Папата: Животот на Црквата не е само минато за паметење, туку и иднина што треба да се гради

Папата: Животот на Црквата не е само минато за паметење, туку и иднина што треба да се гради

Што значи да се вратиме на почетоците на Црквата родена под крстот на кој умре Исус? Одговорот на ова прашање го побара папата Фрањо во својата проповед при посетата на богордичното светилиште на островот Гозо за време на неговата Апостолска посета на Малта, во сабота, 2 април 2022 година. Проповедта на Папата ја пренесуваме во целост.

Под Исусовиот крст се Марија и Иван. Мајката која го роди Синот Божји ја оплакува неговата смрт додека темнина го обвива светот. Возљубениот ученик, кој остави сè за да го следи, сега стои пред нозете на распнатиот Учител. Се чини дека сè е изгубено, сè исчезна засекогаш. И додека ги зема на себе раните на човештвото, Исус се моли: „Боже мој, Боже мој, зошто ме остави?“ (Матеј 27,46; Марко 15,34). Тоа е и наша молитва во моменти од животот обележани со страдање. Тоа е молитва што секој ден се издигнува до Бога од вашето срце, Санди и Доменико: Ви благодариме за истрајноста на вашата љубов и за вашето сведоштво за верата!

Сепак, Исусовиот час – кој во Евангелието по Иван е часот на смртта на крстот – не претставува крај на историјата, туку означува почетокот на нов живот. На крстот, всушност, ја согледуваме милосрдната Христова љубов, кој ни ги отвора рацете и со својата смрт нè отвора за радоста на вечниот живот. Од тој час се отвора животот што започнува, од тој час на смртта започнува уште еден час полн со живот: тоа е времето на Црквата што се раѓа. Од оваа изворна клетка Господ ќе ги собере луѓето, кои ќе продолжат да ги минуваат тешките патишта на историјата, носејќи ја во своите срца утехата на Духот, кој ќе ги брише солзите на човештвото.

Браќа и сестри, од ова светилиште на Та Пина можеме заедно да размислуваме за новиот почеток кој доаѓа од Исусовиот час. И на ова место, пред величествената градба што ја гледаме денес, постоела само мала капела во запуштена состојба. Нејзиното рушење било наредено, се чинеше дека тоа е крајот. Но, низа настани го сменија текот на нештата, како Господ да сака да му каже на ова население: „Нема веќе да те нарекуваат „изоставен”, ниту земјата твоја повеќе ќе ја именуваат „пустиња”, туку ќе те нарекуваат „Мое благоволение кон него”, а земјата твоја – „омажена”, зашто Господ благоволил кон тебе, и земјата твоја цела ќе биде населена“ (Исаија 62,4). Оваа Црква стана национално светилиште, дестинација за поклоници и извор на нов живот. Џенифер нѐ потсети: Овде многумина ги доверуваат своите страдања и радости на Богородица и секој се чувствува прифатен. Тука како поклоник дојде свети Иван Павле II, чија годишнина од смртта е денес. Местото што изгледаше загубено сега ги враќа верата и надежта во Божјиот народ.

Во светлината на ова, да се обидеме и ние да го прифатиме повикот на Исусовиот час, часот на спасението. Тој ни кажува дека, за да ја обновиме нашата вера и посланието на заедницата, повикани сме да се вратиме на тој почетоците, Црквата што е во настанување, која ја гледаме на крстот во Марија и Иван. Но, што значи да се вратиме на тој почеток? Што значи да се вратиш на почетците?

Пред сè, станува збор за повторно откривање на сржта на верата. Враќањето на почетоците на Црквата не значи враќање наназад и копирање на црковниот модел на првата христијанска заедница. Не можеме да ја „прескокнеме историјата“, како Господ да не зборувал и не правил големи работи во животот на Црквата во следните векови. Ниту, пак, значи да се биде премногу идеалист, замислувајќи дека немало никакви тешкотии во таа заедница. Напротив, читаме дека учениците разговараат, па дури и се караат меѓу себе и дека не секогаш ги разбираат учењата на Господ. Враќањето на почетоците значи, пред сè, обновување на духот на првата христијанска заедница, односно враќање во срцето и повторно откривање на центарот на верата: односот со Исус и навестувањето на неговото Евангелие на целиот свет. Ова е суштината! Тоа е радоста на Црквата, да евангелизира.

Гледаме, всушност, дека првите ученици по часот на Исусовата смрт, како Марија Магдалена и Иван, гледајќи го празниот гроб, без да губат време, со растреперено срце, истрчале да ја навестат радосната вест за Воскресението. Плачот од болка под крстот се претвора во радост на навестувањето. И мислам на апостолите за кои е напишано: „И секој ден во храмот и по куќите не престануваа да поучуваат и да го проповедаат Евангелието за Исуса Христа“ (Дела 5,42). Главната грижа на Исусовите ученици не беше престижот на заедницата и нејзините служители, општественото влијание, профинетоста на обожавањето. Не. Немирот што ги придвижуваше беше навестување и сведочење на Евангелието Христово (сп. Римјаните 1,1), зашто тоа е радоста на Црквата, да евангелизира.

Браќа и сестри, малтешката Црква има скапоцена историја од која црпи многу духовно и пасторално богатство. Меѓутоа, животот на Црквата – секогаш да го паметиме ова – никогаш не е само „историја што поминала и што треба да се памети“, туку „голема иднина што треба да се гради“, послушна на Божјите планови. Не може да ни биде доволна верата, составена од посветени обичаи, свечени прослави, убави народни пригоди, силни и возбудливи моменти. Потребна ни е вера која се втемелува и обновува во личната средба со Христос, во секојдневното слушање на неговото Слово, во активното учество во животот на Црквата, во душата на народната побожност.

Кризата на верата, апатијата на верската пракса, особено во условите по пандемијата и рамнодушноста на многу млади луѓе кон присуството на Бога не се прашања што треба да ги „засладиме“, мислејќи дека сè уште опстојува одреден религиозен дух. Не. Понекогаш, всушност, надворешниот изглед може да биде религиозен, но зад таа облека верата старее. Елегантната гардероба на религиозна облека, всушност, не секогаш одговара на живата вера водена од динамиката на евангелизацијата. Неопходно е да се внимава верските практики да не се сведуваат на повторување на репертоарот од минатото, туку да изразуваат жива, отворена вера која ја шири евангелската радост, зашто тоа е радоста на Црквата, да евангелизира.

Знам дека преку Синодата го започнавте процесот на обнова и ви благодарам за тој чекор. Браќа и сестри, време е да се вратиме на тој почеток, под крстот, гледајќи ја првата христијанска заедница. Да се биде Црква која се грижи за пријателството со Исус и навестување на неговото Евангелие, а не за барање простор и внимание. Црква која во центарот има сведоштво, а не некој верски обичај. Црква која сака да ги сретне сите со запалена ламба на Евангелието, а не да биде затворен круг. Не плашете се да тргнете, како што веќе правите, по нови патишта на евангелизација и навестување, можеби дури и ризични, но кои го допираат животот, зашто тоа е радоста на Црквата, да евангелизира.

Да ги погледнеме повторно почетоците, Марија и Иван под крстот. Изворот на Црквата е нивниот меѓусебен чин на доверба. Имено, Господ на секого му ја доверува грижата за другиот: Иван на Марија и Марија на Иван, така што „од тој момент ученикот ја зеде при себе“ (Иван 19,27). Враќањето на почетокот значи и развивање на уметноста на прифаќање. Меѓу последните зборови на Исус од крстот, оние упатени до неговата Мајка и Иван нè поттикнуваат да прифатиме траен стил на ученик. Тоа, всушност, не беше обичен чин на побожност со кој Исус му ја доверил својата мајка на Иван за да не остане сама по неговата смрт, туку конкретен показател како да се живее врвната заповед, заповедта на љубовта. Обожавањето на Бог поминува преку близината со братот и сестрата.

Колку е важна во Црквата љубовта меѓу браќата и сестрите и прифаќањето на ближниот! Господ нè потсетува на тоа во часот на крстот, во меѓусебното прифаќање на Марија и Иван, охрабрувајќи ја христијанската заедница во сите времиња да не го изгуби овој приоритет. „Еве ти син“, „Еве ти мајка“ (сп. 26 – 27). Тоа е како да вели: Истата крв ве спасува, вие сте едно семејство, затоа прифатете се меѓусебно, сакајте се, лекувајте си ги раните. Без сомнежи, поделби, гласини, озборувања и недоверба. Браќа и сестри, направете „синода“ односно „одете заедно“. Зашто Бог е присутен таму каде што владее љубовта!

Предраги, меѓусебното прифаќање, не е чиста формалност, туку во името на Христос, е постојан предизвик. Предизвик е пред сè за нашите црковни односи, бидејќи нашето послание донесува плод ако работиме во пријателство и братско заедништво. Вие сте две убави заедници, Малта и Гозо, Гозо и Малта – затоа што не знам кој остров е прв и важен! -, исто како што Марија и Иван беа двајца! Затоа, зборовите на Исус од крстот нека ви бидат ѕвезда водилка, за меѓусебно прифаќање, за создавање близина, за работа во заедништво! И секогаш одете напред во евангелизацијата, зашто тоа е радоста на Црквата, да евангелизира..

Но, прифаќањето е, исто така индикаторски тест, кој проверува колку ефикасно Црквата е проткаена со духот на Евангелието. Марија и Иван се примени не во топлото засолниште на Џенаколо, туку под крстот, во тоа темно место каде што беа осудени и распнати како злосторници. И ние не можеме да се прифатиме меѓу себе, во сенката на нашите прекрасни Цркви, додека многу браќа и сестри надвор страдаат и се распнати од болка, беда, сиромаштија и насилство. Вие сте на клучна географска положба, со поглед на Медитеранот како точка на атракција и рај на спасот за многу луѓе кои се расеани од бурите на животот, кои доаѓаат на вашите брегови од различни причини. Во лицата на овие кутри луѓе, самиот Христос ви е претставен. Ова е искуството на апостол Павле, кој по страшниот бродолом беше срдечно прифатен од вашите предци. Делата на апостолите потврдуваат: „А домородците ни укажаа необична човекољубивост: нè примија сите и, бидејќи врнеше дожд, беше студено, та накладоа оган“(Дела 28,2).

Еве го Евангелието на кое сме повикани да го живееме: да прифатиме, да бидеме стручњаци за хуманост да го запалиме огнот на нежноста кога студенилото на животот демне над оние што страдаат. И во овој случај, од драматичното искуство се родило нешто важно, зашто Павле го проповедал и го ширел Евангелието, а потоа по неговите стапки тргнале многу навестители, проповедници, свештеници и мисионери. Охрабрени од Светиот Дух да го прошират Евангелието, зашто тоа е радоста на Црквата, да евангелизира.

Би сакал посебно да им се заблагодарам на бројните малтешки мисионери кои ја раширија радоста на Евангелието низ целиот свет, на бројните свештеници, монахињи и монаси и на сите вас. Како што вели вашиот бискуп монсињор Теума, ти си мал остров, но со големо срце. Вие сте богатство во Црквата и за Црквата. Ќе повторам: вие сте богатство во Црквата и за Црквата. За да се зачува, потребно е да се вратиме на сржта на христијанството: љубовта кон Бога, двигателот на нашата радост, кој нѐ принудува да излеземе и да одиме по патиштата на светот; и прифаќање на нашиот ближен, што е наше наједноставно и најубаво сведоштво на светот. Зашто тоа е радоста на Црквата, да евангелизира.

Господ нека ве придружува на овој пат, а Света Богородица нека ве води. Нека таа, која побара да молиме три „Радувај се Маријо“ за да нè потсети на нејзиното мајчинско срце, повторно да разгори во нас, на своите деца, оган на посланието и желбата да се грижиме едни за други. Богородица да ве чува и да ве придружува во евангелизацијата!

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот