Папата и се заблагодари на каритативната организација Papal Foundation

Папата и се заблагодари на каритативната организација Papal Foundation

На средбата со членовите на американската каритативната организација Papal Foundation, папата Фрањо им се заблагодари за дарежливата поддршка за него и Црквата ширум светот, како и за промовирањето на сеопфатниот развој на оние кои се на маргините на општеството. „Вашиот одговор на различни барања за помош во образовни, добротворни и црковни планови, помага да се изгради култура на солидарност и мир“.

На аудиенцијата Светиот Отец прими околу стотина членови на американската каритативната организација Papal Foundation, по повод нивното поклонение во Рим и тоа беше можност папата Фрањо да ја изрази својата благодарност за дарежливата поддршка што му ја даваат на него и на Црквата во многу делови на светот. Надевајќи се дека нивната посета на гробовите на апостолите и мачениците ќе ја зајакне нивната верност кон Господ и неговата Црква, Папата ги спомена активностите на оваа организација од нејзиното основање во 1988 година.

Со текот на годините, Papal Foundation глобално го поддржа целосниот развој на многу браќа и сестри. Конкретно, вашиот одговор на различни барања за помош во образовни, добротворни и црковни планови, овозможува да ја поддржите континуираната посветеност на Црквата за градење култура на солидарност и мир – рече тој, истакнувајќи дека нивната добротворна работа се протега на оние кои се на маргините на општеството и живеат во материјална и често духовна сиромаштија.

Во исто време, бидејќи деновиве сме сведоци на катастрофални последици од војната и другите конфликти – истакна папата Фрањо – ја препознавате потребата да се обезбеди грижа и хуманитарна помош за жртвите, бегалците и оние кои се принудени да ја напуштат својата татковина во потрага по подобра и побезбедна иднина за нив и нивните најблиски. Вашето делување помага конкретно да се донесе евангелието на љубов, надеж и милост на сите оние кои уживаат во благословите на вашата дарежливост и вашата посветеност. Благодарејќи им, Папата рече дека се моли да се обноват во ревноста за служење на Господа, служејќи на нашите најмали браќа и сестри.

Истакнувајќи на крајот дека солидарноста со Петровиот наследник од самиот почеток е карактеристика на Papal Foundation, тој рече дека знае дека може да се потпре на нивните молитви за него и неговата служба, за Црквата, за ширењето на евангелието и преобраќање на срцата. Доверувајќи ги на застапништвото на Марија, Мајката на Црквата, папата Фрањо им даде благослов и ги потсети да се молат за него.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот