Папата за христијанскиот придонес за иднината на Европа

Папата за христијанскиот придонес за иднината на Европа

На 28 октомври 2017 година, попладне, папата Фрањо се обрати на учесниците на конференцијата на тема „Повторно размислување за Европа: Христијанскиот придонес за иднината на европскиот проект,“ а во организација на Советот на епископски конференции на Европска унија (COMECE).

Значајно е – рече Светиот Отец – дека целта на ова средба беше пред сѐ дијалогот кој се врши во дух на отвореност и слобода поради двострано збогатување. Зборувајќи за „христијанскиот придонес“ за иднината на европскиот континент, Папата рече дека тоа значи размислување за нашата задача, како христијани денес, во земјите кои со векови биле обликувани од верата.

Започнувајќи со ликот на свети Бенедикт заштитникот на Европа, папата Фрањо на посебен начин се фокусираше на двата главни придонеси на христијаните за Европа, кои можат да ги понудат и во иднина. Првиот, а можеби и најголемиот придонес кој христијаните можат да го дадат на Европа е да ја потсетат дека таа не е збир на статистики или институции, туку е сочинета од луѓе. Вториот важен придонес е поврзан со првиот: Да се признаат другите луѓе, значи да се вреднува она што нѐ соединува со нив. Да се биде личност нѐ поврзува со другите, нѐ прави заедница. Според тоа, вториот придонес е да се помогне да се обнови тоа чувство за припаѓање на заедницата.

Папата објасни дека семејството, таа основна заедница, е местото каде првично доаѓаме до разбирање на единството во различноста. Семејството е хармонично единство на разликите помеѓу мажите и жените, кои стануваат посилни и поавтентични во таа мерка во која плодоносно се способни да се отворат за животот и за другите. Пошироката општетсвена заедница е слична и на тој начин е во состојба да цвета кога е отворена за различностите и даровите на секоја личност внатре во заедницата. Личноста и заедницата се темелите на Европа, а „циглите“ на таа структура се дијалогот, инклузивноста, солидарноста, развојот и мирот.

Папата Фрањо својот говор го заврши со реченицата од Писмото до Дионет, христијански спис од 2 век, во која авторот пишува „што е душата во телото, тоа се христијаните во светот.“ Во нашево време – продолжи Светиот Отец – христијаните се повикани да ја оживеат Европа и нејзината совест, не со заземање на места, туку со создавање на процеси кои се способни да пробудат нова енергија во општеството. Папата потоа повторно се осврна на свети Бенедикт, истакнувајќи дека тој не бил заинтересиран да зазема места во изгубениот и збунет свет. Бенедикт потпомогнат од верата гледал кон напред, и во малата пештера во Субијако на светот му донесе заразно и неодоливо движење кое го променило лицето на Европа.

А на крајот Светиот Отец ја кажа следната молитва: Нека на нас христијаните од ова време, свети Бенедикт, тој „пратеник на мирот, промотор на единството, учител на цивилизацијата“, ни покаже дека радосната надеж, која потекнува од верата е способна да го промени светот.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот