Папата: Излезете од самодопадливоста и не задржувајте ги Божјите дарови за себе

Папата: Излезете од самодопадливоста и не задржувајте ги Божјите дарови за себе

Повторното воспоставување на апостолското заедништво покажа дека во ДНК на христијанската заедница е единството и ненаврзаноста на себе, кои овозможуваат да не се плашиме од различноста, да не се наврзуваме на работи и дарови, и да станеме маченици, односно сведоци на живиот и делотворниот Бог во историјата.

Излезете од ставовите на самодопадливост, откажете се од задржување на Божјите дарови за себе и не препуштајте се на просечноста како би ја откриле убавината да се сведочи Воскреснатиот Христос – рече папата Фрањо за време на Генералната аудиенција на плоштадот Свети Петар, која се одржа на 12 јуни 2019 година. Светиот Отец продолжи со катехезите за евангелското патување за кое се зборува во Делата на светите апостоли; односно продолжението на евангелието. Сѐ поаѓа од воскресението Христово, кој е извор на новиот живот. Учениците биле послушни на Исуовата заповед, останале обединети, еднодушно и постојани во молитвата, собирајќи се околу Марија и подготвувајќи се за да примат сила Божја, не на пасивен начин, туку зацврстувајќи го заедништвото меѓу себе.

После тажните настани со страдањето, ги нема повеќе дванаесете апостоли, што е симболичен број за Израел, затоа што ги претставуваат дванаесете племиња, као и за Црквата, затоа што Исус ги избра дванаесете да го следат, а се единаесет – рече Папата и истакна: Го нема повеќе Јуда, кој си го одзема животот притиснат од грижата на совест поради предавството. Тој веќе од порано беше започнал да се одвојува од заедништвото со Господ и останатите, работите ги правел сам, се наврзал на парите со искористување на сиромашните и губејќи ја од вид атмосферата на бесплатност и себедарување, па сѐ до прифаќање на вирусот на горделивост кој му го зарази умот и срцето претворајќи го од пријател во непријател и водител на оние кои го фатија Исус.

Јуда примил голема милост станувајќи дел од групата на најблиски пријатели на Исус и учество во самата Негова служба, но во одреден момент се возгордеал дека може сам да си го спаси животот; меѓутоа го изгубил – рече Папата и објасни: Јуда престанал со срцето да му припаѓа на Исус и се исклучил од заедништвото со Него и Неговите ученици. Престанал да биде ученик, и се поставил над Учителот. Го продаде и со цената на своето злосторство си стекна земјиште, кое не дава плод, туку било натопено со неговата сопствена крв.

Јуда повеќе ја сакал смртта, отколку животот и го следел примерот на злите, чиј што пат е пат на темнина и уништување. Единаесетмината, напротив, го избрале животот и благословот, станувајќи одговорни за текот на историјата, од генерација во генерација, од израелскиот народ до Црквата – рече Светиот Отец и продолжи: Напуштањето на еден од дванаесетмината направи рана на телото на заедницата и требало неговата служба да ја преземе некој друг. Петар постави услов: Новиот член мора да биде Исусов ученик од почетокот, односно од крштевањето на Јордан, сѐ до крајот, до вознесението на небо.

Групата на дванаесетмината требало да се обнови – рече Папата и додаде: Започнале со праксата на заедничко расудување, кое се состои во гледање на реалноста со Божји очи, во единство и заедништво. Меѓу кандидатите биле Варнава и Матиј. Господ со покажал на Матиј, кој се придружи на единаесетмината. Така повторно е воспоставено телото на дванаесетмината, знак на заедништвото, кое ја победува поделбата, изолацијата, менталитетот кој го апсолутизира приватниот простор; знак дека заедништвото е прво сведоштво кое го дале апостолите. Исус рече: Сите ќе ве препознаат по тоа дека сте мои ученици, ако имате љубов еден кон друг.

Во Делата на светите апостоли дванаесетмината покажале Господов стил – рече Светиот Отец и напомена: Биле заверени сведоци на Христовите дела за спасение и на светот не му ја покажувале својата умислена совршеност, туку преку милоста на единство даваат да се истакне Другиот, кој веќе живее на нов начин меѓу својот народ, а тоа е Господ Исус. Апостолите избрале да живеат со владеењето на Воскреснатиот во единство со браќата, што единствено е возможна атмосфера на вистинскиот дар за себе.

Повторното воспоставување на апостолското заедништво покажа дека во ДНК на христијанската заедница е единството и ненаврзаноста на себе, кои овозможуваат да не се плашиме од различноста, да не се наврзуваме на работи и дарови, и да станеме маченици, односно сведоци на живиот и делотворниот Бог во историјата – рече папата Фрањо.

На крајот ја поздрави меѓурелигиската делегација од Хонг Конг и кардинал Џон Тонг Хон, како и руските православни свештеници, потсетувајќи дека Црквата утре го празнува свети Антон Падовански, гласовит проповедник, заштитник на сиромашните и оние кои страдаат и молејќи го неговото застапништво да ни помогне да ја искусиме помошта од божественото милосрдие.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот