Папата до фризерите: Работете ја својата работа во христијански стил

Папата до фризерите: Работете ја својата работа во христијански стил

На 29 април 2019 година, папата Фрањо ги прими во аудиенција фризерите членови на Комитетот на Свети Мартин де Порес. За време на средбата Папата го спомна тој перуански светец од Перу кој папата Павле VI го прогласи за заштитник на берберите и фризерите.

Еден од најпочитуваните светци во Латинска Америка беше во центарот на средбата на папата Фрањо со фризерите членови на Комитетот на Свети Мартин де Порес кои организираа ходочастие за да ги посетат гробовите на апостолите и за да се сретнат со Папата. Животот на тој монах доминиканец бил живот во најголема смиреност, озарен од љубовта – рече Папата. Свети Мартин де Порес самопрегорно се посветил на сиромашните и болните – истакна Папата, пружејќи им здравствени услуги благодарение на знаењата стекнати најпрво во една аптека, а потоа како ученик на еден бербер – хирург стекнат според обичаите во тоа време.

Понизниот и голем лик на свети Мартин де Порес кој папата свети Павле VI во 1966 година го прогласи за ваш заштитник ни помага постојано да ги сведочиме христијанските вредности – им рече Папата на присутните. Пред сè ве поттикнувам да ја вршите својата работа во христијански стил однесувајќи се кон клиентите љубезно и човечки имајќи за нив секогаш некој убав и охрабрувачки збор, избегнувајќи да паднете во искушението на озборувањето кое лесно се вовлекува и во вашата работна средина, сите тоа го знаеме – рече Папата и посака секој од нив во извршувањето на својата работа да може секогаш да делува исправно, давајќи така позитивен придонес за општото добро на општеството.

Канонизацијата на свети Мартин де Порес

Мартин де Порес за светец го прогласи свети Иван XXIII на 6 мај 1962 година. Со примерот на својот живот – истакна тогаш во проповедта папата Ронкали, Мартин ни покажува дека спасение може да се постигне преку патот на кој нè поучи Исус, односно ако пред сè го љубиме Бог со целото свое срце, со целата своја душа и со целиот разум и ако го љубиме ближниот како самиот себе.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот