Папата: Крстот е знак на Божјата љубов

Папата: Крстот е знак на Божјата љубов

Не треба да се носи крстот само како знак на припадност, „ознака“, туку Распнатиот треба да се гледа како Бог Кој стана грев за да нѐ спаси – е поттикот на папата Фрањо кој го упати на 4 април 2017 година во проповедта на светата Литургија во домот Света Марта.

Во Евангелието за денешната Литургија Исус три пати им кажува на фарисеите: „Во својот грев ќе умрете,“ затоа што имале затворено срце и не го разбирале таинството, Господ. Да се умре во сопствениот грев е лоша работа – рече Папата.

Бакарна змија – кој ќе ја погледнал бил спасен

Во разговор со нив Исус потоа потсетува: „Кога ќе Го издигнете Синот Човечки, тогаш ќе узнаете дека сум Јас и дека ништо не правам Сам од Себе.“ Овде станува збор за она што се случи во пустината, за кое што зборуваше првото читање, кога народот станал нетрпелив и се одалечил од Господ и започнал да говори против Бог и против Мојсеј. Дошле отровни змии кои ги касале и заради што многу луѓе умреле. Господ тогаш му рекол на Мојсеј да направи бакарна змија и да ја закачи на знамето. Кој ќе биде каснат, ќе остане жив ако ја погледне.

Змијата е знак на ѓаволот, мајка на лагата, мајка на гревот, таа која го наведува човечкиот род на грев – истакна Папата. А Исус потсетува: Кога ќе бидам воздигнат во висина, сите ќе дојдат кај мене. Тоа е таинството на крстот – рече Светиот Отец и објасни – Бакарната змија оздравувала, а била знак на гревот, наведување на зло, на лукавост; но била и знак на Христовиот крст. Била пророштво.

Крстот не е само знак на припадност, туку спомен на Бог Кој од љубов стана грев

Исус стана грев, како што вели свети Павле и ја презема на себе целата нечистотија на човечкиот род; даде да се воздигне за сите луѓе ранети од гревот да можат да го гледат. А кој во тој воздигнат човек не ја препознае силата на Бог кој стана грев за да нѐ оздрави, ќе умре во гревот – рече папата Фрањо. Спасот доаѓа само со крстот, но со оној крст на кој е овоплотен Бог. Спасот не е во идеите, спасот не е во добрата волја, во волјата да бидеме добри… – истакна Папата – Единствениот спас е во распнатиот Христос затоа што само Он беше во состојба да го преземе целиот отров на гревот и така да нѐ спаси.

Но, што нам ни значи крстот? – праша Светиот Отец. Да, тој е знак, симбол на христијаните. Ние го правиме знакот на крстот, но не го правиме тоа секогаш добро. (…) Бидејќи ја немаме таа вера во крстот. За некои луѓе тој е ознака на припадност. „Носам крст“ за да покажм дека сум христијанин.“ Добро е тоа – рече Папата и истакна – не но само како ознака, како да станува збор за знак на некоја екипа. Крстот е спомен на оној кој стана грев.

Некои пак носат крст како украс, некои и со скапоцени камења за да се покажат – рече папата Фрањо. Бог му рече на Мојсеј: Кој ќе ја погледне змијата ќе биде оздравен. Исус им вели на своите непријатели: „Кога ќе Го издигнете Синот Човечки, тогаш ќе узнаете дека сум Јас“. Кој не го гледа крстот со вера, ќе умре во сопствените гревови, нема да прими спасение – рече Папата.

Да се запрашаме како го носиме крстот

Денес Црквата ни предлага дијалог со тоа таинство на крстот, со тој Бог Кој стана грев, од љубов кон мене – истакна папата Фрањо и додаде: Секој од нас може да каже: „Од љубов кон мене.“ Можеме затоа да се запрашаме: како јас го носам крстот? Како спомен? Кога правам знак на крст, дали сум свесен тогаш што правам? Како го носам крстот, само како симбол на припадност на некоја верска група? Како украс? Како накит, со многу скапоцени камења, злато…? Дали сум научил да го носам на рамењата, таму каде што боли? Нека секој од нас гледа на Распнатиот, на тој Бог Кој стана грев за да не умреме во своите гревови, и нека одговори на прашањата кои ви ги предложив – поттикна на крајот папата Фрањо.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот