Папата до членовите на Конгрегацијата за епископи: Црквата има потреба од скромни и веродостојни сејачи на вистината

На Црквата ѝ се потребни веродостојни пастири кои се грижат за сопственото стадо – истакна папата Фрањо во долгиот говор одржан на 27 февруари за членовите на Конгрегацијата за епископи. Папата многу детално говореше за мерилата кои би требало да ги вдахновуваат одлуките на епископот. Не ни треба менаџер – предупреди – епископот треба да биде понизен и храбар сведок на Воскреснатиот. На Црквата не ѝ требаат – додаде Папата – апологети или крстоносци, туку понизни сејачи кои се надеваат на вистината.

Потпишувајќи го именувањето на секој епископ, би сакал да можам да ја допрам сигурноста на вашето расудување – со тие зборови папата Фрањо истакна колку е важна работата на Конгрегацијата за епископи. Тој дикастериј постои како би можеле да се увериме дека името на оној кој е избран пред сè е изговорено од Господ – рече Светиот Отец, и тогаш наведе соодветен пример за епископ.

Потребен ни е некој кој ќе нè надгледува од високо; потребен ни е некој кој нè гледа со ширината на Божјото срце; не ни треба некој менаџер, овластен управител на некоја компанија, меѓутоа ни треба некој кој е на ниво на нашите маленкости или мали барања. Ни треба некој кој знае да се воздигне на висина на Божјиот поглед кон нас, како би нè повел до Него. Само во Божјиот поглед е нашата иднина – истакна Светиот Отец.

Во исто време – напомена потоа Папата – треба да се признае дека не постои некој „стандарден“ пастир за сите Цркви. Христос ја познава специфичноста на пастирот која го бара секоја Црква. Затоа нашиот предизвик е да влеземе во Христовата перспектива, водејќи сметка за специфичноста на партикуларните Цркви. Како би избрале такви службеници, сите треба да се воздигнеме над наклонетоста, симпатијата, припадноста или склоноста, и да влеземе во пространоста на Божјиот видик – објасни Папата и ги поттикна сите кои работат во Конгрегацијата за епископи својата задача да ја извршуваат професионално, служејќи, во светоста на животот, и во светиот немир.

Меѓутоа, се поставува прашањето: каде да се пронајде светлост за избор на пастир? Величината на Црквата секогаш се наоѓа – рече Папата – во најдлабоките понори на нејзините темели; иднината на Црквата секогаш пребива во нејзините почетоци. Истакнувајќи колку е важно единството на Црквата, непрекинатиот редослед на епископи, Светиот Отец забележа дека луѓето, страдајќи, веќе имале искуство на бројни прекиди; потребно им е во Црквата да го пронајдат она неизбришливо траење на првотната милост. Затоа прво мерило за опис на лицето на епископот е тоа дека е тој Христов сведок.

Епископот е оној кој знае да го направи актуелно сето она што му се случило на Исус, и најмногу, оној кој знае, заедно со Црквата да биде сведок на Неговото воскресение – истакна Папата и додаде – Епископот е пред сè маченик на Воскреснатиот. И не е некој осамен сведок, туку заедно со Црквата. Неговиот живот, како и неговата служба, треба да го направат Воскресението веродостојно.

Да се има храброст да се умре, великодушност да се даде сопствениот живот и да се потроши за стадото, запишани се во ДНК на епископатот. Одрекувањето и жртвата се во природата на епископското послание – истакна Светиот Отец, повторувајќи ги тие зборови два пати. Епископатот не е за себе, туку за Црквата, за стадото, за другите, особено за оние кои, според мислењето на светот, треба да се отфрлат – напомена Папата.

За препознавање на епископот не е потребно да се пребројуваат човечките, интелектуалните, културните, ниту пасторалните крепости – забележа Светиот Отец – Идентитетот на некој епископ не е математички збир на неговите крепости. Јасно е – додаде – дека ни е потребен некој кој се истакнува по својата честитост, христијанска темелност, верност кон Вистината, транспарентност и способност за управување. Меѓутоа, тие незаобиколни крепости треба да бидат израз за централно сведочење за Воскреснатиот, подредени на таа главна обврска. Две работи се притоа незаобиколни: совеста пред Бога, и колегијалното заземање. Не самоволието, туку заедничкото расудување. Никој не може да има сè во рацете – истакна Светиот Отец.

Неопходно е да се гарантира Божјата врховна власт. Одлуките не можат да бидат одредени со нашите копнежи, кои се условени од можни групирања, здружувања или хегемонии. А како би се гарантирала таа врховна власт потребни се – според зборовите на Папата – две темелни работи: совест пред Бога и колегијалност.

Потребни се чувари на науката, меѓутоа не затоа да се измери колку светот живее далеку од вистината која ја содржи, туку како светот би се воодушевил од убавината на љубовта, како би се освоил со понудената слобода која ни ја дарува Евангелието. На Црквата не ѝ требаат апологети на сопствените случаи, ниту крстоносци на сопствените битки, туку понизни сејачи кои се надеваат на вистината, кои знаат дека таа им е секогаш одново предадена, и кои се надеваат во нејзината сила.

Епископите, освен тоа, се трпеливи луѓе – рече Светиот Отец – свесни дека какол никогаш нема да има толку да го исполни полето. Секогаш треба – според зборовите на Папата – да се работи како сејачот кој се надева, одбегнувајќи го стравот на оние кои се залажуваат дека жетвата зависи само од неа, или пак однесувањето на учениците кои, занемарувајќи ги задачите, говорат како ништо повеќе да не може да се направи.

Напомнувајќи потоа дека епископите треба да бидат луѓе на молитва, Светиот Отец истакна дека човекот кој нема храброст да расправа со Господ во корист на својот народ, не може да биде епископ. Тоа – додаде Папата – го велам од срце, уверен сум во тоа; ниту пак оној кој не е во состојба да го преземе на себе посланието и да го поведе Божјиот народ до местото кое му го покажува Тој, Господ.

На Црквата ѝ се потребни веродостојни пастири, не господари на Словото, туку оние кои Му се предадени, кои се службеници на Словото – истакна потоа Папата и напомена дека наследството на некој епископ не е злато или сребро туку светост. Спомнувајќи го потоа документот ‘Lumen Gentium’ (Светло на народите), папата Фрањо на крајот истакна две обележја за грижата за стадото: истрајноста и секојдневноста. Тоа е посебно важно поради тоа што во нашето време тие две обележја често се поврзуваат со рутината и досадата. На стадото му е потребно да го пронајде своето место во срцето на пастирот – истакна Светиот Отец.

РВ/С.С.

Категорија: Ватикан

За авторот