Папата изрази близина со погодените од циклонот „Идаи“

Папата изрази близина со погодените од циклонот „Идаи“

На крајот од Генералната аудиенција, папата Фрањо ја изрази својата близина до населението во Мозамбик, Зимбабве и Малави погодени од големите поплави кои ги предизвика циклонот „Идаи.“

Тага и близина – се чувствата кои папата Фрањо ги изрази на крајот од Генералната аудиенција осврнувајќи се на населението кое е погодено од циклонот „Идаи“ кој уништи цели подрачја помеѓу Мозамбик, Зимбабве и Малави.

Овие денови големите поплави предизвикаа тага и уништување на повеќе подрачја во Мозамбик, Зимбабве и Малави. На тој мил народ им го изразувам своето сочувство и близина. Големиот број жртви и нивните семејства ги доверувам на Божјото милосрдие и повикувам утеха и поддршка за сите оние кои ги погоди таа катастрофа – рече Светиот Отец.

Апелот на епископите од Малави

Додека заеднички се бориме за да одговориме на несреќата која нè погоди, упатувам апел до сите католици и луѓе со добра волја, до агенциите за развој и меѓународните партнери, да ни помогнат да ги поддржиме нашите браќа и сестри кои останаа изолирани – е апелот на епископите од Малави кој го пренесе агенцијата Фидес, а кои го упатија после големите поплави кои ја погодија таа земја по поминувањето на циклонот „Идаи“. Најитно е потребна храна, шатори, лекови и уреди за прочистување на водата.

Помош од локалните Каритаси

Состојбата е ужасна – така спасувачите гo опишаа подрачјето кое ги опфаќа погодените делови на Мозамбик, Зимбабве и Малави. Една недела силни, обилни дождови ги уништија домовите и јавните институции и ги прекинаа најважните патишта. Многу голем е и бројот на жртвите, најмалку 200 лица настрадаа иако некои проценки зборуваат и за 1000 загинати. Евакуирани се стотина илјадници луѓе. На помош на погоденото население веднаш се приклучија локалните Каритаси кои делат намирници за најсновните потреби и настојуваат да се избегне ширење на епидемии.

Нашата помош е тешка, но е потребна. Настојуваме да правиме сè што е можно и нема да запреме се додека состојбата не се нормализира – рече во разговор за Радио Ватикан Фабрицио Кавалети водач на Канцеларијата за Африка на Италијанскиот Каритас. Од час во час состојбата е се потешка, бидејќи посебно градот Беир – приморски град во Мозамбик со повеќе од 500.000 население е уништен до темел.

Затоа навистина се плашиме дека бројот на жртвите нагло ќе расте – вели Кавалети и додава дека циклонот бил посебно силен до сега невиден. Уверен дека причината за тоа се климатските промени, рече дека истражувањата покажале дека во последните неколку децении зачестеноста и силата на тие појави се зголемила.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот