Папата: Консумеризмот е болест

Папата: Консумеризмот е болест

Великодушноста е спротивност на консумеризмот.

Потребно е да се запрашаме како да бидеме великодушни кон сиромашните, па дури и во малите работи – поттикна папата Фрањо на светата Литургија која ја служеше во домот Света Марта на 26 ноември 2018 година и предупреди: Непријател на великодушноста е консумеризмот кој се манифестира во купувањето на работи повеќе отколку што ни е потребно. Дарежливоста напротив го шири срцето и води кон великодушност. Исус често во Евангелијата укажува на разликите помеѓу богатите и сиромашните; доволно е да се присетиме на богатиот и на Лазар, и на богатото момче. Тие разлики се причината зошто Господ вели: Тешко богат да влезе во царството небесно.

Кога Господ ги говорел тие работи знаел дека зад богатствата секогаш се наоѓа злиот дух, господарот на светот. Затоа еднаш рекол: Не може да им се служи на двајца господари; на Бог и на богатството – рече Папата. И Евангелието за денешната Литургија (Лука 21, 1-4) ја истакнува спротивноста помеѓу богатите кои ги пуштале своите прилози во црковната каса и сиромашната вдовица која пуштила две лепти.

Тие богаташи биле поинакви, не биле зли – рече Светиот Отец и продолжи: Оделе во храмот и давале прилог. Се работи за поинаква спротивност. Господ сепак сака нешто друго да ни каже кога истакнува дека вдовицата пуштила најмногу од сите, затоа што дала сè што имала за живот. Дала сè, затоа што имала доверба во Бог и затоа што Господ е повеќе од сè. Денешното Евангелие е повик на великодушност.

Наспроти статистиките за сиромаштвото во светот, за децата кои умираат од глад, кои немаат што да јадат, немаат лекови, за големото сиромаштво за кое секој ден се зборува на телевизија и во весниците, добро е да се запрашаме: Како можеме тоа да го решиме? Тоа прашање произлегува од нашите грижи да правиме добро – рече папата Фрањо и додаде: На човекот кој има малку пари и се прашува дали помага со тоа малку што го прави, како водвицата која дала две лепти, треба да му се одговори дека вреди.

Мора да мислиме на тоа како можеме да бидеме великодушни кон сиромашните и оние во потреба и да им помогне уште повеќе. Но оче ние едвај доаѓаме до крајот на месецот… Но, колку пари сепак ви остануваат? Замислете и со тие може да се биде великодушен. Замислете и со малите работи. Ако на пример влеземе во својата соба и во нашата гардероба; колку пара чевли имаме? Можеби сепак малку повеќе. Ако на пример имаме многу чевли дајте ги половината. Колку облека имаме која не ја користиме ниту еднаш годишно? Тоа е начинот како можеме да бидеме великодушни, да го дадеме она што го имаме, да го делиме со другите.

Потоа Папата го кажа примерот за една жена која ја познавал, а која секогаш во трговскиот центар купувала за сиромашните во вредност од 10% од она што ќе го потрошела за себе; им давала десеток на сиромашните. Со великодушноста можеме да правиме чуда – рече Светиот Отец и нагласи: Денешното Евангелие ни помага да размислуваме како можеме да бидеме великодушни. Великодушноста се спротивставува на кунсумеризмот кој се манифестира во постојаното купување на работи.

Консумеризмот е болест на денешницата – рече папата Фрањо и напомена: Не велам дека сите тоа го прават. Но, се троши повеќе отколку што ни е потребно, недостатокот на скромност и на штедење се непријатели на великодушноста. Материјалната великодушност значи да се мисли на сиромашните; што можам да дадам за да имаат нешто за јадење и да облечат, а тие работи имаат за последица проширување на срцето кое ве води до великодушноста.

Треба да имате великодушно срце во кое сите влегуваат. Богатите кои во храмот давале пари биле добри; вдовицата била света – рече Папата и на крајот поттикна: Потребно е да се оди по патот на великодушноста, започнувајќи со погледот на домот односно да се размислува за работите кои не ни користат, а би можеле да му користат на другиот, направете го тоа заради малку скромност. Потребно е да го молиме Господ да нè ослободи од злото на консумеризмот кое е толку опасно и нè прави робови и зависни од трошењето. Тоа е психичка болест. Да го молиме Господ за благодата на дарежливоста која ќе ни го рашири срцето и нè направи великодушни – заврши Светиот Отец.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот