Папата за Исповедта: На Црквата им се потребни добри исповедници

Генерална аудиенција на 20 ноември 2013 година

Мината среда зборував за опростувањето на гревовите во однос на Светата Тајна Крштение. Денеска продолжуваме на таа тема, меѓутоа во однос на таканаречената „власт на клучевите“ или „власт за отпуштање од гревовите“, што им ја даде Исус на апостолите – рече Светиот Отец на почетокот на денешната катехеза.

Да се потсетиме дека протагонист за опростување на гревовите е Светиот Дух. Во своето прво укажување на апостолите, воскреснатиот вдахна во нив говорејќи: „Примете Дух Свети! На кои ќе им ги простите гревовите, ќе им се простат, а на кои ќе им ги задржите, ќе им се задржат“ (Ив 20,22-23). Во своето преобразено тело Исус е веќе нов човек, Кој ги нуди воскресните дарови на Својата смрт и воскресение – а кои се тие дарови? – запраша Папата па продолжи – мир, радост, опростување на гревовите, послание – но, над сето тоа – ни го дарува Светиот Дух, Кој е извор на овие дарови; бидејќи од Него доаѓаат. Исусовиот здив заедно со зборовите по кои го предава Духот, означува пренос на животот; нов и преку опростувањето обновен живот – рече папата Фрањо.

Но пред да вдахне во нив за да им го подари Духот, Исус им ги покажа Своите рани, оние на дланките и на градите. Имено, тие ја претставуваат цената на нашето спасение. Сакаше да ги задржи… – па дури и во овој момент на небото – Тој ги покажува на Отецот како цена за нашето откупение. По силата на тие рани, нашите гревови се опростени. Така Исус го даде својот живот за нашиот мир, за нашата радост; и во душата да ни се всели милоста за опростување на гревовите. Многу е убаво Исус така да се гледа.

Второ: Исус на Апостолите им дава власт за опростување на гревовите. Но, зошто е помалку тешко да се разбере дека еден човек може да ги опростува гревовите? – запраша папата Фрањо и продолжи: Црквата е чуварка на „клучевите“ или власта за одрешување од гревовите; да отвара и затвора – да опростува. Во своето милосрдие Бог Му опростува на човекот, но сакаше тие кои припаѓаат на Христос, на Неговата Црква, опростувањето да го примаат преку служителите на Заедницата (Црквата).

Божјото милосрдие доаѓа до мене преку апостолската служба; гревовите ми се опростуваат и повторно ми се враќа радоста. На тој начин Исус нè повикува помирувањето да го живееме на црковно (еклезијално) и заедничарско ниво, што е многу убаво. Црквата која е света, а истовремено ѝ е потребна покора, на нашиот пат на обраќање нè следи преку целиот живот. Не е Црквата господарка на власта на одрешување од гревовите, туку е слугинка и посредница на Божјото милосрдие, па секој пат, кога овој Божји дар може да се посредува, се радува – рече Папата.

Многумина поради доминацијата на индивидуализмот и субјективизмот, можеби не ја разбираат оваа црковна (еклезијална) димензија на опростувањето на гревовите. Сигурно, Бог му опростува лично на секој грешник кој се кае, меѓутоа христијанинот е поврзан со Христос, а Христос соединет со Црквата. Тоа е дар, па и лек; една заштита и сигурност дека Бог навистина ми опростил. Одам до братот свештеник и велам: „Но, оче, го направив тоа и тоа…“ – „А јас ти опростувам: Бог е Кој опростува“; и јас сум во тој миг уверен дека Бог ми опростил и тоа е убаво! – рече Папата.

Тоа значи да се има сигурност во она што постојано го повторуваме: ’Бог секогаш ни опростува; никогаш не се уморува..!’ Ниту ние не би требало да се умориме од одење на исповед и барање на прошка… – „Ама, оче, незгодно ми е да ги искажам моите гревови…“ – Кај нас се вели: ’Подобро еднаш да се поцрвени, отколку илјада пати да се пожолти..!’ Еднаш поцрвенуваш и одиш напред…

Конечно и трето: свештеникот – средство за опростување на гревовите. Божјото опростување ни се дава во Црквата; и тоа преку посредништво и служба на нашиот брат, свештеникот. И тој, кому исто така, како и нам, му е потребно Божјото милосрдие, постанува средство на милосрдие, ни ја посредува бескрајната љубов на Бог Отецот. И свештениците треба да се исповедуваат; и епископите: сите сме грешници. И Папата се исповедува на секои петнаесет дена, бидејќи и тој е грешник! Исповедникот слуша работи кои му ги признавам, ме советува и ми опростува – а опростувањето ни е потребно на сите.

Понекогаш се слуша дека некои директно се исповедуваат на Бога… Да, како што веќе реков, Бог секогаш те слуша, меѓутоа во Светата Тајна Исповед ти испраќа еден брат да ти донесе опростување, тоа е сигурноста на опростот во име на Црквата. Службата на одрешување и опростување на гревовите која ја извршува свештеникот во Божјото име, е многу чувствителна служба и потребно е срцето на свештеникот да биде во мир; да не ги злоупотребува верниците, туку да биде кроток, добронамерен и милосрден – рече Светиот Отец – да знае да посее надеж во срцето и над сè да биде свесен дека братот или сестрата кои пристапуваат на Светата Тајна Исповед, бараат опростување и прават исто што правеле многу лица пристапувајќи кон Исуса да ги оздрави. Свештеникот, кој не би го имал ова расположение на духот – освен ако не се поправи – би било подобро да не ја извршува оваа служба. Имаат ли верниците (кои се кајат) обврска (да се исповедуваат)? Не! Имаат право! Сите ние верници имаме право, да побараме и пронајдеме во свештениците служители на Божјото опростување.

Драги браќа, како членови на Црквата ве прашувам: дали сме свесни за убавината на дарот кој ни го дарува Бог? Ја чувствуваме ли радоста поради оваа мајчинска грижливост на Црквата спрема нас? Знаеме ли да ја цениме со едноставност? Да не заборавиме дека Бог никогаш не се уморува да ни опростува; по свештеничката служба, нè привлекува повторно во Својата прегратка; повторно нè раѓа и ни дозволува да се подигнеме и да го продолжиме својот пат. Бидејќи тоа е нашиот живот: да се подигнуваме и да продолжиме со започнатиот пат – рече на крајот Светиот Отец.

Во текот на Генералната аудиенција Светиот Отец упати апел за настраданите жители на Сардинија. Не можеме да не се сетиме на неодамнешните поплави на Сардинија: да молиме за нив и за нивните роднини и да бидеме солидарни со сите кои претрпеле штета – рече Светиот Отец повикувајќи ги сите верници во тишина да се помолат за напатениот народ. Вчера пак Светиот Отец во телеграма, која ја потпиша архиепископот Пиетро Паролин, државен секретар, ја покажа својата близина и охрабрување на сите, посебно го гарантираше своето сеќавање во молитвите за загинатите и за сите лица погодени од тешката катастрофа.

Светиот Отец посака да не недостасува солидарноста. Потресен сум од големата трагедија, барам молитва за жртвите, посебно за децата – напиша Папата во вчерашната твитер порака.

Му благодарам на Бога за дарот на бројните личности кои, во манастирите и еремиториумите, се посветуваат на Бога во молитва и делотворна тишина – истакна папата Фрањо на крајот на Генералната аудиенција, потсетувајќи дека утре се одбележува ’Ден pro Orantibus’, со кој Црквата на посебен начин си спомнува за контемплативниот живот, клаузурните часни сестри и монаси.

И самиот Свети Отец – кој на 21 ноември, ќе го посети манастирот на чесните сестри од бенедиктинската конгрегација камалдолеза на Светиот Антун опат, на римскиот рид Авентин. Во октомври, по повод средбата со сестрите кларисини од Асизи, ги поттикна клаузурните часни сестри нивната насмевка да не биде како онаа на стјуардесите во авионот, и да бидат експерти за луѓе.

На тој папски поттик во разговор за Радио Ватикан се осврна архиепископот Хосе Родригез Карбаљо, секретар на Конгрегацијата за посветен живот и апостолат, и истакна дека тој папски поттик навистина бил плодоносен, бидејќи понекогаш се мисли дека сериозноста на евангелскиот живот – значи и клаузурата, контемплацијата и слично – се во спротивност со длабоката радост која се изразува во насмевката и на лицето. Кој навистина ќе влезе во длабок пријателски однос со Бог, не може да биде без насмевка, не може да не постане слика на Божјата насмевка за човечкиот род – истакна архиепископот Родригез Карбаљо.

Светиот Отец на Генералната аудиенција потсети дека Обединетите Нации на 22 ноември свечено ќе ја отворат „Меѓународната година на селското семејство“, чија цел е да истакне дека во семејството земјоделието и руралниот развој наоѓаат делатник кој го почитува создаденото и кој е внимателен на вистинските потреби. И во работата, семејството е пример на братство, да се искуси единството и солидарноста помеѓу сите негови членови, со поголема чувствителност кон оние кои имаат потреба од нега и поддршка, запирајќи ги во зачетокот општествените судири. Од тие причини, радувајќи се поради иницијативата, сакам таа да придонесе вреднување на безбројните семејни заслуги за економскиот, општествениот, културниот и моралниот раст на целата човечка заедница – рече папата Фрањо.

Извор: РВ/ Превод: С.С.

Категорија: Ватикан

За авторот