Папата: Крвта и солзите на децата во Украина ја потресуваат нашата совест

Папата: Крвта и солзите на децата во Украина ја потресуваат нашата совест

Во пораката до монсињор Гинтарас Грушас, надбискуп од Вилнус и претседател на Советот на европски бискупски конференции (Consilium Conferentiarum Episcoporum Europae – CCEE), по повод отворањето на европските католички социјални денови, папата Фрањо повторно се осврна на драмата на војната во Украина, на таа „голема хуманитарна трагедија“; војната е неуспех на политиката и човештвото

Она што го доживеавме во последните недели не е она на што се надевавме по тешката здравствена криза предизвикана од пандемијата, поради која се чувствуваме беспомошни и исплашени, заедно со кревката состојба на нашите животи – рече папата Фрањо во пораката до монсињор Гинтарас Грушас, надбискуп од Вилнус и претседател на Советот на европски бискупски конференции, по повод третите Европски католички социјални денови, организирани од страна на Советот на европски бискупски конференции, заедно со Советот на епископските конференции на Европската унија (COMECE) и Словачката бискупска конференција, кои се одржуваат во Братислава од 17 до 20 март.

Да го слушаме плачот на оние кои страдаат

Трагедијата што се случува во срцето на Европа не остава запрепастени; никогаш не можевме да помислиме дека ќе видиме такви сцени кои потсетуваат на големите воени конфликти од минатиот век – рече Папата. Болниот крик за помош на нашите браќа Украинци нѐ охрабрува, како заедница на верници, не само сериозно да размислуваме, туку и да плачеме заедно со нив и да се залагаме за нив; да ја споделиме вознемиреноста на еден народ ранет во својот идентитет, во својата историја и традиција. Крвта и солзите на децата, страдањата на жените и мажите кои ја бранат својата земја или бегаат од бомбите, ја потресуваат нашата совест. На човештвото повторно му се заканува изопачена злоупотреба на моќта и еднострани интереси, кои беспомошните луѓе ги осудува на сите форми на сурово насилство.

Благодарност за помошта дадена на оние кои бегаат од војната

Папата им се заблагодари на бискупите за директната хуманитарна помош за бегалците и ги охрабри да продолжат да се молат за оние кои во раце ја имаат судбината на народите за да се обидат да направат сѐ што е можно за да ја запрат војната и да започнат конструктивен дијалог со цел да запре страшната хуманитарна трагедија, предизвикана од војната.

Нова политика

Папата Фрањо истакна дека денес, како никогаш досега, има итна потреба да се преиспита стилот и ефективноста на политиката за да се овозможи – како што рече во неговата енциклика Fratelli tutti – развој на светска заедница способна да оствари братство, поѓајќи од народите и нациите кои живеат во општествено непријателство. Војната, кој го прави светот полош и која е неуспех на политиката и човештвото, срамно предавање на силите на злото, во оваа смисла нека предизвика спротивна реакција, заговарајќи повторно воспоставување на глобалната архитектура на мирот, каде што европската куќа, создадена за да гарантира мир по светските војни, има примарна улога.

Творци на заедништво, ткајачи на единство

Папата потоа ги охрабри сите, како христијани и европски граѓани, храбро да го обноват заедничкиот дом, станувајќи творци на заедништво и ткајачи на единството на сите нивоа, и тоа не поради стратегии, туку за евангелието. Со други зборови – истакна папата Фрањо – потребно е да се тргне од самото срце на Евангелието, од Исус Христос и неговата спасителна љубов. Оној што љуби го победува стравот и недовербата кон оние кои доаѓаат до нашите граници во потрага по подобар живот; ако сакаме да ги прифатиме, заштитиме, придружуваме и интегрираме бројните браќа и сестри кои бегаат од конфликти, глад и сиромаштија, тоа е должност и е човечки, тоа е пак многу повеќе и христијански.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот