Папата: Кој му е верен на Бог не се плаши од смртта

Папата: Кој му е верен на Бог не се плаши од смртта

Верноста на Господ никогаш нѐ не разочарува, дури ни во моментот на смрт. Кој му е верен на Бог не се плаши од смртта – порача папата Фрањо на светата Литургија на 22 ноември 2016 година во домот Света Марта. Сите ќе умреме – рече Папата.

Токму ова е една од најважните теми за која се зборува на крајот од литургиската година.

Не размислуваме често за овие работи, но тоа е вистина – продолжи Папата. Кога некој ќе умре ќе поминат неколку години и тогаш речиси никој повеќе не се сеќава на тој човек – рече Светиот Отец. Заради тоа тој поседува „спомен-дневник“ во кој ги запишува имињата на починатите за да ги знае кога е нивната годишнина од смртта и колку време поминало од смртта на личноста.

Папата Фрањо истакна дека размислувањето за овие работи ни прави добро. На присутните им предложи да си ги постават следните прашања: Што ќе биде оној ден кога ќе застанам пред Исус: што ќе му одговорам кога ќе ме праша за моите таланти и како сум ги користел? Што ќе биде кога ќе зборува за моето срце? Што ќе биде кога ќе ме праша за семето на верата. Дали тоа семе донело плод или останало сокриено? Папата потоа ги предупреди верниците не бидат заведени од искушенијата на овој свет и истакна дека е заблуда да се живее како да нема никогаш да умреме.

Додека бев дете – продолжи Папата – на веронаука нѐ учеа за четирите (последни) работи: смртта, судот, пеколот и небото. По судот постојат само пеколот и небото. Некој би можел да каже: „Оче тоа ме плаши!“ Но, тоа е вистина затоа што ако не го негувам своето срце, ако Господ не е близу, ако е далеку од мене постои опасноста да се разделам од Неговата вечност. Тоа е застрашувачко! Папата предложи еден можен пат за отстранување на овој страв: „Биди верен до самата смрт!“ (Откр 2, 10)

Верноста на Господ никогаш нема да не разочара – рече Светиот Отец и продолжи: Кога секој од нас би бил верен на Господ, тогаш како свети Фрањо би можеле да кажеме: „Дојди сестро смрт.“ Ако бидеме верни на Господ нема да имаме страв пред смртта и на денот на судот ќе можеме да го погледнеме Господ и да му кажеме: „Господи многу грешев, но настојував да бидам верен.“ А Господ е добар. Мојот совет е: Биди верен на Господ до смртта и ќе те награди со венецот на животот. Ако биде твојата верност таква нема да имаш страв пред судот – ја заврши на крајот проповедта папата Фрањо.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот