Папата испрати порака до световните институти

„Обединети ги посветувањето и световноста“ – за тоа пишуваше Светиот Отец во пораката до неодамна завршената Светска конференција на световните институти. Светиот Отец световните институти ги поттикна на интензивен молитвен живот да бидат „запалени огништа“ за луѓето кои бараат светло.

Во текстот кој го потпиша кардинал Пиетро Паролин, Папскиот државен секретар секоја световна институција со посветен живот се повикува на „обновена синтеза“ на лаичкиот и посветениот аспект на животот.

Меѓу останатото во пораката потсетува на зборовите на блажен Павле VI упатени до членовите на световните институти: „Вие сте таинствено влевање на двете силни струи на христијанскиот живот“ – она лаичката и она посветената на Бог преку евангелските совети.“

Затоа световноста и посветеноста треба да живеат заедно „никогаш не разделувајќи ги“, не живеејќи ги на „формалистички начин“ без плодови. Исто така би било погрешно „да го подредиш едниот фактор над другиот“. Вие не сте – пишува папата Фрањо – прво лаици, а потоа посветени личности како што не сте прво посветени лица, а потоа лаици, туку истовремено сте и двете. Од тоа следува потребата за постојано расудување кое помага за хармонично дејствување „став кој го олеснува пронаоѓањето на Бог во сите работи.“

Понатаму ја истакнува потребата за формација која објаснува дека заедничкиот живот е од основна важност. Заради световноста членовите на институтите ја прифаќаат од една страна „сложеноста, фрагментацијата и несигурноста на нашето време“, а од друга страна се креативни во „осмислувањето на нови решенија, пронаоѓајќи оргинални одговори кои се соодветни за новите ситуации.“ Сето тоа треба да се прави живеејќи ја – според зборовите на Папата – „духовноста која може да ги спои критериумите кои доаѓаат „од горе“ од Божјите милости и критериумите кои доаѓаат „од доле“ од човечката историја.

Светиот Отец ги поттикнува световните институти на интензивен молитвен живот за да бидат „запалени огништа“ за луѓето кои бараат светло како и сведоци на братството и пријателството. Најголем предизвик за световните институти е да бидат училиште на светоста со евангелските совети за чистотата, сиромаштвото и послушност, за да се сведочи дека може да се биде слободен и понизен и да се живее служејќи на другите – истакнува папата Фрањо.

Човештвото пред кое членовите на световните институти се наоѓаат вклучува луѓе кои се загубиле во верата или живеат како Бог да не постои, млади без вредности и идеали, ранети семејства, невработени, осамени стари луѓе и мигранти. Средбата со нив ја нарече „можност за да им се даде охрабрување, да им се дарува надеж, да им се донесе утеха.“ Секогаш пример нека ви биде Марија која „водела нормален живот, сличен на многу други и така соработувала во Божјиот план“ – стои на крајот од пораката.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот