвото затоа што биле како овци без пастир – рече папата Фрањо и продолжи: Исус бил тргонат во срцето, ги видел тие луѓе и не можел да остане рамнодушен. Љубовта е немирна, не поднесува рамнодушност, сочувствителна е. Но, сомилоста значи да се вклучи срцето во игра и да се биде милосрден. Да се вклучи сопственото срце во игра за другите. Тоа е љубов и таа значи да се игра со срцето за другите.

Исус го поучувал народот и на учениците за многу работи, но им досадило затоа што секогаш ги говорел истите работи – рече Папата и додаде: Додека ги поучувал со љубов и сомилост, можеби меѓу себе и разговарале, погледнале на часовникот и заклучиле дека е доцна. „Овде е местово пусто, а и доцна е; распушти ги за да отидат по околните села и колиби и да си купат леб, оти нема што да јадат.“ Знаеле дека имаат леб за нив и сакале да го зачуваат за нив. Тоа е рамнодушност.

Учениците не ги интересирало мноштвото, туку Исус затоа што го сакале. Не биле зли, биле рамнодушни. Не знаеле што е љубов, што е сомилост и рамнодушност – рече Светиот Отец, морале да згрешат, да го предадат и напуштат Учителот за да ја сфатат суштината на сомилоста и милосрдието. Исусовиот збор е остар: „Дајте им вие да јадат!“ Погрижете се за нив. Тоа е борбата помеѓу Исусовата сомилост и рамнодушноста. Тоа е рамнодушноста која секогаш се повторува во историјата. Има многу луѓе кои се добри, но не ги разбираат потребите на другите и не се способни да бидат сочувствителни. Тие се добри луѓе, но во нивното срце можеби не влегла Божјата љубов или не и дозволиле да влезе.

Светиот Отец потоа се послужи со описот на една фотографија изложена во Апостолската милостилница. Даниеле Гарофани фотограф за ватиканскиот дневен весник „Осерваторе Романо“, враќајќи се со кардиналот Крајевски од делење на оброци на бездомници, една зимска ноќ фотографирал луѓе кои излегувале од ресторан, добро облечени и задоволни; јаделе биле со пријателите. Но, на таа фотографија се гледа и бездомник на земјата кој со гест на испружена рака моли за милостиња – раскажува папата Фрањо и нагласува: Фотографот успева да го фотографира моментот кога луѓето погледнале на другата страна за погледите да не им се сретнат. Тоа е културата на рамнодушноста, она што го направиле апостолите: Отпушти ги да одат по околните села, по мракот, гладни. Нека се снајдат, тоа е нивни проблем. Ние имаме за себе пет лебови и две риби.

Љубовта Божја секогаш го прави првиот чекор. Таа е сомилосна и милосрдна љубов – рече Папата и истакна: Вистина е дека омразата е спротивна на љубовта, но во многу луѓе нема свесна омраза. Секојдневната спротивност на Божјата љубов и на сомилоста е рамнодушноста. Некој ќе каже: ние сме задоволни, ништо не ни недостасува. Имаме сè, си го обезбедивме животот, па и оној вечниот затоа што одиме на света Литургија секоја недела и сме добри христијани. Но, излегувајќи од ресторанот гледаме на другата страна.

Мора да мислиме на Бог кој го прави првиот чекор, кој е сомилосен и милосрден, а ние често се однесуваме рамнодушно. Да го молиме Господ да го оздрави човештвото започнувајќи од нас, да ги оздрави нашите срца од болеста на културата на рамнодушноста – поттикна Светиот Отец. На крајот на светата Литургија упати срдечни честитки до Кико Аргуело основач на Неокатекуменскиот пат за неговиот 80 роденден и му се заблагодари за апостолската ревност со која работи за Црквата.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Вести

За авторот