Папата замина за Чиле

Папата замина за Чиле

Започна 22 меѓународно апостолско патување на папата Фрањо при што ќе ги посети Чиле и Перу. Во римскиот аердром во Фиумичино, од каде што појде, го пречекаа претставници на црковните и италијанските граѓански власти.

Во авионот на италијанската компанија „Алиталија“, кој во Сантијаго главниот град на Чиле треба да слета околу 20 часот според локално време, Светиот Отец му даде на директорот на Канцеларијата за печат на Светиот Престол, Грег Бурке, на новинарите кои патуваа во истиот авион да им подели фотографија направена во Нагасаки по експлозијата на атомската бомба во 1945 година.

Фотографијата – симбол на воената трагедија

Зборувајќи со неколку новинари за таа фотографија, Папата им објасни дека случајно ја наоѓа и толку го погодила што сакал да ја сподели со другите. Станува збор за моментална фотографија која ја направил американецот Џозеф Роџер О’Донел, дописник кој по нуклеарната експлозија известувал од јапонските градови Хирошима и Нагасаки. На фотографијата можат да се видат две момчиња; помалото момче изгледа како да спие на рамењата на другото, а всушност е мртво. Поголемото момче кое го носи на рамењата е неговиот 10 годишен брат, на чие лице се гледа достоинствено страдање, затоа што чека помладиот брат кој загинал во бомбардирањето да биде кремиран.

„Плодот на војната“

На задниот дел од сликата се наоѓа потписот на Папата и следните зборови „… Плодот на војната“. Во описот на фотографијата се истакнува очајот на момчето, изразен во гризањето на усните од каде излегува крв. Одговарајќи на прашање на една новинарка за вистинскиот страв од нуклеарна војна, папата Фрањо го изрази својот вистински страв заради состојбата која би можела одеднаш да се влоши, и повторно ја истакна потребата за ангажирање за нуклеарно разоружување.

Почетокот на апостолското патување на Папата

Пред да го напушти Ватикан, папата Фрањо испрати твитер порака во која бара да биде придружуван со молитвата на тоа негово апостолско патување во Чиле и Перу. Во главниот град на Чиле, ќе го пречека претседателката на заминување, но сè уште на должност Мишел Бачелет. Светиот Отец потоа ќе отиде во апостолската нунцијатурата, каде што ќе престојува за време на својот престој во Сантијаго. Освен главниот град во Чиле, Папата ќе го посети градот Темуко на југот каде ќе се сретне со домородниот народ Мапуче, и градот Икике.

Во Перу, каде што ќе пристигне во четвртокот навечер, ќе го посети главниот град Лима, потоа Пуерто Малдонадо во Амазонија, и Трухиљо на пацифистичкиот брег, кој минатата година го погодија силни поплави. Враќањето на Папата во Рим е предвидено за понеделник 22 јануари.

Папите во Чиле и Перу

Потсетуваме на крајот дека и Чиле и Перу ги посети папата Иван Павле II – Чиле го посети во 1987 година, а Перу го посети два пати во 1985 и 1988 година. Папата Фрањо во Чиле живееше една и пол година додека бил во новицијат во Дружбата на исусовците, а пред да биде избран за Папа го посетил и Перу.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот