Папата: Зачувувањето на целото создание е големо морално прашање на нашето време

Папата: Зачувувањето на целото создание е големо морално прашање на нашето време

Папата Фрањо упати писмо до верниците католици во Шкотска во кое моли за мудрост и сила за лидерите присутни на Конференцијата за климатските промени COP26, која се одржува до 12 ноември во Глазгов предупредувајќи дека таа прилика не смее да се троши залудно.

Времето истекува, пишува папата Фрањо во писмото до верниците католици во Шкотска кое го објави надбискупијата во Глазгов. Одржување на конференцијата COP26 е прилика која не смее да биде залудно потрошена, за да не мора да се соочиме со Божјиот суд заради нашиот неуспех да бидеме верни управители на светот кој ни го довери на грижа, пишува.

Светиот Отец изразува жалење што не беше во можност да учествува на конференцијата во Шкотска и да се сретне со верниците. Меѓутоа благодарен е на верниците што се придружија на молитвата на негова накана и за плодоносен исход од конференцијата, која се соочува со едно од големите морални прашања на нашето време: зачувувањето на целото создание.

Исто така повикува на молитва за мудрост и сила на лидерите кои се задолжени да ја водат меѓународната заедница додека настојуваат да одговори на предизвикот со конкретни одлуки вдахнати од одговорноста кон сегашните и идните генерации.

Писмото на Папата има датум 9 ноември, денот на посветата на Латеранската базилика, која го симболизира заедништвото на Црквата во верата и љубовта со Петровиот престол. Папата Фрањо ги замоли верниците во Шкотска да се молат за него и за епископите и ги поттикна да продолжат да истраат во докажаната верност на Господ и Неговата Црква.

Во ова време на предизвици, порачува Папата, сите Христови следбеници во Шкотска нека ја обноват својата посветеност да бидат автентични сведоци на радоста на Евангелието и со неговата моќ да го внесат светлото и надежта во секој напор за градење на иднина на правда, братство и благосостојба, како материјално така и духовно.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот