Папата: Кој е за вас Исус Христос?

Папата: Кој е за вас Исус Христос?

Кој е за вас Исус Христос? – праша папата Фрањо во проповедта во текот на светата Литургија која ја служеше во домот Света Марта на 25 октомври 2018 година, во Ватикан. Ако нас некој нѐ праша: „Кој е Исус Христос“, ќе му го кажеме она што сме го научиле, дека е Спасител на светот, Син на Отецот небесен, и дека е она што го исповедуваме во Символот на верата. Но, сепак е тешко да се одговори на прашањето „кој е Исус Христос за мене“ – рече Папата. Тоа е прашање кое малку нѐ збунува, затоа што за да го одговориме мора да влеземе во своето срце, односно да почнеме од искуствата.

Имено свети Павле чувствувал во себе немир дека мора да пренесе на другите дека Исус Христос го запознал преку искуството кога паднал од коњот и кога Господ му зборувал во срцето – потсети Светиот Отец и продолжи: Не го запознал Христос со проучување на теологијата, иако подоцна гледа како Исус бил навестен во писмата. Тоа што Павле го слушнал сака да го слушнеме и ние христијаните.

На прашањето кое можеме да го поставиме на свети Павле: „Кој е за тебе Христос?“, тој ќе одговори врз основа на своето искуство: „Оној кој ме љуби и Кој се предаде за мене“ – рече папата Фрањо и додаде: Но, тој е соединет со Христос кој платил за него. Свети Павле сака христијаните, во овој случај христијаните во Ефес да го доживеат истото тоа искуство, да го стекнат за секој да може да каже: „Ме љуби и се предаде за мене“, но тоа треба да го каже врз основа на сопственото искуство.

Првото читање од денешната Литургија е делот од Посланието на свети Павле до Ефесјаните (Ефес 3, 14-21) во кое апостолот вели: „та вкоренети и утврдени во љубовта, да можете да разбирате со свои светии, што е ширина и должина, што е длабочина и височина, и да ја узнаете Христовата љубов, што го надминува секое знаење, за да се исполните со сета полнота Божја“- цитираше Папата и нагласи: За да дојдеме до искуството за Исус какво што имал свети Павле ни помага често да ги повторуваме зборувате од Символот на верата, но подобриот начин е да се признаеме за грешници; тоа е првиот чекор.

Имено, кога свети Павле рекол дека Исус се предава за него, сакал да каже дека платил за него, и за тоа проповедал во своите посланија – рече Светиот Отец и напомена: Себе најпрво се опишал како грешник, зборувајќи дека ги прогонувал христијаните и тргнува токму од тоа дека бил избран заради љубовта, но како грешник. Првиот чекор за да го запознаеме Христос, за да влеземе во тоа таинство е спознанието на сопствените гревови.

Потоа во светата Тајна Помирување ги кажуваме своите гревови, но една работа е да се кажат гревовите, а друга е да се признаеш за грешник според природа и способни да направиме било што, и да ја препознаеме својата нечистотија – рече папата Фрањо и напомена: Свети Павле го имал тоа искуство на сопствената беда која треба да биде откупена, за која некој треба да го плати правото на тоа да може да каже: „син Божји сум.“ Тоа сме сите ние, но ќе го кажам и тоа, за тоа била потребна Христовата жртва. Па, потребно е да се признаеме конкретно за грешници, срамејќи се од самите себе.

Вториот чекор е контемплацијата, молитвата во која бараме да го запознаеме Исус – рече Папата и додаде: Постои убава молитва на еден светец: Господи, да Те запознаам и да се запознаам! Тоа е молитва да Го запознаеме Исуса и самите себе. Овде се работи за спасението. Не смееме да се задоволуваме со неколку убави зборови за Исус затоа што познавањето на Исус е авантура, но сериозна, а не детска авантура затоа што љубовта Исусова е неограничена.

Павле рекол: „А на Оној, Кој, според силата што во нас дејствува, може да изврши изобилно сè, што бараме или помислиме.“ Он има сила тоа да го направи – рече Светиот Отец и предупреди: Но, мораме да Го молиме. Господи дозволи ми да те запознаам; за кога ќе зборуваме за Тебе, да не зборуваме како папагали, туку да го кажеме она што сме го искусиле.

Како што Павле можел да каже: „ме љубеше и се предаде за мене“, мора да молиме тоа да можеме да го кажеме со уверување – рече папата Фрањо и нагласи: Таа е нашата сила и сведоштво. Има многу христијани кои се силни на зборови, па и ние често сме такви. Тоа не е светост. Светоста е да се биде христијани кои го прават она што Исус го учел и посеал во нашето срце.

На крајот Папата ги повтори двата чекори потребни за запознавање на Исус Христос. Првиот чекор е да се запознаеш себе, да сфатиме дека сме грешници. Без тоа спознание и тоа внатрешно признание дека сме грешници не можеме да напредуваме. Вториот чекор е молитвата до Бог со својата сила да ни помогне да го запознаеме таинството на Исус кое е оган и Кој Он го донел на земјата. Тоа ќе биде убава навика ако секој ден во некој момент можеме да кажеме: Господи, помогни ми да Те запознаам и да се запознаам. Така се напредува! – заврши Светиот Отец.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот