Папата и ги доверува на Богородица потребите на светот

Папата и ги доверува на Богородица потребите на светот

На крајот од светата Литургија со која заврши Италијанскиот национален евхаристиски конгрес, папата Фрањо во Матера се помоли на Богородица да има повеќе деца во Италија; се помоли за утеха на настраданиот украински народ и за жртвите на насилство и киднапирања од Азија до Африка. Тој се осврна на масакрот на деца во Мјанмар: „Такви трагедии не смеат да се случуваат“.

Италија каде што се раѓаат малку деца, Мјанмар во пламен по државниот удар и 11 деца убиени во напад на училиште; Украина, каде светските лидери мора да успеат да ја запрат војната, Камерун и апелот на бискупот за ослободување на луѓето киднапирани во црквата; и мигрантите и бегалците, на денот посветен на нив да се обнови посветеноста на сите луѓе во градењето на поинклузивна и побратска иднина. Ова се најитните потреби на светот, за кои папата Фрањо во Матера се помоли за мајчинското застапништво на Дева Марија, „Евхаристиската жена“, пред да го заврши евхаристиското славење со молитвата Ангел Господов, со што заврши 27. Италијански Евхаристиски конгрес.

Повеќе деца во Италија

Заблагодарувајќи им се на присутните на светата Литургија и на учесниците на конгресот, потоа на кардиналот Зупи, претседател на Италијанската бискупска конференција, на бискупијата за гостопримството и организацијата на неговата посета во Матера, како и на сите доброволци, Папата на Богородица го довери напредокот на Црквата во Италија, за да може да се почувствува мирисот Христов во секоја заедница, Живиот леб што слезе од небото. И се помоли за нејзино застапништво пред се за повеќе раѓања, повеќе деца во Италија.

Не смее да се повторуваат повеќе трагедии како масакрот на децата во Мјанмар

Посебни мисли потоа посвети на Мјанмар, на таа – како што рече – благородна азиска земја која повеќе од две години е измачувана од сериозни вооружени конфликти и насилство, што предизвика бројни жртви и раселени лица. Во исто време, тој се присети дека оваа недела го слушнал плачот од болка поради смртта на децата во бомбардираното училиште. Се гледа дека денес во светот е модерно да се бомбардираат училишта! – додаде Папата. Не дозволувајте плачот на тие малечки да остане неслушнат! Вакви трагедии не смеат да се случуваат! – истакна Папата. Драматичниот хеликоптерски напад, според владините сведоци, се случил на 16 септември во провинцијата Сагаинг.

Мир во Камерун, по киднапирањето во црквата

Истиот ден, во југозападниот дел на Камерун, каде што од 2016 година трае конфликтот меѓу сепаратистите и редовната армија, неколку лица, меѓу кои пет свештеници и една монахиња, се киднапирани во бискупијата Мамфе, додека биле во црквата Света Марија во селото Нчанг. Според бискупите, кои апелирале за нивно ослободување, станува збор за киднапирање со цел изнуда. Во својот пладневен говор, папата Фрањо се приклучи на нивниот апел и се помоли за киднапираните и за населението на црковната провинција Баменда: Господ да даде мир на срцата и општествениот живот на таа мила земја.

Крај на војната во Украина, апел до светските лидери

Светиот Отец потоа се обрати до Марија, царицата на мирот, со цел да го утеши измачениот украински народ и да поттикне кај лидерите на земјите, собрани деновиве во Њујорк на Генералното собрание на Обединетите нации, силна желба веднаш да најдат ефикасни иницијативи кои ќе доведат до крај на војната.

Поинклузивна и побратска иднина за мигрантите и бегалците

На крајот, во неделата, кога Црквата го слави Светскиот ден на мигрантите и бегалците, на тема „Градење иднина со мигрантите и бегалците“, папата Фрањо го поттикна обновувањето на ангажманот во градењето на иднина според Божјиот план: иднина во која секој човек ќе си го најде своето место и ќе биде почитуван; во кој мигрантите, бегалците, прогонетите и жртвите на трговија со луѓе можат да живеат во мир и достоинство. Затоа што – додаде Папата – Божјото царство се остварува заедно со нив, без исклучување. Благодарение на овие браќа и сестри, заедниците можат да растат на социјално, економско, културно и духовно ниво; а споделувањето на различни традиции го збогатува Божјиот народ. Сите да застанеме во одбрана на изградбата на поинклузивна и побратска иднина! – охрабри Папата и потсети на четирите обврски за помош на оние кои се принудени да ја напуштат својата земја: Мигрантите треба да се прифатат, придружуваат, помагаат и интегрираат.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот