Папата и патријархот Мар Динка IV: Нема религиозно оправдување за насилствата против христијаните во Сирија и Ирак

Да се молиме за христијаните од Блискиот Исток, кои „секојдневно се прогонувани и доживуваат страдања“. Тоа беше повикот на Папата на средбата со патријархот на Источната асирска црква католикос Мар Динка IV, кого во четвртокот, 2 октомври го прими на аудиенција во Ватикан. Двајцата верски лидери ги споделија страдањата на христијаните во различни области на Блискиот Исток, како и на другите верски малцинства, особено во Ирак и Сирија:
„Нема религиозни, политички или економски мотиви, кои можат да ги оправдаат случувањата со стотиците илјади мажи, жени и невини деца – истакна папата Фрањо. Сочувствуваме длабоко во молитвата и во благотворните напори со оние членови на телото Христово што страдаат“.
Во говорот папата Фрањо истакна дека посетата на патријархот е „уште еден чекор на патот на зголемена близина и духовно општење меѓу двете Цркви, по горчливите недоразбирања во минатите векови“. Тој потсети и на заедничката христологиска декларација потпишана од Мар Динка и свети Иван Павле II, опишувајќи ја како „пресвртница на патот кон целосното заедништво“.
„Со оваа изјава признавме дека ја исповедаме единствената вера на апостолите, верувањето дека нашиот нашиот Господ Исус Христос истовремено е Бог и човек, соединет во една личност, без нејаснотии, промени и поделби“, рече Папата. „Молитвено да ја придружиме работата на Мешаната комисија за теолошки дијалог меѓу Католичката и Источната асирска црква, за да може преку неа да се приближиме кон благословениот ден во кој ќе можеме да ја славиме на ист жртвеник Христовата жртва, која ќе нѐ направи само едно во Христос“, охрабри Папата.
„Заедничкото меѓу нас е многу повеќе од она што нè одвојува – заврши Папата – затоа сме поттикнати од Светиот Дух да ги размениме уште сега духовните богатства на нашите црковни традиции, за да живееме како вистински браќа и ги споделуваме даровите што Господ непрестано ги дава на нашите цркви, како знак за Неговата добрина и милосрдие“.
РВ/В.Н.

Категорија: Ватикан

За авторот