Папата: Крстот и Евангелието нека бидат наша домашна Литургија

Папата: Крстот и Евангелието нека бидат наша домашна Литургија

На Генералната аудиенција одржана во библиотеката во Апостолската палата Папата Фрањо ги охрабри верниците да ги отворат своите срца кон распнатиот Исус во молитва, гледајќи во крстот и размислувајќи за Евангелието. Така ќе сфатиме дека не сме сами, затоа што Господ никогаш не нè напушта и никогаш не нè заборава.

Да погледнеме кон крстот, и потоа да го отвориме Евангелието; крстот и евангелието, нека бидат наша домашна литургија, зашто не можеме да одиме во црква во ова време на пандемија – рече Папата Фрањо во катехезата на Генералната аудиенција која ја одржа на 8 април 2020 година во библиотеката на Апостолската палата. Меѓу многуте прашања кои си ги поставуваме овие денови поради страв од пандемијата што го мачи целиот свет, исто така си поставуваме прашања и за Бог – истакна Папата. Што Тој прави пред нашата болка? Каде е кога се тргнува на лошо? Зошто на брзина не ги реши нашите проблеми?

Во тоа може да ни помогне раскажувањето за Исусовата мака која не прати во овие свети денови – рече Папата. И таму се насобраа многу прашања. Откако триумфално го дочекаа Исус во Ерусалим, луѓето се прашуваа дали конечно ќе го ослободи народот од неговите непријатели. Очекуваа моќен Месија, победнички, со меч. Но, дојде еден со нежно и понизно срце, кој повикува на обраќање и милосрдие. И тогаш истите тие кои порано го викаа, сега сакаат да биде распнат. Оние што го следеа порано, сега, збунети и преплашени, го напуштија мислејќи дека тој не е Месијата, бидејќи Бог е силен, Бог е непобедлив.

Меѓутоа, откако Исус умре, стотникот кој не беше верник, кој го видел Исус како страда на крстот и го слушнал како им простува на сите, рекол: „ Навистина, овој човек бил Син Божји” (Mk 15,39). Кажува спротивно од онаа што другите го зборувале, потврдува дека таму навистина е Бог.

Кое е тогаш вистинското Божјо лице? И каде потполно се објави? – праша Светиот Отец и истакна: На крстот. Таму ги запознаваме Божјите црти на лицето. Не смееме да заборавиме дека крстот е Божјата катедра. Добро ќе ни дојде во тишината да го разгледуваме крстот и да видиме кој е нашиот Господ; Тој кој не го вперува прстот во никој, дури ни во тие кои го распнуваат, туку ги шири рацете кон сите. Тој не нè притиска со својата слава, туку дозволува да го соблечат за нас; не нè љуби со зборови, туку во тишината ни дава живот; не нè приморува, туку нè ослободува; не се однесува кон нас како со странци, туку на себе ги зема нашите гревови.

Да го гледаме крстот за да можеме да се ослободиме од предрасудите за Бог, а потоа да го отвориме Евангелието – поттикна Папата. Овие денови кога сите сме во карантин, затворени дома, да ги земеме во рацете двете работи: крстот, да го гледаме, а потоа да го отвориме Евангелието. Тоа за нас ќе биде како голема домашна литургија, бидејќи не можеме да отидеме во црква. Крстот и Евангелието – повтори Папата Фрањо.

Во Евангелието читаме дека кога сакаат луѓето да го прогласат за цар и кога нечистиот дух сака да го открие неговото божество, Исус тоа не го сака. Не сака погрешно да го протолкуваат, не сака луѓето погрешно да го препознаат вистинскиот Бог, кој е понизна љубов, со лажниот Бог, световен, кој со сила се наметнува. Вистинскиот Бог не е некој идол; Тој е Бог кој стана човек, како секој од нас, и се изразува како човек, но со силата на своето божество – напомена Папата Фрањо.

Токму во зборовите на стотникот се открива вистинскиот идентитет на Христос. Во тој момент, откако го даде својот живот на крстот, се гледа дека Бог е семоќен во љубовта. Ова е неговата нарав, Тој е љубов. Меѓутоа некој би можел да рече: Јас повеќе би сакал да имам силен, моќен Бог, отколку слаб, што умира. Но моќта на овој свет поминува, додека љубовта останува.

Само љубовта го чува животот кој го имаме, затоа што ги опфаќа нашите слабости и ги преобразува – објасни Папата. Љубовта на Бог на Велигден го исцели нашиот грев со своето простување, од смртта таа го направи преминот во живот, нашиот страв го претвори во доверба, нашата вознемиреност во надеж. Велигден ни кажува дека Бог може да сврти сé на добро. Дека со Него навистина може да имаме доверба дека сé ќе оди добро. И тоа не е некоја илузија, затоа што Исусовата смрт и воскресение не се илузија; тоа е вистина – истакна Папата додавајќи дека затоа на велигденското утро ни се кажува „Не плашете се!“ (сп. Матеј 28,5).

Исус ја променил историјата станувајќи ни близок, и ја направил историјата на спасение иако сè уште е обележана со злото. Давајќи го својот живот на крстот, Исус ја победил смртта. Така и ние можеме да ги промениме нашите животи приближујавќи се кон него, прифаќајки го спасението кое ни го нуди – рече Папата поттикнувајќи ги верниците да му го отворат своето срце во молитва, и тоа гледајќи го крстот и размислувајќи го Евангелието. Да дозволиме неговиот поглед да го стави на нас; така ќе сфатиме дека не сме сами, туку дека сме сакани, затоа што Господ никогаш не нè напушта и не нè заборава – истакна на крајот Папата Фрањо.

Ватикан њуз/ к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот