Папата: Забавата не е одмор, туку бегство од реалноста

Папата: Забавата не е одмор, туку бегство од реалноста

Неделата не е ден за поништување на останатите денови, туку присетување на нив, за да ги благословуваме, да го прифатиме животот и да се помириме со него.

На 5 септември 2018 година, на плоштадот Свети Петар во Ватикан, папата Фрањо за време на Генералната аудиенција продолжи со серијата катехези фокусирајќи се на заповедта за празнувањето на денот Господов, и посебно се осврна на делот од Книгата Исход: „Помни го денот саботен, за да го празнуваш. Шест дена работи, и сврши ги во нив сите работи свои; а седмиот ден е сабота Господова, на твојот Бог; тогаш немој да вршиш никаква работа, ни ти, ни синот твој, ни ќерката твоја, ни слугата твој, ни слугинката твоја, ни волот твој, ни ослето твое, ниту придојдениот, кој се наоѓа кај тебе. оти за шест дена ги создаде Господ небото и замјата, морето и сѐ што е во нив; а во седмиот ден си отпочина: заради тоа Господ го благослови седмиот ден и го освети.“ (2 Мојсеева 20, 8-11)

Патувањето низ Декалогот денес нѐ води до заповедта за денот за одмор – рече Папата и продолжи: Изгледа како таа заповед да е едноставна за извршување, но тоа е погрешен впечаток. Навистина да се одмориш не е лесно, затоа што постои лажен одмор и вистински одмор. Како можеме да ги препознаеме?

Денешното општество е жедно за забава и одмор – рече Светиот Отец и објасни: И забавната индустија која е многу раширена прикажува идеален свет како голем забавен парк каде сите се забавуваат. Поимот за животот кој денес преовладува нема тежиште во активностите и должностите, туку во избегнувањето од одговорност. Како пример се става успешен човек кој може да си дозволи многу задоволства. Меѓутоа тој менталитет води до незадоволство од животот кој е зашеметен од забавата која не е одмор, туку отуѓување и бегство од реалноста.

Човекот никогаш не се одморал толку како денес, исто така човекот никогаш не почувствувал толку празнина како денес – рече папата Фрањо и додаде: Поголеми се можностите за забава, за излегувања, крстарења, патувања, за многу работи кои не го исполнуваат срцето и не одмораат. Зборовите од Декалогот го бараат и го наоѓаат центарот на проблемот, во поинакво светло покажуваат што е тоа одмор. Заповедта има посебен елемент, дава мотивација. Одмор во името на Господ има јасен мотив: „Оти за шест дена ги создаде Господ небото и замјата, морето и се’ што е во нив; а во седмиот ден си отпочина: заради тоа Господ го благослови седмиот ден и го освети.“ (2 Мојсеева 20, 11)

Тоа нѐ упатува на крајот на создавањето кога Бог вели: „И виде Бог дека е многу добро сè она што го беше создал.“ (1 Мојсеева 1, 31) После тоа започнува денот за одмор, кој е Божја радост заради она што го создал. Тоа е ден за контемплација и благослов – рече Папата и запраша: Што е всушност одморот според таа заповед? Тоа е момент на контемплација, тоа е момент на пофалба, а не бегство од секојдневието. Тоа е време за набљудување на реалноста кога треба да се каже: колку е убав животот!

На одморот како бегство од реалноста, Декалогот го спротивставува одморот како благослов на реалноста – рече Светиот Отец и истакна: За нас христијаните центар е денот Господов, односно неделата, Евхаристијата која значи „заблагодарување.“ Тоа е денот кога на Бог му кажуваме благодарам; Ти благодарам Господи, благодарам Ти за животот, за твоето милосрдие, за сите твои дарови. Неделата не е ден за поништување на останатите денови, туку присетување на нив, за да ги благословуваме, да го прифатиме животот и да се помириме со него. Колку луѓе кои имаат многу можности за забава, немаат мир во животот. Неделата е ден за помирување со животот кога кажуваме дека животот е скапоцен; не е лесен, понекогаш е болен, но е скапоцен.

Вистинскиот одмор е Божјо дело во нас кое бара да се одалечиме од злото и од неговата заводливост (види Evangelii Gaudium, 83) – потсети папата Фрањо и продолжи: Да се мачи срцето во несреќа нагласувајќи ги причините за незадоволство е многу едноставно. Благословот и радоста пак подразбираат отвореност за доброто кое е знак на зрелост на срцето. Доброто е љубезно, никогаш не се наметнува, туку треба да се избере.

Мирот се избира, не може да се наметне и не може да се најде случајно – рече Папата и додаде: Отстапувајќи од горчливите рани на своето срце човекот треба да се помири со она од кое бега. Потребно е да се помири со сопствената историја, со фактите кои не можеме да ги прифатиме, со тешките делови од сопствениот живот.

Дали секој од вас се помирил со својата историја? – праша Светиот Отец и напомена: Тоа е прашање за размислување: Дали сум се помирил со својата историја? Вистинскиот мир не значи да се промени сопствената историја, туку да се прифати и да се вреднува, така како што се случила. Колку пати сме се сретнале со болни христијани кои нѐ утешувале со својот спокој, кој не го чувствуваат оние кои бараат само забава и задоволство. Сме гледале понизни и сиромашни кои се радуваат на малите благодати на среќа што ја вкусиле вечноста.

Господ во книгата Повторени закони вели: „Ви сведочам денес со небото и со земјата: живот и смрт ти предложив јас, благослов и проклетство. Избери го животот, за да живееш ти и потомството твое: да Го сакаш Господа, твојот Бог, да го слушаш гласот Негов и да се приврзеш кон Него, зашто тоа е твојот живот и долгоденствие;“ (5 Мојсеева 30, 19, 20а) – цитираше папата Фрањо и рече: Тоа е избор „fiat“, нека ми биде на Блажена Дева Марија, тоа е отвореноста за Светиот Дух Кој нѐ упатува да Го следиме Христа, Оној Кој нѐ предава на Отецот во најдраматичните моменти и нѐ води по патот кон воскресението.

Кога животот станува убав? – праша Папата на крајот и одговори: Кога ќе започнете добро да размислувате за него без оглед на својата историја. Кога ќе се појави дарот на сомневање и започнуваме да веруваме дека сѐ е милост, а таа света мисла го руши внатрешниот ѕид од незадоволствата, отворајќи простор за вистински одмор. Животот станува убав кога срцето се отвора за Провидноста, и кога ќе се открие вистински она што го вели Псалмот: „Па, зар во Бога не се успокојува душата моја?“ (Псалм 61, 1) Колку е убав тој израз од Псалмот „Па, зар во Бога не се успокојува душата моја?“ – заврши Светиот Отец.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот