Папата и патријархот Вартоломеј: пораки за меѓухристијанскиот симпозиум

Светиот Отец му испрати порака на кардиналот Курт Кох, претседател на Папскиот совет за промовирање на единство на христијаните, по повод XIV. Меѓухристијански симпозиум на православни и католички теолози, кој се одржува во Солун во Грција од 28 до 30 август.

Симпозиумот го организираа Папскиот универзитет Антониjанум и одделот за теологија на Теолошкиот православен факултет на Универзитетот Аристотелес во Солун, на тема „Потреба од реевангелизација на христијанските заедници во Европа“. Присутноста на толку лица во Европа кои, иако се крстени, сепак се несвесни за дарот на верата кои го примиле и не се во полнота соучесници во животот на христијанската заедницав и тоа претставува предизвик за сите Цркви на тој континент – стои во пораката на Папата.

Во европското опкружување, каде сѐ помалку се вреднува врската со христијанските корени, јасно е дека е потребно ново евангелизациско дело. Тоа мисиско залагање е поддржано со длабоко уверување дека Христос може секогаш да ги обнови нашите животи и заедници. Дури и ако проаѓа низ мрачни периоди и слабости на Црквата, христијанската порака никогаш не застарува – пишува папата Фрањо.

На крајот изрази надеж дека меѓухристијанскиот симпозиум „ќе допринесе пронаоѓање на нови патеки, креативни методи и прилагоден говор за да допре до сите навестувањето на Исус Христос, во целата негова убавина“.

Екуменскиот патријарх Вартоломеј исто така по повод средбата на католички и православни теолози испрати порака до претседателот на тамошниот Теолошки факултет. Изрази задоволство од симпозиумот, ветувајќи молитви и поделувајќи свој благослов, нагласувајќи ја потребата од дијалог меѓу христијаните и негување на „атмосфера на меѓусебна доверба и искрено пријателство“ во време кога соработката и единството стануваат сѐ поважни.

Неодамнешните терористички напади во западноевропските земји „покажуваат апсолутна нужност од реевангелизација на континентот, бидејќи проблемот не се состои толку во развојот на тероризмот меѓу членови на одредена религија, колку во опширната дехристијанизација на Европа која во последните децении оди по патот на оддалечување од христијанските вредности и традиции и прифаќа нови теории и обичаи кои се потполно спротивни на Божјиот закон“ – заклучи патријархот Вартоломеј, додавајќи:

„Недостатокот на трајни и здрави вредности и неконтролираната човечка слобода која се усмерува на катастрофални избори за човечкиот род и за личноста која е создадена на Божја слика, за семејството и за општеството, доведе многу луѓе до очај и барање на духовна поддршка како би можеле да го запреме тој вртоглав пад во разорувањето на светот и човечките вредности“.

Бидејќи во западните секуларизирани земји не ја пронаоѓаат таа духовна поддршка, многумина се свртуваат кон „нездрави облици на религиозност“, кои ги полнат со идеи на отфрлување и омраза, меѓутоа кои „не можат да ја исполнат животната празнина“ и затоа „ветуваат вечно уживање во материјалните добра, т.е. продолжување во вечност на материјалистичкиот живот кој го заробува човекот“ – заклучи цариградскиот Патријарх.

„Враќање на верата и христијанскиот живот“ е „единствен вистински пат, кој може да даде конкретни одговори на метафизичката преокупација на современиот човек и да ја исполни неговата онтолошка празнина“. Љубовта кон дијалогот и помирувањето – смета Патријархот – ги соединува христијаните во свеста дека Христос е единствена и голема надеж за светот. Иднината припаѓа на Христос, Неговата Црква и на Неговата теологија“ – пишува патријархот.

На крајот цариградскиот патријарх Вартоломеј изрази надеж дека меѓухристијанскиот симпозиум ќе допринесе до појасно ослушнување на евангелието и Господовиот глас, јакнење на заедништвото, верата, надежта и помирувањето во нашиот свет.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот