Папата: Живееме во цивилизација на конфликти, средбата е неопходна за решавање на конфликтите

Папата: Живееме во цивилизација на конфликти, средбата е неопходна за решавање на конфликтите

Примајќи ги во аудиенција волонтерите на Алијансата на христијанските тела на меѓународната волонтерска служба (FOCSIV), по повод 50-годишнината од основањето на сојузот, Папата им врачи однапред подготвен текст и им се обрати со спонтан говор. Тој изрази загриженост за новата светска војна и ја пофали работата на волонтерите во Италија. Во говорот што го одржа ги спомена последните и мигранти, упатувајќи апел за мир кој денес се гази во Украина и на многу други места на нашата планета.

Живееме во цивилизација на конфликти. Војните се голем конфликт и денес никој не се сомнева дека ја проживуваме третата светска војна; во еден век, еден по друг конфликт… И воопшто не учиме, на светско ниво, но и на лично ниво – истакна папата Фрањо, уште еднаш предупредувајќи на опасност од нов светски конфликт.

Ова е дел од говорот на Светиот Отец што го одржа без претходно подготвен текст, обраќајќи им се на членовите на Федерацијата на христијанските тела на меѓународната волонтерска служба (FOCSIV), кои ги прими во аудиенција во понеделник 14 ноември 2022 година по повод 50-годишнината од основањето на сојузот, кој претставува 90 активни организации во повеќе од 80 земји во светот. Пофалувајќи го нивниот скапоцен придонес во борбата против сиромаштвото и маргинализацијата, во заштитата на човековото достоинство и унапредувањето на човековите права, Папата ја истакна вредноста на волонтерството – како што рече – една од најубавите работи.

Волонтерство кое излегува

Во волонтерството, имено, секој во својата слобода го избира патот кој е излегување кон другите, излегување со подадена рака, излегување како би се грижеле за другите – истакна Папата.

Можам да седам мирно дома и да гледам телевизија или да правам нешто друго… Но не, се обидувам да излезам. Волонтирањето е напор да се излезе и да се помогне на другите. Нема волонтирање на маса и пред телевизор. Волонтерството секогаш излегува, тоа е отворено срце, подадена рака, нозе подготвени за одење. Тоа значи излегување да се сретнеме и излегуваме за да дадеме.

Цивилизација на судири

Токму тоа излегување за да се сретнеме со други и да дадеме добива големо значење во светлина на моменталното време обележано со постојани судири и одлуки донесени врз основа на судирите. Патот што го предлагате, кој го живеете, а кој е вистински христијански предлог, е средба за решавање на конфликтите – нагласи римскиот бискуп.

Живееме во цивилизација на судири. Полесно е да се каже „Јас сум против ова, против она“ отколку да се каже „Јас сум за“. Тоа не кошта повеќе труд. Вие, напротив, излегувате да ги побарате луѓето, да најдете мажи и жени на кои им треба помош, на кои им треба подадена рака, да одите со нив, а не против нив.

Вложеното време го прави животот плоден

Потсетувајќи дека членовите на волонтерската мрежа работат бесплатно, без плата, не за да заработат за живот, туку како звање, Папата истакна дека вложувањето на нивното време е она што ги прави туѓите животи плодни. Затоа ги охрабри да продолжат по тој пат, кој – како што рече – е едно од богатствата на нивната италијанска култура. Ќе има проблеми – додаде тој – како и секаде, но проблемите треба да се решаваат со одење, дури и со расправија… Понекогаш е добра убава расправија затоа што помага добро да се разбереме, како браќа.

Браќата знаат да се расправаат, но без да го уништат она што е суштинско, братската врска. Тоа треба да го направиме, да ја бараме вистината; има различни гледишта, можеме да разговараме, но она што нѐ допира, она што секогаш останува е братството. Волонтерството е химна на братството, тоа е поттик да продолжиме да го правиме тоа. Затоа, продолжете да одите напред, помогнете во таа смисла, помагајте со тоа што ќе им дадете рака на луѓето.

Врачениот говор

И во врачениот говор, папата Фрањо го пофали италијанското волонтерство, кое – како што рече – е прекрасен знак на мајката Црква, која дава надеж во светот во кој владеат скандали на глад и војна, и конкретен одговор на оние кои веќе не веруваат во можен мир. Волонтирањето, всушност, покажува како секое мало секојдневно каменче може да изгради голем мозаик на братство.

Сенката на третата светска војна ја загрозува судбината на цели народи, со страшни последици по луѓето. Посебно мислам на постарите, жените и децата. Каква иднина градиме за новите генерации?

Ова прашање секогаш треба да ги следи одлуките на меѓународно ниво – истакна Папата во текстот, во кој изразува и надеж за свет на солидарност, во кој сите се чувствуваат прифатени и во кој не се принудени да се откажат од своите соништа.

Мир и развој

Зборувајќи за мирот, кој денеска е ранет и газен, Папата повторно ја спомена Украина и многу други места погодени од разни трагедии.

Кога нема мир, кога преовладуваат „причините“ за сила, луѓето страдаат, семејствата се разделуваат, најслабите остануваат сами. Со месеци гледаме сцени на уништување и смрт. Праведниот мир е неопходен услов за достоинствен живот, за градење подобра заедничка иднина.

Внимание кон мигрантите

Светиот Отец не ги заборави многуте млади луѓе кои се принудени да ја напуштат својата земја во потрага по достоинствен живот, како и мажите, жените и децата кои се соочуваат со нечовечки патувања и насилство од секаков вид, за да бараат подобра иднина, а не ги заборави и оние кои и понатаму умираат на патиштата на очајот, додека за нивната судбина се расправа или се врти на друга страна.

Принудната миграција – да се избега од војна, глад, прогон или климатски промени – е едно од големите зла на ова време, со кое можеме да се соочиме во корен само со гарантирање на вистински развој во секоја земја.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот