Папата: Задачата на христијаните е споделување и близина

Папата: Задачата на христијаните е споделување и близина

По повод отворањето на 43-тото издание на Митингот организиран од движењето Comunione e Liberazione, , на 20 август папата Фрањо испрати порака потпишана од државниот секретар, во која ги охрабрува христијаните да негуваат општествено пријателство, а не со држење лекции од балконите, туку со излегување на улица за споделување на секојдневниот напор на живот да се подржи со сигурна надеж.

Во годината кога се одбележува 100-годишнината од раѓањето на основачот на движењето Comunione e Liberazione, Божјиот слуга Луиџи Џусани, овогодинешното издание на Митингот ја оживува неговата апостолска ревност, содржана во зборовите кажани во 1985 година, кои ја вдахновуваат темата за тие пет дена средби, дискусии, претстави и уметност: „Христијанството не се роди за да воспостави религија, туку се роди од силна љубов кон човекот. (…) Љубов кон човекот, восхит, нежност, апсолутна почит кон човекот“.

Клучни зборови „голема љубов“

Клучни зборови содржани во темата на средбата: „Големата љубов кон човекот“, која Папата ја става и во центарот на пораката потпишана од државниот секретар кардинал Пиетро Паролин, упатена до бискупот од Римини, монсињор Франческо Ламбијази. Пораката содржи поттик за денешните христијани во атмосфера „сите против сите“ повторно да го откријат патот на „внимателната љубов“ кон другите, на близина и барање добро, како услов да бидеме целосно свои.

Кревкоста на времето во кое живееме се наоѓа и во верувањето дека нема можност за откупение, рака која те крева, прегратка која те спасува, ти простува, те охрабрува. Тоа е, исто така, – продолжува во пораката – најболниот аспект од искуството на многумина кои доживеале осаменост за време на пандемијата или кои морале да остават сè за да избегаат од насилството на војната.

Како добриот Самарјанин, како Христос: да се љуби секој

Затоа, параболата за добриот Самарјанин денес е повеќе од кога било клучна, во длабока хармонија со темата на Митингот, бидејќи од една страна ја покажува потребата, која постои во секој човек, од Божјата милост и неговата нежност, и од друга страна, отелотворува безусловна голема љубов кон секој брат и сестра што ги среќаваме по пат. Не се работи само за великодушност, туку – според Папата – за препознавање на самиот Христос во секој напуштен и исклучен брат. Кој верува, повикан е да го има истото гледиште, истата љубов на Христос кој ги сакаше сите без никакво исклучување; неговата љубов е слободна, без мерка и пресметка. Но – се прашуваме – не може ли сето тоа да изгледа како побожна накана, во споредба со она што го гледаме денес? – праша Папата.

Патот на братството не е нацртан во облаци

Како е можно да ги гледаме оние што нè опкружуваат како вредност што треба да се почитува, во свет каде што денес „сите се против секого“ и каде преовладуваат себичноста и едностраните интереси, со пандемијата и војната што не вратија назад во врска со проектот на обединето човештво? Имајќи предвид дека патот на братството не е исцртан на облаците – се вели во пораката – туку поминува низ бројни духовни пустини присутни во нашите општества, и дека токму во пустината – како што вели Бенедикт XVI – ја открива вредноста на она што е важно за животот.

Нашето ангажирање – истакна Папата – не е исклучиво во акции или програми за промоција и помош; она што го движи Духот не е вишок на активизам, туку пред се внимание што му го посветуваме на другиот. Оваа внимателна љубов е почеток на вистинска грижа за личноста и желба да се бара неговото добро. Важно е повторно да се разбуди таа свест. Затоа, средбата со другите е услов за да станеме целосно свои и да донесеме плод – истакна папата Фрањо.

Општествено пријателство, плод на давање себеси на другите

Давајќи се себеси на другите го гради општественото пријателство што го препорачува Папата во својата порака. Тоа е братство отворено за секого, прегратка која урива ѕидови и оди да се сретне со другиот со свесност за тоа дека секој поединец вреди, во каква и да е ситуација во која се наоѓа. Љубов кон другиот поради тоа што е: Божјо создание, создадено според неговиот образ и подобие; значи, обдарен со неприкосновено достоинство со кое никој не може да располага или, уште полошо, да го злоупотребува.

Тоа е општествено пријателство кое ние како верници сме повикани да го поттикнеме со нашето сведочење; а тоа е општественото пријателство кое Папата сака да го промовираат учесниците на Митингот. Да се намалат далечините, да се спуштаме за да го допреме страдалното Христово тело во народот. Колку им е потребно на мажите и жените од нашето време да запознаваат луѓе кои не делат лекции од балконот, туку излегуваат на улица за да го споделат секојдневниот напор на животот со сигурна надеж! – истакна Папата. Ова е историска задача на христијаните; затоа, папата Фрањо бара од учесниците на Митингот да го прифатат овој апел продолжувајќи да соработуваат со општата Црква на патот на пријателството меѓу народите, ширејќи силна љубов кон човекот во светот.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот