Папата до 19 нови свештеници: Бидете блиску до Божјиот народ

Папата до 19 нови свештеници: Бидете блиску до Божјиот народ

Евхаристијата е врвот на Господовата бесплатност. Не ја завалкувајте со ситни интереси.

Бидете блиску до Божјиот народ – рече папата Фрањо во Неделата на Добриот Пастир кога Црквата воедно го слави 56 Светски ден на молитва за духовни звања. Папата денес во базиликата Свети Петар ја предводеше светата Литургија за време на која ракоположи 19 свештеници. Осум од нив му припаѓаат на Свештеничкото братство Синови на крстот, еден на Семејство на учениците. Еден од нив е од Јапонија, други се од Хаити, еден од Хрватска, а мнозинството се со потекло од Италија.

Оние кои ја вршат службата на светата наука учествуваат во Христовото послание – рече Светиот Отец и напомена: Не се работи за културно здружение, ниту за синдикат. Ќе бидете учесници во Христовата служба. Потребно е да го читате и да размислувате за Словото Божјо. Не може да се проповеда без многу молитва со Библијата во рацете. Ако науката доаѓа од срцето и се раѓа од молитвата, тогаш е плодна. Господ сакаше да нѐ спаси бесплатно. Самиот рекол: Давајте го бесплатно она што бесплатно сте го примиле. Евхаристијата е врвот на Господовата бесплатност. Не ја завалкувајте со ситни интереси.

Во светата Тајна Покора ќе простувате гревови во името на Бог, Христос и Црквата – рече папата Фрањо и поттикна: Не се изморувајте да бидете милосрдни! Бидете милосрдни како Отецот, како што Исус бил милосрден кон нас. Со светиот елеј ќе давате утеха на болните. Бидете подготвени да губите време посетувајќи болни и оние на умирање. Свештеничката радост се наоѓа само на тој пат, настојувањата да Му се допадат на Бог Кој нѐ избрал. Свештеникот треба да биде блиску до Бог во молитвата, до епископот, до свештенството, до другите свештеници и до Божјиот народ. Имајте го секогаш пред очите примерот на Добриот Пастир кој не дојде за да му се служи, туку да служи, да бара и да го спасува она што е загубено – заврши Папата.

Во пораката за 56 Светски ден на молитва за духовни звања, Папата истакна дека Господовиот повик нѐ прави носители на ветувањата и истовремено од нас бара храброст да ризикуваме со Него и за Него. Господовиот повик не е вплеткување на Бог во нашата слобода; тоа не е кафез или товар кој ни е натоварен – пишува Светиот Отец и напоменува, напротив тоа е иницијатива полна со љубов со која Бог ни доаѓа во пресрет и нѐ повикува да влеземе во голем проект. Сака да бидеме учесници во тој проект, претставувајќи ни го хоризонтот на широкото море и изобилниот риболов.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот