Папата: Кратењата во здравството е срам за човештвото

Папата: Кратењата во здравството е срам за човештвото

Постојат три „противотрови“ кои ги предоложи папата Фрањо до управителите на Конфедерацијата на Federsanità за да се промовираат патишта на социјално – здравствена и социјална – асистенцијална интеграција: близина, интегритет и општо добро. Покажувањето близина – истакна Папата – значи дека нема пациенти од „серија А“ и „серија Б“.

Да се препознаат болните браќа и да се покаже грижа за нив, а не да се сметаат за товар или трошок, туку луѓе со достоинство – рече папата Фрањо, како што тоа го правеше многу пати во текот на неговиот понтификат, примајќи ги сабота 5 јуни 2022 година во аудиенција претставниците на Конфедерацијата на Federsanità, која ги обединува локалните здравствени установи, болници, установи за хоспитализација и науката, заедно со претставници на Асоцијацијата на италијански општини. Тој се осврна на актуелната состојба, предупредувајќи на недостатоците на здравствениот систем.

Пандемијата нè научи дека поимот „нека се спаси кој може“ брзо се претвора во „сите против секого“, зголемувајќи го јазот во нееднаквоста и зголемувајќи ги конфликтите. Напротив, потребно е да се работи секој да има пристап до лекување, да го поддржува и унапредува здравствениот систем и да се зачува и понатаму да биде бесплатен. Кратењето на здравствените средства е срам за човештвото.

Близина

Во својот говор, Папата укажа на некои начини за промовирање на социјално – здравствена и социјално – асистенцијална интеграција. Првата е близината, противотров за самореференцијалноста. Гледајќи се себеси во пациентот – рече тој – ги крши синџирите на себичноста, го крши пиедесталот на кој понекогаш сме во искушение да се искачиме и нè поттикнува да се препознаеме како браќа, без разлика на јазикот, географското потекло, социјалниот статус или здравствената состојба. Тоа се браќа на кои треба да се посветиме, да се грижиме и да ги придружуваме, како што правеше Исус со учениците во Емаус. Да се покаже близина значи и надминување на далечините, да се направи да нема пациенти од „серија А“ и „серија Б“, да се пуштат во оптек енергија и ресурси за никој да не биде исклучен од социјалната и здравствената заштита.

Важноста на јавното здравје

Продолжувајќи со зборовите на претседателот на Конфедерацијата, Папата ја истакна важноста на јавното здравје, особено во Италија. Кога една земја го губи тоа богатство, а тоа е јавното здравје, таа почнува да прави разлики меѓу своето население; се поделува на оние кои имаат пристап, кои можат да имаат здравствена заштита, со плаќање и оние кои се без здравствени услуги. Затоа јавното здравје е вашето богатство овде во Италија; немојте да го изгубите – поттикна Папата.

Целосна нега

Ако сè е поврзано – додаде Папата – треба да го разгледаме и концептот на здравство во целосна перспектива што ги опфаќа сите димензии на личноста. „Интегритетот“ е затоа вториот пат предложен од папата Фрањо, истакнувајќи дека кога Исус лекувал некого, му го вратил достоинството, повторно го вклучува во општеството, давајќи му нов живот. Болестите, додаде тој, никогаш нема да можат да ја поништат вредноста на човечкиот живот, и тоа од зачнувањето па до природниот крај. Ова е хоризонтот што треба да го имаат на ум истражувањето и оние кои работат во здравството.

Холистичката визија за нега придонесува за спротивставување на културата на отфрлање, која ги исклучува оние кои, од различни причини, не исполнуваат одредени стандарди. Таква е денешната култура, културата на отфрлање. Она што не служи се исфрла. Се користи и се фрла, но на сите нивоа – предупреди Папата и додаде: Во општество кое е изложено на опасност во болните да гледа товар и трошок, треба повторно во центар да го стави она непроценливото, она што не може да се купи или продаде, односно достоинство на човекот.

Направете да надвладее општото добро

Заедничкото добро е последниот „противотров“ што го посочи папата Фрањо, што е средство против остварување на еднострани интереси. А во областа на здравството, често е примамливо да се дозволи економските или политичките предности на една група да преовладуваат на штета на мнозинството од населението. Тоа важи и на ниво на меѓународни односи – предупреди Папата и на крајот ги охрабри присутните да дејствуваат во служба на болните и општеството, гледајќи го примерот на свети Џузепе Москати, „добриот Самарјанин“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот